Дали Библијата е Божја Реч?
„Целото Писмо е вдахновено од Бог и корисно за поучување, за укорување, за поправање, за воспитување во праведноста, за да биде Божјиот човек вистински способен и потполно опремен за секое добро дело“ (2. ТИМОТЕЈ 3:16, 17)
КОЛКУ се силни овие зборови на апостол Павле со кои сакал да покаже колку непроценлива вредност има Библијата! Се разбира, тој мислел на оној дел од Библијата што постоел во негово време — списите што денес обично се нарекуваат Стар завет. Но, општо земено, неговите зборови важат исто толку и за сите 66 книги од Библијата, вклучувајќи ги и оние што ги напишале верните ученици на Исус во првиот век од н.е.
Дали и ти ја цениш Библијата исто како Павле? Мислиш ли дека писателите на Библијата навистина биле вдахновени од Бог? Христијаните од првиот век биле уверени во тоа. Во вековите што следеле, таа верба воопшто не се разнишала. На пример, англискиот свештеник Џон Виклиф, кој живеел во 14 век, ја сметал Библијата за „непогрешливо мерило за вистината“. Во врска со зборовите на Павле кои беа цитирани во почетокот, во еден речник се вели дека самото тоа што Библијата „е вдахновена [од Бог] е гаранција дека сѐ што пишува во неа е точно“ (The New Bible Dictionary).
Изменети ставови кон Библијата
Меѓутоа, во поново време, довербата во Библијата сѐ повеќе се намалува. Во еден прирачник пишува: „Теоретски, сите христијани [сѐ уште] ја прифаќаат Библијата како меродавна, не само за да ги води во постапките туку и за да ги обликува нивните верувања“ (Религиите во светот — The World’s Religions). Меѓутоа, факт е дека, во пракса, тоа не е така. За многу луѓе денес Библијата е само „несигурна човечка традиција“. Иако признаваат дека нејзините писатели имале голема вера, во нивни очи тие се само грешни луѓе што се мачеле да објаснат длабоки духовни вистини, но не биле толку учени и просветлени како што сме ние денес.
Всушност, само малкумина во денешно време навистина дозволуваат Библијата да влијае врз нивните мисли и постапки. На пример, колку често може да се слушне како луѓето велат дека библиските мерила за моралот се старомодни и непрактични? Многумина си земаат слобода да ги разводнуваат библиските закони и начела — па дури и сосема да ги игнорираат кога тоа им оди во прилог. Некои тврдат дека се христијани, но дрско го отфрлаат она што го вели Библијата за блудот, прељубата, нечесноста и пијанството (1. Коринќаните 6:9, 10).
Зошто е така? Во почетокот на 20 век, археологот сер Чарлс Марстоун навел една причина во својата книга Библијата е вистинита (The Bible Is True). Тој рекол дека луѓето пребрзо и „без никаков приговор прифатиле многу теории на современите писатели“ кои ја напаѓале Библијата. Дали истото е случај и денес? Како треба да гледаш на ставовите и теориите на критичарите што ја поткопуваат довербата во Библијата? Да видиме што вели за тоа следната статија.