Животна приказна
„Во твојата десница е вечното блаженство“
Раскажала Лоиз Дидер
Колкупати во животот сте си рекле: ‚Ех, камо да не го направев тоа‘? По 50 години полновремена служба, воопшто не жалам што одлучив да служам покрај Јеховината десница. Да ви раскажам нешто повеќе за благословите што ги доживеав во службата за Бог.
РОДЕНА СУМ во 1939 год. и пораснав на село во Саскачивен (Канада) заедно со четири сестри и еден брат. Животот на фармата беше убав. Еден ден, кај татко ми дојдоа Јеховини сведоци, и јас ги прашав дали Бог има име. Тие ни го покажаа Неговото име, Јехова, во Псалм 83:18. Тоа уште повеќе ме заинтересира за Бог и за неговата Реч.
Во тоа време, децата од фармите учеа до осмо одделение во селски училишта во кои имаше само една училница. Некои одеа на училиште јавајќи на коњ, а други долго пешачеа. За сместување и издржување на учителот се грижеа семејствата на учениците. Една година му дојде редот на моето семејство да обезбеди сместување за новиот учител, Џон Дидер.
Тогаш не знаев дека и овој младич многу се интересира за Божјата Реч. Еднаш почнав да му зборувам пофално за комунизмот и за социјализмот, за кои во тоа време се залагаше татко ми. Но, Џон смирено рече: „Ниту еден човек нема право да владее над други луѓе. Само Бог има такво право“. Оттогаш честопати водевме интересни разговори.
Џон, кој беше роден во 1931 год., имаше слушано многу за страдањата што ги носи војната. Кога во 1950 год. изби Корејската војна, тој праша неколку свештеници дали е во ред еден христијанин да биде војник. Сите рекоа дека христијаните смеат да војуваат. Подоцна им го постави истото прашање и на Јеховините сведоци. Тие му го објаснија библискиот став кон војната што го зазеле првите христијани. Џон се крсти во 1955 год., а следната година се крстив и јас. И двајцата сакавме да го користиме својот живот и сила за да му служиме на Јехова (Пс. 37:3, 4). Се венчавме во јули 1957 год.
Многу често нашата годишнина од бракот се паѓаше за време на летниот конгрес. Бевме среќни што на тој значаен датум можевме да бидеме во друштво на илјадници други кои имаа почит кон бракот. Првпат присуствувавме на меѓународен конгрес во 1958 год. Јас и Џон тргнавме со кола за Њујорк заедно со уште тројца други Сведоци. Патувавме цела недела — возевме преку ден, а ноќе спиевме во шатор. Бевме пријатно изненадени кога еден брат, кој штотуку го запознавме во Бетлхем (Пенсилванија), нѐ покани да преноќеваме кај него една вечер. Благодарение на неговата гостољубивост можевме да стигнеме во Њујорк чисти и уредни. Тој огромен конгрес уште повеќе нѐ увери дека служењето на Јехова навистина е извор на неопислива радост! Нѐ потсети на зборовите на псалмистот, кој напишал: „Во твојата десница е вечното блаженство“ (Пс. 16:11).
ПИОНЕРСКА СЛУЖБА
Една година подоцна, во 1959, служевме како пионери и живеевме во една монтажна куќа на врвот на едно ритче во Саскачивен. Пред нас се протегаше бескрајна рамница, а ние требаше да им проповедаме на многу од луѓето што живееја таму.
Еден ден добивме интересно писмо од подружницата. Веднаш отрчав да му го однесам на Џон, кој го поправаше тракторот. Писмото, всушност, беше покана да служиме како специјални пионери во Ред Лејк (Онтарио). Бидејќи не знаевме каде е тоа место, брзо отворивме мапа за да го најдеме.
Новото подрачје беше чиста спротивност на широките рамници! Нѐ пречекаа огромни шуми и мали гратчиња сместени во близина на рудници за злато. Додека баравме сместување првиот ден, едно девојче го слушна нашиот разговор со нивната сосетка и отрча да ѝ каже на мајка ѝ. Таа љубезно нѐ прими кај нив. Нашиот кревет беше во еден подрум со земјени ѕидови и земјен под. Следниот ден најдовме една дрвена куќичка со две соби, во која немаше водовод ни мебел туку само едно ќумбе. Купивме неколку работи на старо од една продавница, и тоа беше сѐ што ни требаше.
Најблиското собрание беше на 209 километри од нас. Многу од рударите беа дојдени од Европа, и нѐ замолија ако може да им набавиме Библии на нивниот мајчин јазик. За кратко време, водевме 30 напредни библиски студии. За шест месеци, беше основано мало собрание.
Сопругот на една жена со која проучувавме му се јави на неговиот свештеник да дојде и да ја вразуми. Кога се сретнавме, свештеникот рече дека би требало да ги учиме луѓето за работи како што е тројството. Интересентката ја донесе нивната католичка Библија и побара од него да покаже каде го пишува она што го вели тој. Но, свештеникот ја фрли Библијата на масата велејќи дека нема што тој да покажува. На заминување, им рече на украински дека треба да нѐ исфрлат од куќата и никогаш повеќе да не нѐ примат. Тој не знаеше дека Џон разбира украински!
Кратко потоа, заминавме од Ред Лејк бидејќи Џон требаше да добие обука за покраински надгледник. Но, по речиси една година, кога одржа говор за крштавање на обласниот конгрес, мажот на нашата интересентка беше меѓу оние што се крстија! Токму средбата со свештеникот го поттикнала самиот да се заинтересира за Библијата.
ПАТУВАЧКА СЛУЖБА
Во патувачкото дело, имавме убава можност да престојуваме кај различни семејства. Многу се зближивме со оние што го делеа својот дом со нас. Една зима, спиевме кај постара сестра во една соба каде што немаше греење. Рано наутро, сестрата ќе влезеше тивко во собата и ќе запалеше оган во шпоретчето. Кратко потоа се враќаше со леген и со топла вода за да може да се измиеме. Научив многу од нејзината обѕирност и љубезност.
Патувачката служба ми помогна да се зближам со Јехова. Во една покраина во Алберта имаше рударско гратче на далечниот север, каде што живееше само една сестра. Како гледаше Јеховината организација на неа? Секои шест месеци, патувавме таму со авион за да бидеме заедно цела седмица. Одевме во служба и држевме состаноци со неа, исто како и со секое собрание во голем град. Тоа ни покажа со колкава љубов Јехова се грижи за секоја своја овчичка.
Продолживме да контактираме со мнозина од оние кои низ годините ни укажаа гостопримство. Тоа ме потсетува на еден од првите подароци што ми ги даде Џон — шарена кутија со листови за писма, кои со задоволство ги користев за да се допишувам со нашите пријатели. До ден-денес ја чувам таа кутија.
Додека служевме во една покраина во Торонто, ни се јави еден брат од Бетелот во Канада за да нѐ праша дали би сакале да служиме таму. До кога требаше да му кажеме што сме решиле? Тој рече: „Ако може, до утре!“ Одговоривме дека прифаќаме.
БЕТЕЛСКА СЛУЖБА
Во секој нов вид служба можевме да доживееме нови благослови што доаѓаа од Јеховината десница. Тоа беше случај и кога се преселивме во канадскиот Бетел во 1977 год. Таму имавме прилика да се дружиме со некои од помазаниците. Сите беа различни, но имаа нешто заедничко — многу ја ценеа Божјата Реч.
Добро ни дојде промената во Бетел. На пример, можевме да ја ставиме облеката во ормари, наместо да ја чуваме во куфер. Освен тоа, служевме во само едно собрание. Се радував на новата задача, а се радував и што можам да ги водам на обиколка гостите што доаѓаа да го посетат Бетелот. Им објаснував што се работи во него, ги слушав нивните позитивни коментари и им одговарав на прашањата.
Годините летнаа и, во 1997, Џон беше поканет да присуствува на Школата за членови на одборите на подружниците во Патерсон (Њујорк). Потоа, еден ден, бевме замолени да размислиме дали би се преселиле во Украина. Нѐ поттикнаа внимателно да ја разгледаме таа можност и да се молиме во врска со тоа. Веќе истата вечер знаевме дека ќе ја прифатиме новата задача.
СЛУЖБА ВО УКРАИНА
Пред тоа, во 1992 год., присуствувавме на големиот меѓународен конгрес во Санкт Петербург (Русија), а во 1993 год. во Киев (Украина). По тие конгреси многу ги засакавме нашите браќа во Источна Европа. Кога неколку години потоа пристигнавме во Лавов (Украина), бевме сместени на вториот кат во една стара куќа. Прозорците гледаа на дворче во кое имаше мала градина, голем црвен петел и кокошки. Се чувствував како да сум на некоја фарма во Саскачивен. Во таа куќа живеевме 12 души. Рано секое утро се возевме низ градот за да стигнеме до Бетел.
Како ни беше во Украина? Чувствувавме огромна страхопочит кон многуте браќа и сестри што претрпеле најразлични неволји, забрани и затворање. И покрај сѐ, тие останале цврсти во верата. Кога ќе ги пофалевме за нивната истрајност, обично ќе речеа: „Го правевме тоа за Јехова“. Ни за момент не помислувале дека се препуштени сами на себе. Дури и сега, ако му се заблагодариш некому затоа што направил нешто за тебе, може да ти рече „Фала на Јехова“, оддавајќи му на тој начин чест на Изворот на секој добар дар.
Во Украина, мнозина пешачат до состаноците и така имаат време да разговараат и да се храбрат едни со други. Обично пешачат по еден час или повеќе. Во Лавов има над 50 собранија, а 21 од нив користат голем објект со неколку Сали на Царството. Во недела е прекрасно да се види како реки од браќа пристигнуваат на состаноците.
Брзо се вклопивме во друштвото на овие браќа и сестри, кои се многу пријатни и спремно покажуваат интерес за другите. Иако до ден-денес ми се случува да не разберам сѐ на украински, тие секогаш се стрпливи со мене. Тоа се гледа и од нивните љубезни зборови и од нивниот поглед.
За време на меѓународниот конгрес што се одржа во Киев во 2003 год., имавме прилика да видиме еден пример за тоа колку силна доверба постои меѓу нашите браќа. Штотуку слеговме во преполното метро, кога ни пристапи едно девојче и мирно ни рече: „Се изгубив. Не можам да ја најдам баба ми“. Тоа виде дека носиме значки и знаеше дека сме Сведоци. Девојчето беше многу храбро и не плачеше. Со нас беше жената на еден покраински надгледник која го фати за раче и го однесе во Одделот изгубено-најдено на стадионот. Наскоро тоа ја најде својата бабичка. Бев трогната од огромната доверба што ја имаше ова мало девојче. Иако беше изгубено меѓу илјадници луѓе, беше уверено дека Божјиот народ ќе му помогне.
Во мај 2001 год., многу браќа и сестри дојдоа во Украина за свеченото отворање на нашата нова подружница. По специјалниот говор на стадионот во недела претпладне, илјадници браќа се слеаја по патот што водеше до новиот Бетел. Тоа беше незаборавна глетка! Бев воодушевена додека ги набљудував како пристигнуваат мирно и без да се туркаат. Уште повеќе ја ценев честа што сум дел од овој народ кој му служи на Бог.
ОГРОМНА ПРОМЕНА
За жал, во 2004 год., кај Џон беше откриен рак и заминавме на лекување во Канада. Тој едвај ја поднесе првата хемотерапија, и со недели лежеше на интензивна нега. За среќа, успеа да се освести. Иако многу тешко зборуваше, во очите му се читаше колку им е благодарен на сите што го посетија.
Но, не успеа да закрепне, и почина таа есен. Чувствував како да умре дел од мене. За мене и за Џон беше голема радост што можевме заедно да му служиме на Јехова. Се прашував што да правам понатаму. На крајот, решив да се вратам во Украина. Многу сум благодарна за големата љубов што ми ја покажува бетелското семејство и моето собрание.
Никогаш не зажаливме за одлуките што ги донесовме. Водевме исполнет живот, опкружени со најдобрите можни пријатели. Знам дека има да учиме уште многу за Јеховината доброта, и се надевам дека ќе му служам засекогаш бидејќи навистина најдов ‚блаженство во неговата десница‘.
[Истакната мисла на страница 6]
„Никогаш не зажаливме за одлуките што ги донесовме“
[Слика на страница 3]
На денот на нашата венчавка
[Слика на страница 4]
Како специјален пионер во Ред Лејк (Онтарио)
[Слика на страница 5]
Со Џон во Украина (2002)