Библијата е навистина Божја вдахновена Реч
ШТО, всушност, сакал да каже апостол Павле кога рекол дека Библијата е ‚вдахновена од Бог‘? (2. Тимотеј 3:16). Сакал да каже дека Бог, преку својот свет дух, ги водел писателите на Библијата да го напишат само она што Тој сакал да се запише.
Апостол Петар напишал дека библиските писатели ги ‚кажувале зборовите што доаѓале од Бог така како што ги водел светиот дух‘ (2. Петрово 1:21). Затоа апостол Павле можел да рече дека книгите од Библијата се ‚свети списи, кои можат да те направат мудар за да добиеш спасение преку верата која е во Христос Исус‘ (2. Тимотеј 3:15).
Многу луѓе жестоко оспоруваат дека Бог е автор на Библијата. Критичарите — честопати со она што археологот сер Чарлс Марстоун го нарекол „дрзок презир кон библиските текстови“ — остро ја напаѓаат веродостојноста на Библијата. Некои велат дека таа е само „стара збирка на митови и бајки“.
Разгледај ги доказите
Со оглед на сево ова, може ли да ѝ се верува на Библијата? Многу е важно да донесеш исправна одлука по ова прашање. Зошто? Затоа што, ако Библијата навистина содржи порака од Бог, би било неразумно — па дури и кобно — да не ѝ обрнеме никакво внимание. Ако ја сметаш за човечка, а не за Божја Реч, сосема е мала веројатноста дека ќе дозволиш таа да влијае врз твоите постапки и да ги обликува твоите верувања (1. Солуњаните 2:13).
Како можеш да одлучиш дали да ѝ веруваш на Библијата? Па, како проценуваш дали да им веруваш на луѓето што ќе ги сретнеш? Едно е сигурно: Многу е тешко да имаш вистинска доверба во некого што не го познаваш доволно. Само ако добро ги запознаеш луѓето, со текот на времето ќе знаеш дали се навистина искрени и дали можеш да им веруваш. Истиот принцип можеш да го примениш и на Библијата. Немој без размислување да прифатиш теории кои ја поткопуваат довербата во Библијата, а се темелат на шпекулации, па дури и на предрасуди. Одвој си време да ги разгледаш доказите што го поткрепуваат тврдењето на Библијата дека е ‚вдахновена од Бог‘.
Напади од таканаречените пријатели
Не обесхрабрувај се само затоа што дури и некои што се претставуваат како „пријатели“ на Библијата ја напаѓаат нејзината точност и веродостојност. Денес, повеќето библиски изучувачи, иако тврдат дека се христијани, „гледаат на Светото писмо само како на човечки записи“, стои во еден теолошки речник (New Dictionary of Theology).
Многу теолози го оспоруваат идентитетот на вистинските писатели на книгите од Библијата. На пример, некои велат дека пророкот Исаија не ја напишал книгата што го носи неговото име. Тврдат дека оваа библиска книга била напишана долго време откако живеел Исаија. Во едно свое дело, Лаутер Кларк тврди дека таа библиска книга е „производ на многу умови и поколенија“ (Concise Bible Commentary). Но, со таквите тврдења не се зема предвид фактот дека, секогаш кога Исус Христос и неговите ученици цитирале од оваа книга, не оспорувале дека нејзиниот писател е Исаија (Матеј 3:3; 15:7; Лука 4:17; Јован 12:38-41; Римјаните 9:27, 29).
Што е уште полошо, критичарите на Библијата, како што е изучувачот Џ. Р. Дамлоу, велат дека пророштвата од книгата Даниел „се само историски настани што авторот ги запишал како да се древни пророштва“. И со ова тврдење се отфрла сведоштвото на самиот Исус Христос. Тој предупредил дека ќе се појави една ‚гадотија која пустоши, за која зборувал пророкот Даниел, како стои на свето место‘ (Матеј 24:15). Дали е разумно еден христијанин да верува дека Исус Христос би учествувал во измама — дека би ги нарекол пророштво настаните што веќе се одиграле? Секако дека не.
Дали е важно тоа?
„Но, дали е навистина важно кој ги напишал книгите од Библијата?“, можеби ќе прашаш. Да, многу е важно. Колку ќе ти значи еден документ што наводно ја претставува последната желба и тестамент на некој твој пријател ако се утврди дека не го напишал тој? Што ќе се случи ако стручни лица го прогласат тој документ за фалсификат, и се открие дека, всушност, некои добронамерни пријатели го запишале она што тие сметале дека е желба на твојот пријател? Зарем со тоа не би се потврдило дека тој документ е неважечки? Дали би можел да имаш доверба дека навистина ги пренесува желбите на твојот пријател?
Истото важи и за Библијата. Не е чудо што толку многу луѓе — дури и оние што тврдат дека се христијани — воопшто не му обрнуваат внимание на она што го вели таа во врска со чесноста, моралот итн. Колку често си чул дека луѓето со потценување велат: „Ама тоа го пишува во Стариот завет!“ — како да не е толку важно штом стои таму. А ова го велат и покрај тоа што апостол Павле го нарекол Стариот завет ‚свети списи што се вдахновени од Бог‘.
Но, можеби ќе приговориш: „Се разбира, не може едноставно да се отфрлат доказите што ги изнесуваат сите стручњаци и изучувачи“. Секако дека не! На пример, благодарение на искрените изучувачи, денес знаеме како гласел изворниот текст на Библијата. Јасно е дека некои помали грешки се вовлекле во библискиот текст додека таа многупати била препишувана низ вековите. Сепак, не смееш да изгубиш од вид дека не е исто да се признае дека во преписите на Библијата се вовлекле некои мали грешки и да се отфрли целата Библија како човечка измислица.
Задржи вера во „светите списи“
Непосредно пред да каже дека Библијата е вдахновена од Бог, Павле му рекол на Тимотеј зошто бил толку важен тој вдахновен извештај. „Во последните денови“, рекол тој, „злите луѓе и измамниците ќе напредуваат од лошо на полошо. Ќе заведуваат други, а и самите ќе бидат заведени“ (2. Тимотеј 3:1, 13). Уште во времето на Павле, навидум ‚мудрите и умни‘ луѓе користеле „измамливи зборови“ за да ги заведат луѓето и да ја ослабнат нивната вера во Исус Христос (1. Коринќаните 1:18, 19; Колошаните 2:4, 8). За да се заштити од нивното влијание, апостол Павле го поттикнал Тимотеј да ‚остане во она што го научил од рано детство преку светите списи‘ што ги дал Бог (2. Тимотеј 3:14, 15).
Во овие ‚последни денови‘, важно е и ти да го направиш тоа. Не потценувај ја опасноста да бидеш заведен од многу „измамливи зборови“ што честопати ги кажуваат итрите луѓе. Наместо тоа, исто како христијаните во првиот век, заштити се така што ќе имаш целосна доверба во она што го учиш од Библијата — која е навистина вдахновена Божја Реч.
Јеховините сведоци со задоволство ќе ти помогнат да стекнеш вера во Библијата. На пример, тие можат да ти покажат дека низ целата историја луѓето можеле да имаат потполна доверба во библиските начела, дека Библијата не се коси со науката кога зборува за научни теми, дека е складна и доследна од првата до последната страница, дека нејзините пророштва се исполниле до најситен детаљ — и уште многу, многу други работи. Ако сакаш, слободно пиши им на издавачите на ова списание за да дознаеш што им помогнало на милиони искрени луѓе да сфатат дека Библијата е навистина Божја Реч.
[Истакната мисла на страница 5]
Како проценуваш дали да им веруваш на луѓето што ќе ги сретнеш?
[Истакната мисла на страница 6]
Благодарение на искрените изучувачи, денес знаеме како гласел изворниот текст на Библијата