Понуда на книгата Спознание кое води до вечен живот
1 Бевме восхитени кога беше објавена новата книга Спознание кое води до вечен живот! Таа е така замислена што ќе може да им помогне на луѓето на еден брз начин да дојдат до точно спознание за вистината. Во декември ќе ја имаме првата прилика да ја нудиме оваа книга на нашето подрачје. Што можеме да кажеме за да поттикнеме интерес?
2 Еве една понуда која може да биде привлечна на лице чијашто вера во Бог ослабела:
◼ „Многу луѓе пораснале верувајќи во Бог, но сега тие откриле дека нивната вера не е толку јака како што била некогаш. Што мислите, што би можело да биде причина за тоа? [Дозволи одговор.] Нашата вера во Бог е зајакната преку размислување за чудата на универзумот. [Читај Псалм 18:1.] Оној чии закони ги управуваат овие небески тела, обезбедил вредни упатства и за нас. [Читај Псалм 18:7-9.] Овие стихови нагласуваат колку е важно да научиме сѐ што можеме за Бог и за неговите намери. [Сврти го вниманието на илустрациите на страници 4 и 5, и прочитај го придружниот текст.] Ако сакате да извлечете корист од ова посебно спознание, со задоволство би Ви ја оставил оваа книга.“
3 Имајќи на ум некои недамнешни вознемирувачки вести, би можел да кажеш:
◼ „Веројатно сте слушнале за [спомни го настанот]. Сте се запрашале ли некогаш, дали Бог е навистина загрижен за неправдата и страдањето што ги гледаме околу нас или, пак, ги доживуваме самите ние? [Дозволи одговор.] Библијата нѐ уверува дека Бог нѐ сака и дека ќе ни помогне во времиња на неволја.“ Прочитај делови од Псалм 71:12-17. Отвори ја книгата на страница 70, и покажи дека таа книга, Спознание кое води до вечен живот, одговара на едно прашање што го поставиле милиони луѓе: Зошто Бог допушта страдање? „Ќе откриете дека библискиот одговор на тоа прашање е многу утешен. Би сакал да Ви ја оставам оваа книга за да можете самите да прочитате околу тоа.“
4 Ако си наишол на родител, можеш да се сосредоточиш на семејството:
◼ „Повеќето родители се согласуваат дека постојат многу проблеми на патот да се одржи среќен семеен живот. Што сметате Вие за сериозни препреки? [Дозволи одговор.] Повеќето од нас го правиме најдоброто што можеме, но обично цениме и помош која ни помага да постигнеме подобри резултати. Библијата дава одличен совет. [Прочитај делови од Колосјаните 3:12, 18-21.] На оваа тема Библијата има да каже уште многу повеќе, како што е прикажано во 15-то поглавје од оваа книга, со наслов: ‚Да се изгради семејство кое ќе му оддава чест на Бог‘. Тоа се осврнува на советите дадени во Библијата, кои покажуваат како да се олесни брачниот стрес и како да се излезе на крај со проблемите со кои се соочуваат нашите деца. Сигурен сум дека ќе уживате во читањето.“
5 Ако сакаш да кажеш нешто кратко, би можел да го испробаш ова:
◼ „Дали некогаш сте се запрашале зошто старееме и умираме? Шестото поглавје од оваа книга ја објаснува причината за смртта и тоа како Бог ќе ја отстрани. Библијата ни вели дека Бог ветил вечен живот за оние кои го сакаат. [Прочитај Јован 17:3.] Ако сакате да прочитате нешто за ова, ќе видите дека книгата ќе Ви расветли многу работи.“
6 Ако сме добро подготвени, би можеле да ја употребиме оваа книга за да им го ‚отвориме Писмото‘ на другите, на начин кој ќе им донесе голема радост! (Лука 24:32, НС).