Теши ги ужалените
1. Зошто им е потребна утеха на ужалените?
1 Смртта на некој од најблиските е потресен настан, особено за оние што немаат надеж дека ќе дојде Божјето Царство (1. Сол. 4:13). Честопати, мнозина се прашуваат: ‚Зошто умираат луѓето? Каде одат откако ќе умрат? Ќе ги видам ли повторно моите најблиски?‘ Еве неколку предлози како да ги тешиме оние што жалат поради смртта на некој роднина или пријател (Иса. 61:2).
2. Мора ли да сведочиме опширно ако станарот ни каже дека штотуку му умрел некој?
2 Од куќа до куќа: Некој станар можеби ќе ни каже дека штотуку му умрел некој од семејството. Дали е расплакан или потресен? Дали станот е полн со ужалени роднини? Во такви случаи, најдобро е да не сведочиме опширно (Проп. 3:1, 7). Би можеле да му изразиме сочувство, да му дадеме соодветен трактат, списание или брошура, и учтиво да си заминеме. На следната посета можеби ќе биде поповолно време за да му кажеме и други утешни мисли од Библијата.
3. Кои стихови би можеле да му ги прочитаме на ожалостениот станар ако дозволуваат околностите?
3 Ќе има и случаи кога ќе процениме дека ќе биде добро да кажеме нешто повеќе уште при првата средба. Сепак, тоа не е момент да побиваме погрешни ставови, туку би можеле да зборуваме за библиското ветување дека ќе има воскресение (Јован 5:28, 29). Би можеле да прочитаме што вели Библијата за мртвите (Проп. 9:5, 10). Ќе биде утешно и ако на станарот му прочитаме некој библиски извештај за лица што воскреснале (Јован 11:39-44). А може да му прочитаме и како верниот Јов ја изразил својата надеж во Јехова (Јов 14:14, 15). Пред да си заминеме, би можеле да ги понудиме брошурите Што ни се случува кога ќе умреме?, Кога ќе умре некој што го сакаш или некоја друга соодветна брошура или трактат. Или би можеле да ја оставиме книгата Што учи Библијата, да му го покажеме 6. поглавје и да се договориме следниот пат да поразговараме на таа тема.
4. Во кои други прилики можеме да ги тешиме луѓето?
4 Во други прилики: Кога се држи погребен говор во Салата на Царството, можеби ќе дојдат и лица што не се Сведоци. Би можеле да им понудиме библиска литература што ќе ги утеши. Некои погребни претпријатија побарале да им се однесе соодветна литература за да можат да им ја понудат на ужалените семејства. Понекогаш, гледајќи ги некролозите во весниците, некои објавители им напишале кратко утешно писмо на таквите семејства. Во една прилика, откако добил писмо во кое имало и неколку трактати, еден вдовец и неговата ќерка отишле кај објавителката што им пишала и ја прашале: „Дали Вие ми го пративте ова писмо? Би сакал да дознаам повеќе за Библијата!“ Човекот и неговата ќерка почнале да ја проучуваат Библијата и да доаѓаат на собраниските состаноци.
5. Зошто треба да бараме прилики да ги тешиме ужалените?
5 Во Проповедник 7:2 пишува: „Подобро е да одиш во куќа каде што плачат отколку во куќа каде што се гоштаваат“. Оние што се во жалост обично се поспремни да ја слушаат Божјата реч отколку оние што се забавуваат. Сите треба да бараме прилики да ги тешиме оние што се ужалени поради смртта на некој од најблиските.