Да ја користиме делотворно новата брошура
1 На нашиот последен обласен конгрес бевме многу среќни што ја добивме новата брошура Кога ќе умре некој што го сакаш. Таа ќе биде привлечна за луѓето од сите слоеви бидејќи многумина жалат поради губитокот на некој сакан. Нејзините привлечни фотографии и илустрации треба да придонесат лесно да се врачува. На 29. страница, драматичната слика, која прикажува како Лазар е подигнат од мртвите, ја покажува Исусовата „силна желба да го отстрани разорното дејство на смртта“. Следната илустрација на цела страница осликува сцена на радосно воскреснување во новиот свет. Колку само треба ова да им ги исполни со радост срцата на оние кои жалат!
2 Оваа брошура може да биде од огромна помош во утешувањето на ужалените. Наменета е за разговор. Прашањата кои ги покажуваат најважните мисли се појавуваат во рамка на крајот од секој дел, наместо на дното од секоја страница. Можеш да ги користиш овие „Прашања за размислување“ на секој начин за кој мислиш дека ќе биде од најголема корист за ученикот.
3 Кога правиш посети, бирај ги точките за дискусија што се наоѓаат во брошурата. Можеби сметаш дека би било погодно да му ја покажеш Содржината од 2. страница и да го замолиш станарот да посочи што го интересира. Препознавај ги потребите на секој поединец. Дозволи му да ги изрази своите чувства, а потоа покажи му како брошурата дава утеха. Во секој дел обилно се користени библиски стихови кои ја даваат основата за нашата надеж.
4 Поднасловот на 5. страница, „Постои вистинска надеж“, ја истакнува утешната надеж за мртвите, темелена на Библијата. Ова треба да го зголеми апетитот за дискусија на темата „Сигурна надеж за мртвите“, што се наоѓа на 26-31. страница. Рамката на 27. страница дава натамошни „Библиски стихови кои даваат утеха“. Ожалостениот станар наскоро ќе увиди дека Јехова е навистина „Бог на секоја утеха“ (2. Кор. 1:3-7).
5 Другите делови, на тактичен начин се занимаваат со различните реакции на смртта на саканиот. Тие покажуваат како човек да излезе на крај со жалоста и како можат другите да помогнат во такви несреќни времиња. На 25. страница има рамка со наслов „Да им се помогне на децата да ја преболат смртта“. Ова ќе биде вистинска помош за родителите кои мораат да се соочат со овој проблем.
6 Имај секогаш при рака додатен примерок и употреби го при неформално сведочење. Можеби ќе сакаш да ги посетиш погребните установи на твоето подрачје за да видиш дали би сакале да имаат на располагање примероци за да ги утешуваат ужалените семејства. Или, можеш тактично да им пристапиш на ужалените на гробиштата, кога го посетуваат гробот на некој свој сакан.
7 Се радуваме што Јехова е Бог „Кој ги утешува смирените“ (2. Кор. 7:6). Го сметаме за предност тоа што и ние можеме да ги ‚тешиме сите оние што тагуваат‘ (Иса. 61:2).