ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА Watchtower
ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА
Watchtower
македонски
ѐ
  • Ѐ
  • ѐ
  • Ѝ
  • ѝ
  • БИБЛИЈА
  • ПУБЛИКАЦИИ
  • СОСТАНОЦИ
  • w10 15/6 стр. 25-29
  • Црпи радост и сила од духовните работи!

За овој материјал нема видео.

Се појави проблем. Видеото не може да се отвори.

  • Црпи радост и сила од духовните работи!
  • Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 2010
  • Поднаслови
  • Сличен материјал
  • Во друштво на сохристијаните
  • Со службата
  • Со семејното проучување
  • Избегнувај работи што можат да те оптоварат
  • „Земете го мојот јарем на себе“
    Нашата служба за Царството 2008
  • Дојдете кај мене и јас ќе ве закрепнам
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство (за проучување) 2019
  • Ослободување од стресот — практичен лек
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 2001
  • „Јаремот мој е благ и бремето мое е лесно“
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 1995
Повеќе
Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 2010
w10 15/6 стр. 25-29

Црпи радост и сила од духовните работи!

„Земете го мојот јарем на себе... и ќе најдете поткрепа за своите души!“ (МАТ. 11:29)

1. Која била една од одредбите што Јехова ја дал на планината Синај, и со каква цел?

КОГА го склучил Сојузот на Законот со Израелците кај планината Синај, Јехова им заповедал секоја седмица да го држат денот за одмор. Преку својот гласник Мојсеј, Јехова им рекол: „Шест дена врши ја својата работа, а на седмиот ден остави ја работата за да си отпочинат твојот бик и твоето магаре и за да се одморат синот на твојата робинка и дојденецот“ (2. Мој. 23:12). Од обѕир кон оние што биле под Законот, Јехова љубезно одредил еден ден во седмицата во кој неговиот народ ќе можел ‚да се одмори‘.

2. Како им користел на Израелците денот за одмор?

2 Дали овој ден бил само за одмор? Не, напротив, тој бил составен дел од обожавањето на Јехова. На денот за одмор семејните поглавари имале време да ги поучуваат своите домашни „да се држат за Јеховиниот пат и да постапуваат според праведноста“ (1. Мој. 18:19). Исто така, семејствата и пријателите можеле да бидат заедно за да размислуваат за Јеховините дела и да уживаат во радосно дружење (Иса. 58:13, 14). Што е уште поважно, денот за одмор пророчки укажувал на времето кога, преку Христовото илјадагодишно Царство, човештвото ќе се одмори и ќе се радува во вистинска смисла на зборот (Рим. 8:21). Но, што да се каже за нашево време? Каде и како можат вистинските христијани, кои сакаат да се држат за Јеховините патишта, да црпат радост и сила?

Во друштво на сохристијаните

3. На кој начин си помагале христијаните во првиот век, и со каков резултат?

3 Апостол Павле рекол дека христијанското собрание е „столб и потпора на вистината“ (1. Тим. 3:15). Првите христијани многу си помагале со тоа што се храбреле едни со други и меѓусебно се изградувале во љубов (Еф. 4:11, 12, 16). Додека бил во Ефес, Павле многу се охрабрил кога го посетиле некои членови на коринтското собрание. Забележи како влијаела оваа посета врз него: „Се радувам што се овде Стефан и Фортунат и Ахаик“, рекол тој, „бидејќи... го закрепнаа моето срце“ (1. Кор. 16:17, 18). А кога Тит по вторпат отишол во Коринт за да им служи на тамошните браќа, Павле му го напишал следново на ова собрание: „Сите вие сте го закрепнале неговото срце“ (2. Кор. 7:13). И денес, Јеховините сведоци се чувствуваат закрепнати, односно охрабрени од изградувачкото дружење со своите браќа и сестри.

4. Зошто собраниските состаноци ни се извор на радост и охрабрување?

4 Ти знаеш од лично искуство дека собраниските состаноци се извор на голема радост. Таму можеме „заемно да се охрабриме“, ние со верата на другите, а тие со нашата (Рим. 1:12). Христијанските браќа и сестри не ни се обични познајници, луѓе со кои само површно се знаеме или ги среќаваме одвреме-навреме. Тие ни се вистински пријатели, луѓе што ги сакаме и ги почитуваме. Тоа што редовно сме заедно со нив на нашите состаноци ни е извор на голема радост и утеха (Филим. 7).

5. Како може меѓусебно да се храбриме на конгресите и на собирите?

5 Друг извор на радост и духовна сила се нашите собири и годишни конгреси. Покрај тоа што на овие поголеми собирања можеме да пиеме од животодавните води на вистината од Божјата Реч, Библијата, тие ни даваат можност ‚широко да ги отвориме своите срца‘ и да најдеме нови пријатели (2. Кор. 6:12, 13). Но, што ако сме срамежливи и ако ни е тешко да воспоставиме контакт со нови лица? Еден начин да се запознаеме со нашите браќа и сестри е да се ставиме на располагање да помагаме во некој оддел на конгресот. Откако помагала на еден меѓународен конгрес, една сестра рекла: „Освен семејството и неколкумина пријатели, не познавав речиси никого. Но, додека помагав со чистењето, запознав многу браќа и сестри! Ми беше толку убаво!“

6. Што би можеле да направиме кога сме на одмор?

6 Секоја година, Израелците патувале на три празници во Ерусалим за да го слават Јехова (2. Мој. 34:23). Тоа честопати значело да ги остават своите ниви и дуќани, и со денови да пешачат по правливи патишта. Сепак, кога ќе стигнеле во храмот и ќе виделе како оние што служат таму ‚го фалат Јехова‘, се исполнувале со радост и го славеле празникот со „голема веселба“ (2. Лет. 30:21). Многу Јеховини слуги денес исто така се радуваат кога патуваат со своето семејство за да го посетат Бетел, односно најблиската подружница на Јеховините сведоци. Може ли да испланирате една ваква посета следниот пат кога ќе бидете на одмор?

7. а) Како може да ни користи дружењето? б) Како може дружењето да биде охрабрувачко и да ни остане во пријатно сеќавање?

7 Можеме да се охрабриме и ако се дружиме со семејството и пријателите. Мудриот цар Соломон рекол: „За човекот нема ништо подобро отколку да јаде и да пие и душата да му ужива во добрите работи од неговиот труд“ (Проп. 2:24). Дружењето не само што ја закрепнува душата туку и ја зајакнува нашата љубов кон сохристијаните, бидејќи така ги запознаваме уште подобро. За да биде охрабрувачко и да ни остане во пријатно сеќавање, најдобро е дружењето да биде во помала група и да биде соодветно надгледувано, особено ако се служи алкохол.

Со службата

8, 9. а) Во што се разликувала пораката на Исус од учењата на книжниците и фарисеите? б) Како ни користи тоа што зборуваме со другите за библиските вистини?

8 Исус ревносно ја вршел службата, а ги поттикнал и своите ученици да ја вршат на таков начин. Ова јасно се гледа од следните негови зборови: „Жетвата е голема, а работници има малку. Затоа, молете го Господарот на жетвата да испрати работници на својата жетва“ (Мат. 9:37, 38). Пораката што ја објавувал Исус им носела вистинско олеснување и радост на луѓето — таа била „добра вест“ (Мат. 4:23; 24:14). Колку само се разликувала од крутите правила со кои фарисеите им го отежнувале животот! (Прочитај Матеј 23:4, 23, 24.)

9 Кога им ја пренесуваме пораката за Царството на другите, им помагаме да ги задоволат своите духовни потреби, но истовремено расте и нашето разбирање и ценење за скапоцените библиски вистини. Затоа, псалмистот рекол: „Фалете го Јах, зашто е добро со песна да се слави нашиот Бог, прекрасно е“ (Пс. 147:1). Можеш ли да чувствуваш уште поголема радост во службата додека разговараш со своите ближни и го фалиш Јехова?

10. Дали нашиот успех во службата зависи од тоа колку луѓето ја прифаќаат нашата порака? Објасни.

10 Точно, на некои подрачја луѓето поспремно ја прифаќаат добрата вест отколку на други. (Прочитај Дела 18:1, 5-8.) Ако живееш на подрачје каде што главно не сакаат да ја слушаат пораката за Царството, труди се да мислиш на доброто што го постигнуваш со својата служба. Имај на ум дека не е залудно тоа што и понатаму се трудиш да го објавуваш Јеховиното име (1. Кор. 15:58). Освен тоа, нашиот успех во службата не се мери по тоа дали луѓето ја прифаќаат добрата вест или не. Можеме да бидеме уверени дека Јехова ќе се погрижи да им се даде можност на сите искрени лица да ја слушнат пораката за Царството (Јован 6:44).

Со семејното проучување

11. Каква одговорност им дал Јехова на родителите, и како можат да ја исполнат?

11 Родителите што му служат на Бог се должни да ги поучуваат своите деца за Јехова и за неговите патишта (5. Мој. 11:18, 19). Ако си родител, дали плански одвојуваш време да ги поучуваш децата за нашиот грижлив небесен Татко? За да ти помогне да ја исполниш оваа сериозна одговорност и да ги задоволиш потребите на семејството, Јехова обезбедува изобилство од здрава духовна храна во облик на книги, списанија, видеопрограми и аудиоснимки.

12, 13. а) Како можат семејствата да извлечат корист од Семејната вечер? б) Што можат родителите да направат за Семејната вечер да биде извор на охрабрување?

12 Освен тоа, верниот и разборит роб ни овозможи да одржуваме и Семејна вечер посветена на Јехова. Тоа, всушност, е вечер која ја одвојуваме секоја седмица за да ја проучуваме Библијата заедно со семејството. Таа им помогнала на мнозина да се зближат уште повеќе еден со друг и да го зајакнат својот однос со Јехова. Но, што можат родителите да направат за семејното проучување навистина да биде извор на духовно охрабрување?

13 Семејната вечер посветена на Јехова не треба да биде здодевна или премногу формална. Впрочем, ние му служиме на „среќниот Бог“, кој сака тоа служење да ни причинува радост (1. Тим. 1:11; Фил. 4:4). За нас е вистински благослов што имаме слободна вечер кога можеме да разговараме за духовните бисери што ги наоѓаме во Библијата. Родителите можат да применуваат најразлични методи во поучувањето и притоа да бидат досетливи и да ја користат својата фантазија. На пример, едно семејство го слушало излагањето на својот десетгодишен син Брендон, кој зборувал на тема „Зошто во Библијата Сатана е спореден со змија?“ Ова прашање го измачувало Брендон бидејќи тој сака змии и му било чудно што Библијата ги поврзува со Сатана. Освен тоа, некои семејства одвреме-навреме изведуваат библиски драми, при што секој член од семејството — во улога на некој библиски лик — го чита или, пак, го одглумува својот дел од Библијата. Не само што ваквите методи на поучување се интересни за децата туку им го задржуваат и вниманието на она што се обработува, па на тој начин библиските начела полесно можат да допрат до нивното срце.a

Избегнувај работи што можат да те оптоварат

14, 15. а) Како стресот и несигурноста се зголемиле во овие последни денови? б) На какви додатни стресови можеби сме изложени?

14 Во последните денови на овој злобен свет, стресот и несигурноста сѐ повеќе се зголемуваат. Милиони луѓе се без работа или се погодени од други економски тешкотии. Дури и на тие што се вработени честопати им се чини дека ги носат заработените пари дома во дупнати џебови, зашто едвај стигнуваат да врзат крај со крај. (Спореди со Агеј 1:4-6.) Освен тоа, изгледа дека политичарите и другите влијателни личности безнадежно се борат со тероризмот и со други извори на злото. А мнозина се измачувани и од сопствените слабости и грешки (Пс. 38:4).

15 Вистинските христијани не се имуни на проблемите и притисоците од Сатановиот свет (1. Јов. 5:19). Понекогаш Христовите ученици се изложени и на додатни стресови затоа што се трудат да му останат верни на Јехова. Исус рекол: „Ако ме прогонуваа мене, ќе ве прогонуваат и вас“ (Јован 15:20). Сепак, дури и кога сме прогонувани „не сме напуштени“ (2. Кор. 4:9). Зошто може да го кажеме ова?

16. Што може да ни помогне да останеме радосни?

16 Исус рекол: „Дојдете кај мене сите вие што сте изморени и оптоварени, и јас ќе ве закрепнам“ (Мат. 11:28). Со тоа што имаме силна вера во Христовата откупнина, ние, на некој начин, се ставаме во Јеховини раце. Така добиваме „сила, која ја надминува нормалната“ (2. Кор. 4:7). „Помошникот“, односно Божјиот свет дух, многу ја зајакнува нашата вера, и така ни помага не само да ги издржиме испитите и неволјите што ги имаме туку и да останеме радосни (Јован 14:26; Јак. 1:2-4).

17, 18. а) Од кој дух треба да се пазиме? б) Што може да се случи ако ги ставиме на прво место световните задоволства?

17 Денес, вистинските христијани треба да внимаваат да не се изложуваат прекумерно на влијанието на овој свет кој е луд по задоволства. (Прочитај Ефешаните 2:2-5.) Во спротивно, би можеле да им подлегнеме на „желбата на телото и желбата на очите и истакнувањето на својот имот“ (1. Јов. 2:16). Или, би можеле погрешно да заклучиме дека ќе ни биде поубаво ако им се препуштиме на желбите на телото (Рим. 8:6). На пример, во потрага по сетилни задоволства, некои се оддале на алкохол и дрога, на порнографија, почнале да се занимаваат со екстремни спортови или разни други недозволени активности. ‚Сплетките‘ на Сатана се наменети да ги заведат луѓето со тоа што им даваат искривена претстава за тоа што може да им донесе вистинско задоволство и радост (Еф. 6:11).

18 Се разбира, нема ништо лошо човек да јаде, да пие и да се забавува на здрав начин, доколку сето ова го прави умерено. Сепак, не дозволуваме тие работи да ни станат најважни во животот. Мора да бидеме урамнотежени и да се самосовладуваме, особено ако имаме предвид во какво време живееме. Таквите работи можат толку да нѐ оптоварат и исцрпат, што постои опасност да станеме „бесплодни“ во духовна смисла (2. Пет. 1:8).

19, 20. Како можеме да најдеме вистинска поткрепа?

19 Кога размислуваме во склад со Јеховините начела, сфаќаме дека секое задоволство што го нуди овој свет е моментално. Мојсеј го разбрал тоа, а го разбираме и ние (Евр. 11:25). Факт е дека вистинска поткрепа, односно длабоко и трајно чувство на радост и задоволство, ќе добиеме само ако ја вршиме волјата на нашиот небесен Татко (Мат. 5:6).

20 Затоа, и понатаму да црпиме радост и сила од духовните работи. Правејќи така, ќе покажеме дека ‚се откажуваме од безбожноста и од световните желби додека го чекаме исполнувањето на нашата прекрасна надеж и славното појавување на великиот Бог и на нашиот Спасител, Христос Исус‘ (Тит 2:12, 13). Да бидеме решени да останеме под јаремот на Исус така што ќе се подложуваме на неговата власт и упатства. Само така ќе најдеме вистинска среќа и задоволство.

[Фуснота]

a Нешто повеќе за тоа како може семејното проучување да биде интересно и корисно може да се најде во Стражарска кула од 15 октомври 2009, страници 29-31.

Како би одговорил?

• Што е вистинска поткрепа за Јеховиниот народ денес?

• Како службата нѐ охрабрува нас и оние на кои им проповедаме?

• Што можат да сторат семејните поглавари за Семејната вечер да биде охрабрувачка за семејството?

• Кои работи можат духовно да нѐ оптоварат и да нѐ исцрпат?

[Слики на страница 26]

Ако го прифатиме јаремот на Исус, ќе бидеме зајакнати на многу начини

    Публикации на македонски јазик (1991 — 2025)
    Одјави се
    Најави се
    • македонски
    • Сподели
    • Подесување
    • Copyright © 2025 Watch Tower Bible and Tract Society of Pennsylvania
    • Услови за користење
    • Полиса за приватност
    • Поставки за приватност
    • JW.ORG
    • Најави се
    Сподели