„Прекрасен надгледник и драг пријател“
ЏОН (ЏЕК) БАР, кој служеше како член на Водечкото тело на Јеховините сведоци, го заврши својот живот на Земјата во сабота наутро, на 4 декември 2010 год. Тој имаше 97 години. Беше познат како „прекрасен надгледник и драг пријател“.
Брат Џек Бар се родил во Абердин (Шкотска) како најмало од трите деца. И двајцата негови родители биле помазаници. Брат Бар честопати со задоволство раскажуваше за своето детство. Беше многу благодарен за одличниот пример на своите сакани родители.
Како младич на 13-ина години, на Џек му било многу тешко да зборува со непознати луѓе. Сепак, се трудел да го надмине овој проблем, и едно неделно попладне во 1927 год., кога имал 14 години, му кажал на својот татко дека сака да проповеда заедно со него од куќа до куќа. Тоа било почеток на неговата служба за Јехова. Од тој ден па сѐ до својата смрт, брат Бар ревносно ја проповедаше добрата вест.
Една несреќа во која неговата сакана мајка за малку ќе загинела, го навела младиот Џек сериозно да размисли за смислата на животот. Тој му се заветувал на Јехова во 1929 год., а се крстил штом му се укажала првата прилика, во 1934 год. Во 1939 год. станал член на бетелското семејство во Лондон. Така ја започнал својата долгогодишна полновремена служба, која траела 71 година.
На 29 октомври 1960 год., брат Бар се ожени со Милдред Вилет, која со години пред тоа служеше како ревносна пионерка и мисионерка. За својот брак, тој имаше обичај да каже дека е една „многу посебна врска“. Брат и сестра Бар беа примерен и верен брачен пар, сѐ до октомври 2004 год. кога Милдред го заврши својот живот на Земјата. Откако стапија во брак, брат и сестра Бар секојдневно читаа заедно дел од Библијата.
Оние што го познаваа Џек Бар ќе го паметат како човек што секогаш знаеше да даде мудри совети кои беа урамнотежени, љубезни и цврсто се темелеа на Библијата. Тој беше вреден работник, обѕирен и грижлив надгледник, и верен пријател. Од неговите коментари, говори и молитви се гледаше колку многу ја сака вистината и колку е близок со Јехова.
Иако нашиот мил брат Бар ќе ни недостига, се радуваме со него што прими бесмртност како дар — чест која многу му значеше и за која често зборуваше. Тој навистина водеше живот достоен на својот позив (1. Кор. 15:53, 54).a
[Фуснота]
a Животната приказна на брат Џон Е. Бар излезе во англиското издание на Стражарска кула од 1 јули 1987, страници 26-31.