Обласен конгрес на Јеховините сведоци за 1996 — „Гласници на божествен мир“
(Многу од информациите кои се дадени во овој додаток може да не се однесуваат директно на нашите околности. Меѓутоа, ви го изложуваме ова со цел да бидат разгледани и применети важните начела во врска со нашето однесување и држење како христијани. Натамошни детали околу подготовките за сместување на нашиот Обласен конгрес ќе бидат доставени подоцна.)
1 Од голем дел од 1.246-те присутни на Обласниот конгрес „Радосни фалители“, на подрачјето на Македонија, беа слушнати искрени изрази на благодарност за духовно животворната програма. Нашите срца беа исполнети со радост кога гледавме како 29 фалители на Јехова го симболизираат своето предание со крштавање во вода. Се радувавме кога ги добивме двете нови публикации Јеховините сведоци и образованието и Спознание кое води до вечен живот. Тоа што минатата година уживавме на една таква поттикнувачка програма треба навистина да нѐ мотивира да вложиме секаков напор за да присуствуваме на програмата подготвена за Обласните конгреси за 1996 — „Гласници на божествен мир“. Секако, секој од нас треба да ги покани своите библиски ученици и да им помогне да бидат таму заедно со нас. Овие конгреси ќе се покажат како вистински извор на охрабрување и сила додека продолжуваме радосно да му служиме на Јехова во овие последни денови.
2 Погрижи се своите подготовки за конгресот да ги направиш доволно рано за да можеш сите три дена да бидеш таму и да уживаш во прекрасната духовна програма, од песната на отворањето до завршната молитва. Со љубов вклучи ги во своите планови и оние на кои можеби им е потребна помош, особено новозаинтересираните, за да можат и тие да присуствуваат на секоја програмска точка. Ќе биде мошне корисно информациите од овој додаток да се разгледаат со секој библиски ученик кој можеби планира да присуствува (Гал. 6:6, 10). Програмата започнува со музика во петок во 9.30 часот, а завршува околу 16.30 часот. Во сабота, програмата започнува во 9.30, а завршува со песна и молитва околу 16.30 часот. Утринскиот дел во недела започнува во 9.30, а програмата за тој ден ќе заврши околу 16.00 часот. Следнава информација ќе ти помогне при твоите претходни подготовки.
3 Упатства за добивање на сместување: После Состанокот за служба во седмицата од 1 јануари, собранијата треба да го закачат на огласната табла списокот со препорачани места за ноќевање за Обласниот конгрес за 1996 на кој е доделено собранието. На овој список се наоѓаат сите хотели што во моментот соработуваат со Заедницата околу подготовките за сместување. Твојата соработка во врска со овие подготовки ќе ѝ помогне на конгресната организација во нејзините напори да обезбеди за секого доволно места за ноќевање по разумна цена.
4 Што би требало да сториш: НЕ пред, туку откако твоето собрание ќе го закачи списокот со препорачани места за ноќевање за 1996, на кој се наведени адреси, телефонски броеви и договорени цени за хотелите, можеш да телефонираш во хотелот што си го избрал од списокот и да резервираш соба, одредувајќи го потребниот број кревети. Ако се претставиш како Јеховин сведок или како делегат кој ќе присуствува на конгресот на Стражарска кула, ќе можеш да ги користиш наведените цени кои во повеќето случаи се многу снижени.
5 За да се задржи собата, СЕ БАРА ДЕПОЗИТ за една ноќ. Депозитот треба да го испратиш во хотелот ВЕДНАШ штом ќе направиш резервации. За да се увериш дека твојата резервација се почитува, немој да заборавиш да прашаш за бројот на резервацијата. Ако хотелот не го добил твојот депозит во рок од десет дена, резервациите можат да бидат поништени во секое време. ХОТЕЛИТЕ НЕ СЕ ДОЛЖНИ ДА ВИ ЧУВААТ СОБИ БЕЗ ДЕПОЗИТ. Ако мораш да ја откажеш својата резервација, треба веднаш да го известиш хотелот за да може собата да им биде ставена на располагање на другите делегати.
6 Ако првиот хотел во кој си се јавил е пополнет, телефонирај во следниот хотел што си го избрал од списокот, итн. Честопати сите се јавуваат во хотелите кои се најблиску до конгресниот објект што се користи; затоа, можеби ќе увидиш дека е корисно да се обидеш и во некои пооддалечени хотели. И тие имаат квалитетни соби по пониски цени. Конгресниот Оддел за сместување ќе продолжи да ги снабдува собранијата со ревидирани списоци, бришејќи ги хотелите што се пополнети и додавајќи други хотели сѐ додека сите не добијат соби. Така, ако сите хотели на списокот се пополнети, молиме извести го за тоа својот собраниски секретар и трпеливо чекај го следниот список за да добиеш соба. Собранискиот секретар треба да телефонира во конгресниот Оддел за сместување, користејќи го телефонскиот број од списокот со препорачани места за ноќевање и да го информира дека хотелите се полни.
7 Студентски домови: Покрај хотели, на некои конгреси се користат и школски или студентски домови за да се сместат сите. Обично, собранијата ќе добијат информации за ова отприлика по еден месец откако ќе го добијат првиот список со хотели. Оние на кои им треба ваков вид сместување, треба да ги следат упатствата од списокот што им е испратен на собранијата.
8 Посебни потреби: Оваа подготовка е само за примерни објавители, вклучувајќи ги и нивните добро воспитани деца, кои добиле одобрение од Службениот одбор на собранието. Подготовките за згрижување на лица со посебни потреби треба да ги направи собранието каде што ги посетуваат состаноците, а не таа обврска да се префрли на конгресната организација. Старешините и другите кои ги познаваат околностите на некои поединци, можат со љубов да помогнат. Ова често бара од објавителите да ги земат во обѕир потребите на оние кои се во полновремена служба, на постарите, немоќните и можеби на некои други. Објавителите можат да помогнат со тоа што ќе ги земат таквите со себе или ќе се погрижат за нивните потреби на некој друг практичен начин (Јак. 2:15-17; 1. Јов. 3:17, 18).
9 Се разбира, Одделот за сместување ќе настојува да обезбеди соодветно сместување за објавителите со посебни потреби ако останатите од собранието не можат да им помогнат. Овие објавители можат да разговараат за својата ситуација со собранискиот секретар. Секретарот треба да се консултира со останатите од Службениот одбор на собранието за да види дали е можно собранието да им помогне на тие поединци и да се погрижи за нивното сместување. Ако собранието не може да ја обезбеди потребната помош, секретарот може на таквите лица да им даде еден примерок од формуларот Барање за сместување со посебни потреби. Овој формулар треба да го пополнат само оние со посебни потреби. Тоа треба да го стори лицето кое го поднесува барањето. Формуларот треба да му се врати на секретарот, кој ќе провери дали е потполн и точен и ќе ги утврди околностите што го квалификуваат лицето за едно такво разгледување. На дадениот простор од формуларот, секретарот треба ВО ПОЕДИНОСТИ ДА ГИ ОБЈАСНИ околностите. Сето ова треба да се направи доволно рано пред конгресот. Откако ќе добие потврда од Службениот одбор, секретарот ќе го испрати формуларот до Главниот оддел за сместување. Лицето кое ја поднесува молбата ќе биде лично известено за сместувањето.
10 Оние кои имаат посебни потреби НЕ треба да одат на конгресот и да бараат соба дури откако ќе пристигнат, затоа што Одделот за сместување мора да ја има потврдата од Службениот одбор на собранието.
11 Приватното сместување е обезбедено само за оние кои би имале големи тешкотии кога таквото сместување не би стоело на располагање. Тоа не е наменето за оние кои можат да си дозволат хотелски соби, но сакаат бесплатни или евтини соби само за да заштедат пари. Освен тоа, не е исправно оние кои бараат такво сместување да бидат безобѕирни кон гостопримството на нашите браќа, очекувајќи да бидат сместени дополнителни денови пред и после конгресот. Тие соби се обезбедени САМО за време на конгресот. Оние кои добиваат такво сместување треба да се погрижат тие и нивните деца да се однесуваат со почит спрема домот на нивниот домаќин и да не пребаруваат по имотот на домаќинот или да го оштетуваат ниту, пак, да влегуваат во приватните простории на домот. Ако домаќинот доживее какви и да било проблеми од таков вид, треба веднаш да го извести конгресниот надгледник за сместување.
12 Делегати кои присуствуваат надвор од доделената област: Местото каде што си доделен да присуствуваш е најблиското до твоето собрание. Подготовките за доволно седишта, литература, места за сместување итн., се направени врз основа на претпоставката дека поголемиот дел од објавителите ќе присуствуваат на конгресот на кој е доделено нивното собрание. Меѓутоа, ако од оправдани причини присуствуваш на друг конгрес каде што не си доделен и ако ти треба сместување, билети за паркирање итн., секретарот на собранието може да ти ја даде адресата од таа конгресна управа, од листата на позадината од Формуларот за сместување со посебни потреби. Тогаш можеш да побараш да ти испратат примерок од списокот со препорачани места за ноќевање за оваа година или која било друга информација што ти е потребна за таа локација. Немој да заборавиш да приложиш адресиран плик со марка. Откако ќе го добиеш овој список, направи резервација.
13 Твојата соработка се цени: Успехот на оваа подготовка за сместување зависи од соработката на сите оние кои се вклучени. (Спореди Евреите 13:17.) Повеќето браќа и сестри соработуваат во потполност со подготовките на Заедницата во врска со сместувањето и ГИ КОРИСТАТ САМО ХОТЕЛИТЕ КОИ СЕ НА СПИСОКОТ СО ПРЕПОРАЧАНИ МЕСТА ЗА НОЌЕВАЊЕ ЗА ОВАА ГОДИНА. Меѓутоа, за жал, некои не соработуваат, предизвикувајќи големи тешкотии во преговорите со хотелите. Персоналот на некои хотели вели дека нема потреба од соработка со конгресниот Оддел за сместување бидејќи конгресните делегати и без тоа ќе си резервираат соби сами за себе. Конгресот на Стражарска кула склучил договор со хотелите од списокот, тврдејќи дека нашите конгресни делегати ќе ги користат. Тоа е гаранција за хотелите дека ќе остварат профит ако дадат посебен попуст за нас. Повеќето објавители се послушни на јасните упатства што беа дадени во претходните конгресни додатоци и имаше многу добри резултати.
14 Еден брат ја информираше Заедницата дека подготовките за сместување навистина „се исплаќаат“. Тој отседнал во еден хотел за само „38 долари од ноќ“. Некој човек се одјавил кратко пред него и платил 82 долари од ноќ. Братот рекол: „Колкава заштеда за сите нас! Како би можеле воопшто некогаш да си дозволиме 82 долари од ноќ плус бензин, храна и други трошоци? Мислам дека многу од браќата не се свесни за ‚редовните тарифи‘ — знам дека и ние не бевме свесни за тоа сѐ до денес. Ви благодарам“. Еден друг брат напишал: „Откако го посетив Обласниот конгрес годинава, тоа ме освести. Сиот мој живот сум присуствувал на конгреси и (за жал) љубовта, гостопримството и грижата што му е покажана на Јеховиниот народ, сум ги земал како нешто само по себе разбирливо. Секоја година, без исклучок, добиваме список со препорачани места за ноќевање, со хотели кои нудат значително пониски цени од вообичаените и во кои можеме да престојуваме за време на конгресот. Можам само да си претпоставам колку време, пари и труд се вложени за да се изготват сите детали околу цените, тарифата итн., што всушност и не е должност на Заедницата! Би можело да се остави секој Сведок сам да си најде соба, по каква и да било цена, но тоа не е случај! Сето тоа навистина остава силен впечаток кај мене — колку многу љубов и грижа има нашиот Татко, Јехова, за своите слуги и како тој поставил на Земјата една организација која се грижи за потребите на неговите овци, како духовно така и физички. Затоа сакам лично да ви се заблагодарам за сета ваша напорна работа и љубов“. Веруваме дека оваа година секој ќе се придржува кон упатствата за добивање хотелско сместување кое е забележано во горната рамка.
15 Некои го користеле списокот со препорачани места за ноќевање од претходните години и хотелот кој го избрале веќе не бил на моменталниот список. Други добиваат писма од хотелите во кои престојувале претходно а кои повеќе не се на списокот. Затоа, ве молиме да го користите моменталниот список за оваа година. Некои, пак, резервираат соби во хотели кои не се на списокот и плаќаат тарифи повисоки од оние што се наведени, велејќи дека тие ништо не спомнале во врска со нивната поврзаност со конгресот на Стражарска кула. Резервирале соба користејќи го своето лично или корпоративно име. Се разбира, персоналот на хотелот лесно може да забележи дека тие поединци се Јеховини сведоци, според датумите за кои тие резервираат и според нивниот изглед и однесување додека престојуваат во хотелот. Жално е да се каже дека некои од нашите побогати браќа се оние кои не ги почитуваат подготовките на Заедницата, мислејќи дека можат да си дозволат да платат по повисока тарифа и да не ги користат препорачаните хотели. Меѓутоа, ова не ги зема предвид потребите на целокупното братство. Прво Тимотеј 6:17-19 нѐ опоменува: „Заповедај им на богатите од овој свет да не се гордеат, ниту да се надеваат на непостојаното богатство, туку на живиот Бог, Кој ни дава за наслада сѐ во изобилие; нека прават добро, нека се богатаат со добри дела, да бидат штедри и пристапливи, и по таков начин да си собираат сокровиште — добра основа за иднината, за да постигнат живот вечен“. Токму како што би се грижеле за момчето без татко и за вдовицата, треба постојано да ги земаме предвид и потребите на сите наши браќа и сестри, а не само своите (Фил. 2:4).
16 Од друга страна, пак, АКО ДОЖИВЕЕТЕ ПРОБЛЕМ СО НЕКОЈ ХОТЕЛ, ве молиме не колебајте се да му го предочите тоа на надгледникот на Одделот за сместување на конгресот за да може тој да ви помогне веднаш да ја решите таа работа.
17 Конгресната организација работи напорно за да обезбеди соодветни сместувања кои ќе бидат достапни и кои ќе им ги намалат трошоците на браќата што е можно повеќе. Затоа, во најголем интерес на сите е во потполност да соработуваат со Заедницата во врска со подготовката за сместување. Списоците даваат избор за сместувања со добар квалитет во хотели кои соработуваат. Нашата цел во врска со оваа подготовка е да им помогнеме на сите конгресни делегати да бидат сместени колку што е можно поудобно и поекономично за да можат во потполност да уживаат во извонредната духовна програма на конгресот. Вашата лојална поддршка на оваа подготовка од Јехова, преку верниот и разумен роб, многу се цени.
Забелешка до старешинството: Ве молиме, не го читајте писмото од Заедницата од 15 декември 1995 во врска со конгресни доделби и првиот и последниот пасус од списокот со препорачани места за ноќевање за вашето собрание, сѐ до Состанокот за служба во седмицата од 1 јануари. После тој состанок, закачете ги писмото и списокот на огласната табла. Старешините да НЕ го поместуваат својот Состанок за служба една вечер пред тоа, освен ако собранието треба да биде посетено од покраинскиот надгледник. НИКОЈ, ВКЛУЧУВАЈЌИ ГИ И СТАРЕШИНИТЕ, НЕ ТРЕБА ДА ВРШИ ХОТЕЛСКИ РЕЗЕРВАЦИИ ПРЕД ОВОЈ СОСТАНОК ЗА СЛУЖБА. Колку што е можно, на следните Состаноци за служба собранискиот секретар треба да изнесува материјал и известувања поврзани со конгресот, освен ако не е наведено поинаку или ако тој не е во можност да го стори тоа.
[Рамка на страница 3]
За да добиеш соба:
◼ Телефонирај во хотелот што си го избрал откако е закачен списокот со препорачани места за ноќевање за 1996.
◼ Претстави се како Јеховин сведок или како делегат што ќе присуствува на конгресот на Стражарска кула.
◼ Биди спремен да испратиш депозит за една ноќ, веднаш откако си ја направил резервацијата.
◼ Ако се пополнети сите хотели или студентски домови, молиме стрпливо да го чекаш следниот список.
[Рамка на страница 5]
Начини на кои можеш да соработуваш:
◼ Не телефонирај во хотели кои се во конгресниот град за да прашаш дали се на моменталниот список или дали имаат посебни тарифи за конгресот на Стражарска кула. Исто така, молиме не го користи истиот хотел од година в година без да провериш претходно дали тој е на моменталниот список.
◼ Не прифаќај повисока тарифа за хотелска соба од онаа што е наведена на моменталниот список, вклучувајќи ги и ноќите во четврток и недела.
◼ Молиме, не резервирај соба во хотел во кој немаш намера да се сместиш или во повеќе од еден хотел со намера да ги провериш, одбирајќи го најдобриот, а откажувајќи ги другите (Мат. 5:37). Ова не е фер, бидејќи ги спречуваш хотелите да го заработат она што можат, а ги лишуваш објавителите од можноста да ги користат тие соби, кои често им се неопходно потребни.
◼ Не резервирај соби за себе или за други без да оставиш име и без веднаш да испратиш депозит за секоја соба.
◼ Не сместувај во собата повеќе луѓе отколку што дозволуваат законот и управата, што обично значи не повеќе од четири или пет лица, вклучувајќи ги и децата. Запомни, ти ја плаќаш тарифата според бројот на лицата за кои си се ДОГОВОРИЛ дека ќе бидат во собата.