Дали нѐ поттикнуваат духовно Јеховините потсетници?
1 Псалмистот го величал Јехова, велејќи: „Твоите потсетници ми се предмет на размислување“ (Пс. 119:99, НС). Еврејскиот збор за „потсетници“ ја пренесува идејата дека Јехова ни го враќа во мислите она што е наведено во неговите закони, одредби, прописи, заповеди и статути. Ако реагираме на тоа, тие ќе нѐ поттикнат духовно и ќе нѐ направат среќни (Пс. 119:2, НС).
2 Како Јеховин народ, ние редовно добиваме совети. Повеќето од нив веќе сме ги чуле. Иако го цениме ова охрабрување, склони сме да го заборавиме (Јак. 1:25). Јехова трпеливо ни дава потсетници полни со љубов. Апостол Петар запишал некои од тие потсетници со цел ‚да ги побуди јасните способности на размислување за да ги помниме заповедите на Господа‘ (2. Петр. 3:1, 2, НС).
3 Секогаш одново сме потсетени за важноста на личната студија и на посетувањето на состаноците. Тоа се прави затоа што овие активности се многу важни за нашето духовно добро (1. Тим. 4:15; Евр. 10:24, 25).
4 Најголемиот предизвик за некои е исполнувањето на христијанскиот налог да се проповеда. Тоа бара напори, решеност и истрајност. Иако од нас се бара многу, ќе можеме да ‚стоиме‘ доколку имаме ‚нозе обуени во приправност за да благовестиме мир‘ (Ефеш. 6:14, 15).
5 Нашата служба не треба да биде мотивирана само од умствената свесност за Јеховините барања. Апостол Павле нѐ потсетува дека срцето ни ја дава потребната мотивација за да дадеме „јавна изјава за спасение“ (Рим. 10:10, НС). Ако имаме силна вера и ако нашите срца се наклонети кон Јеховините потсетници, ќе бидеме наведени да зборуваме, фалејќи го Јеховиното име (Пс. 118:36; Мат. 12:34).
6 Кога работиме напорно во правењето добри дела, со право очекуваме тоа да ни донесе радост (Проп. 2:10). Павле ја идентификува радоста како плод на Јеховиниот дух, а ние треба да настојуваме да изобилуваме во покажувањето на истата (Гал. 5:22). Петар додал дека ‚искрените напори‘ ќе бидат наградени со плодна служба која донесува радост (2. Петр. 1:5-8, НС).
7 Кога сме соочени со предизвик, треба да се потсетиме на цврстиот став на апостолите кога изјавиле: „Не можеме да не зборуваме за она, што сме виделе и чуле“ (Дела 4:20). Зајакнати сме да продолжиме кога ќе се потсетиме дека ‚ако постапуваме така, ќе се спасиме и самите и оние што нѐ слушаат‘ (1. Тим. 4:16).
8 Ние не се лутиме ниту, пак, сме огорчени поради тоа што постојано добиваме потсетници. Напротив, длабоко ја цениме нивната висока вредност (Пс. 118:129). Во овие критични времиња, благодарни сме што Јехова ни испраќа потсетници за духовно да нѐ поттикне и да нѐ мотивира да бидеме ревносни во добри дела! (2. Петр. 1:12, 13).