Кога била пишувана Библијата?
Библијата е посебна книга. Повеќе од три милијарди луѓе ја сметаат за света. Таа е најпродаваната книга на сите времиња и се проценува дека се отпечатени 6 милијарди примероци (во целост или само делови од неа) на преку 2.400 јазици.
ИАКО Библијата е најчитаната книга на светот, постојат разни мислења за тоа кога била напишана. Ова особено важи за Хебрејските списи, наречени и Стар завет. Можеби во многу списанија и книги си читал за некои од тие теории, или можеби си гледал документарни филмови во кои библиските изучувачи ги објаснуваат своите ставови. Еве неколку изјави кои ги одразуваат денешните гледишта.
▪ „Библиските текстови биле пишувани главно од 8 до 6 век пр.н.е., односно во периодот меѓу пророците Исаија и Еремија.“
▪ „Библиските изучувачи во изминативе двесте години сметаат дека Хебрејските списи биле напишани и составени главно во персискиот и грчкиот период (од 5 до 2 век пр.н.е.).“
▪ „Целиот текст на Хебрејските списи во својот сегашен облик датира од грчкиот период (најдоцна од 2 и 1 век [пр.н.е.]).“
Каков став кон овие противречни мислења треба да има еден христијанин кој верува дека „целото Писмо е вдахновено од Бог“? (2. Тимотеј 3:16). За да дојдеме до одговорот, да видиме што вели самата Библија и што велат критичарите.
Што вели Библијата
Во Хебрејските списи обично се спомнува и времето кога се одиграле одредени настани. Благодарение на тоа дознаваме дека првите книги биле напишани во деновите на Мојсеј и Исус Навин, пред околу 3.500 години.a Самоил, Давид, Соломон и други Божји слуги ги напишале своите книги во текот на 11 век пр.н.е. По нив биле напишани историските, поетските и пророчките книги, кои датираат од 9 до 5 век пр.н.е.
Свитоците од Мртвото Море содржат цели или делови од овие библиски книги, со исклучок на книгата за Естира. Датирањето со помош на јаглерод-14 (радиоактивен јаглерод) и на темел на палеографијата (проучување на древните ракописи) потврдува дека најстарите свитоци потекнуваат некаде од 2 век пр.н.е.
Што велат критичарите
Тоа што Библијата тврди дека е вдахновена од Бог е една од главните причини поради која се доведува во прашање нејзината хронологија. Во врска со тоа, во една своја книга професор Волтер К. Кајсер пишува: „На [Библијата] не може да ѝ се верува заради тоа што самата за себе вели дека е книга од Бог, заради чудата што се опишани во неа, како и заради тоа што зборува за Бог“ (Документите од Стариот завет — The Old Testament Documents). Изучувачите кои не веруваат дека Библијата е од Бог сметаат дека таа треба да се анализира со критичко око, како и секоја друга книга.
Извесно време, Дарвиновата теорија на еволуцијата се користеше за да се објасни дека и религиите еволуирале од едноставни кон посложени. Во почетокот се обожавала природата (анимизам), а потоа почнале да се обожаваат разни богови (политеизам). Постепено се развила идејата да се обожава само едно божество (монотеизам). Бидејќи во првите библиски книги се зборува за обожавање на еден Бог, некои сметаат дека тие книги мора да биле напишани многу подоцна отколку што се тврди во нив.
Оттогаш, библискиот критицизам тргнал во многу правци. На пример, под лупа е ставен стилот на кој е напишан текстот во Библијата, историската точност на нејзините извештаи, начинот на кој тие извештаи се поврзани со традиционалните верувања итн.
Иако изучувачите имаат различни мислења во врска со времето кога биле напишани библиските книги, многумина се согласуваат со теоријата на професор Р. Е. Фридман, кој вели: „Во период од стотици години, древните писатели пишувале поезија, проза и закони. Подоцна, на темел на тие текстови, други писатели ја составиле Библијата“.
Една книга во која се изнесени различни критички гледишта за Библијата го вели следново: „Иако изучувачите со здружени сили ја изразуваат својата недоверба во Светото писмо, секој од нив е цврсто убеден во својата теорија и остро ги критикува гледиштата на другите изучувачи“ (Верата, традицијата и историјата — Faith, Tradition, and History).
Во одбрана на библиската хронологија
Првите библиски книги биле пишувани на распадливи материјали. Според тоа, не е реално да очекуваме дека некогаш ќе бидат пронајдени оригиналните ракописи, односно првобитните текстови напишани во времето на Мојсеј, Исус Навин, Самоил или Давид. Меѓутоа, можно е да се проучат историските факти кои даваат индиректни докази. Тие покажуваат дека е разумно да се прифатат датумите наведени во самата Библија, како што тоа го направиле многу изучувачи и археолози. Што ни покажуваат тие докази? Да наведеме неколку примери.
▪ Дали на Блискиот Исток постоеле пишани текстови пред 3.500 години кога, како што покажува Библијата, живееле Мојсеј и Исус Навин? Во древните Месопотамија и Египет се пишувале историски, религиозни, правни и литературни текстови. А што е со текстовите што ги напишале Мојсеј и други Израелци? Одговорот го наоѓаме во еден старозаветен речник: „Немаме причина да се сомневаме дека во доцното бронзено време [од 1550 до 1200 год. пр.н.е.] во Ханаан постоеле пишани текстови“. Во истиот речник понатаму стои: „Од гледна точка на древната книжевност, нема докази кои покажуваат дека Мојсеј не ги напишал текстовите за кои се вели дека ги напишал тој. Истото важи и за другите писатели“ (2. Мојсеева 17:14; 24:4; 34:27, 28; 4. Мојсеева 33:2; 5. Мојсеева 31:24).
▪ Дали писателите на Библијата се осврнувале на други древни текстови? Да, некои од нив се осврнуваат на ‚книги‘, кои можеби претставувале државни документи, родословија, историски дела и племенски или семејни документи (4. Мојсеева 21:14; Исус Навин 10:13; 2. Самоилова 1:18; 1. Царевите 11:41; 2. Летописи 32:32).
▪ Зошто не се пронајдени библиски текстови постари од Свитоците од Мртвото Море? Списанието Biblical Archaeology Review објаснува: „Текстови напишани на папирус и кожа не се пронајдени во поголемиот дел од Палестина туку само во многу сушни предели, како што се областите околу Мртвото Море. Таквите материјали се распаѓаат во допир со влага. Значи, тоа што не се пронајдени воопшто не е доказ и дека не постоеле“. Всушност, откриени се стотици глинени печати кои биле ставани на документите. Текстовите на папирус и кожа биле уништени од оган или влага, но глинените печати останале. Тие датираат од 9 до 5 век пр.н.е.
▪ Како биле зачувани библиските ракописи? Во книгата Вистината за Библијата (The Bible as It Was) стои: „Извештаите, псалмите, законите и пророштвата што ги читаме денес како дел од Светото писмо сигурно биле препишувани многу пати, дури и во периодот кога Библијата сѐ уште не била целосно завршена... Тоа што овие текстови биле повеќепати препишувани во времето кога сѐ уште не била напишана целата Библија покажува дека се користеле, дека биле дел од секојдневниот живот на луѓето... Никој не би се мачел да препишува текстови од кои немало никаква корист“ (5. Мојсеева 17:18; Изреки 25:1).
Тоа значи дека првите библиски книги биле постојано препишувани во период од речиси 1.500 години, сѐ до првиот век од н.е. Овој процес на точно препишување вклучувал „менување на застарените граматички форми и правопис, процес кој се одвивал низ целиот Блиски Исток“, пишува во книгата За веродостојноста на Стариот завет (On the Reliability of the Old Testament).b Ова го доведува во прашање критицизмот врз основа на стилот на пишување.
Кога била пишувана Библијата?
Разумно ли е да се тврди дека тоа што не се пронајдени ракописи од времето на Мојсеј, Исус Навин, Самоил и други писатели докажува дека библиските книги не биле напишани во тоа време? Многу изучувачи се согласуваат дека отсуството на докази не е и доказ дека тие не постојат. Реално гледано, колку текстови напишани на распадливи материјали можеле да останат зачувани до денешно време? На пример, египтологот К. А. Кичен смета дека повеќе не постои речиси ниту еден египетски папирус напишан пред грчко-римскиот период.
Оние што имаат ценење за Библијата можеби се прашуваат: ‚Како гледал Исус на Хебрејските списи?‘ Тој никогаш не го ставил под знак прашалник времето кога се случиле настаните опишани во нив. Очигледно е дека Исус, како и Евреите општо земено, не се сомневал во хронолошките податоци од Светото писмо. А дали за него било спорно кои биле писателите на првите библиски книги?
Исус се осврнал на списите на Мојсеј. На пример, ја спомнал „книгата на Мојсеј“ (Марко 12:26; Јован 5:46). Се осврнал и на она што е запишано во 1. Мојсеева (Матеј 19:4, 5; 24:37-39), 2. Мојсеева (Лука 20:37), 3. Мојсеева (Матеј 8:4), 4. Мојсеева (Матеј 12:5) и 5. Мојсеева (Матеј 18:16). Исус рекол: „Мора да се исполни сѐ што е напишано за мене во Мојсеевиот закон, во Пророците и во Псалмите“ (Лука 24:44). Ако не се сомневал дека Мојсеј и други писатели напишале извесни книги од Библијата, сигурно ги прифатил како точни и хронолошките информации во Хебрејските списи.
Според тоа, кога била пишувана Библијата? Дали можеме да се потпреме на хронолошките податоци што се изнесени во неа? Во оваа статија ги разгледавме гледиштата на многу критичари, како и она што го вели самата Библијата, индиректните историски докази и гледиштето на Исус. Дали и ти ќе одговориш како Исус, кој во молитва му рекол на својот Татко, Јехова Бог: „Твојата реч е вистина“ (Јован 17:17)?
[Фусноти]
a Нешто подетално за библиската хронологија можеш да прочиташ во книгата Увид во Светото писмо, том 1, страници 447-467 (англ.), издадена од Јеховините сведоци.
b Види ја статијата „Древните писари и Божјата реч“ во Стражарска кула од 15 март 2007 год., страници 18-20.
[Табела/слики на страници 20-23]
(Види во публикацијата)
(Временската линија ги покажува годините кога отприлика биле напишани одделни библиски книги)
2000 пр.н.е.
1800
[Слика]
Египетските писари пишувале текстови уште пред Мојсеј
[Извор на слика]
© DeA Picture Library/Art Resource, NY
1600
[Слика]
Мојсеј завршил со пишување на 1. Мојсеева во 1513 пр.н.е. Користел материјали што подлежат на оштетување
1. Мојсеева 1513 пр.н.е.
Исус Навин
1400
1200
Самоил
1000 пр.н.е.
[Слика]
Пронајдени се стотици глинени печати
900 до 500 пр.н.е.
Јона
800
Исаија
600
Еремија
Даниел
[Слика]
Свиткан документ од папирус, врзан со врвка на која е ставен глинен печат
449 пр.н.е.
[Извор на слика]
Brooklyn Museum, Bequest of Theodora Wilbour from the collection of her father, Charles Edwin Wilbour.
400
200
[Слика]
Свитоците од Мртвото Море биле завиткани во платно и зачувани во ќупови. Тие се најстарите библиски ракописи што се пронајдени
200 до 100 пр.н.е.
[Извор на слика]
Shrine of the Book, Photo © The Israel Museum, Jerusalem