Потпирај се на Јехова за да направи да израсте
1 „За првпат ја доживеав единствената радост од помагањето да се основа ново собрание. Тоа одзеде повеќе од две години марлива работа, постојани молитви и потпирање на Јехова кој ‚прави да израсте‘.“ Така напишал еден совесен пионер кој ја научил потребата да се потпира на Јехова за раст (1. Кор. 3:5—9). Во нашата потрага по духовно настроени луѓе, и нам ни е потребна Божја поддршка за нашата служба да роди плод (Изр. 3:5, 6).
2 Растот бара негување: За да расте, семето на вистината треба да се негува. Повторното посетување за ден или два од првата посета честопати донесува добри резултати. Биди срдечен и пријателски настроен. Направи да се опушти другото лице. Не зборувај само ти. Дозволи му да те запознае и покажи дека си заинтересиран за него како личност.
3 Во текот на јули и продолжувајќи во август, сосредоточени сме да им нудиме една разноликост од брошури на луѓето кои ги среќаваме. Меѓутоа, треба и да ги проследиме интересот кој сме го нашле и местата каде што сме оставиле литература. Тоа го правиме преку вршење повторни посети и нудење библиски студии (Мат. 28:19, 20). За таа цел, за да започнеме студии, можеме да ја користиме брошурата Бара. Можеби ќе увидиш дека од помош се следниве четири предлози.
4 Ако си разговарал со некој кој бил загрижен за патот по кој се движи светот, би можел да го обновиш разговорот со тоа што ќе кажеш:
◼ „Верувам дека Вие сте исто толку загрижен колку и јас за моралниот слом на човечкото општество. Слушаме загрижувачки извештаи за домашно насилство, кое резултира во злоупотреба на деца, на родители и на брачни партнери. А изгледа дека на многу луѓе им е лесно да лажат или да крадат за да ги задоволат сопствените желби. Мислите ли дека на Бог му е важно каков живот водат луѓето? [Дозволи одговор.] Бог поставил извесни мерила по кои треба да живее човекот, и тие всушност не се тешки за нас“. Прочитај 1. Јованово 5:3. Потоа, презентирај ја брошурата Бара и отвори кај лекција 10. Прочитај го првиот пасус. Истакни ги зборовите и фразите кои се во курзив на почетокот од пасусите 2—6 и прашај го станарот, според негово мислење, која практика е најштетна за општеството. Прочитај го поврзаниот пасус и побарај еден или два стиха, колку што дозволува приликата. Заклучи со тоа што ќе го прочиташ пасус 7, а потоа договори да навратиш за понатамошна дискусија.
5 На оние кои си ги сретнал, а кои се ориентирани кон семејството, би можел да им кажеш нешто како ова:
◼ „Што мислите, дали е разумно да очекуваме Творецот да ни ги даде алатките кои ни се потребни за да изградиме еден успешен семеен живот?“ Дозволи одговор. Претстави ја брошурата Бара, сврти кај лекција 8 и објасни дека таа содржи начела од Библијата за секој член од семејството. Понуди да прикажеш како да се употреби брошурата со Библијата за да се извлече најголема корист од неа. Следи ги упатствата кои се наоѓаат на 2. страница од брошурата. Направи подготовки да навратиш за да ја продолжите студијата на лекцијата или, ако ја завршивте, да проучувате друга лекција од брошурата која станарот ќе ја избере.
6 Еве еден директен пристап кој можеби ќе го употребиш за да ја понудиш нашата програма на библиска студија. Покажи ја брошурата „Бара“ и кажи:
◼ „Оваа брошура содржи еден комплетен курс за проучување, опфаќајќи ги основните учења на Библијата. На секоја страница ќе најдете одговори на прашања кои со векови ги вознемируваат луѓето. На пример, која е Божјата намера со Земјата?“ Сврти кај лекција 5 и прочитај ги прашањата кои се на почетокот од лекцијата. Прашај го станарот кое најмногу го интересира, а потоа прочитај го(ги) соодветниот(-те) пасус(-и), барајќи ги прикладните стихови. Објасни дека токму на ваков лесен начин можат да се најдат задоволителни одговори и на другите прашања. Предложи да навратиш повторно за да дискутирате за некое друго прашање и за одговорот.
7 Или, за да започнеш библиска студија, можеби повеќе ќе сакаш да се обидеш со еден поедноставен пристап, така што ќе кажеш:
◼ „Дали сте знаеле дека, ако одвоите само неколку минути, можете да најдете одговор на едно важно библиско прашање? На пример . . .“ Тогаш наведи едно прашање кое се појавува на почетокот на некоја од лекциите во брошурата, некое за кое мислиш дека би било привлечно за поединецот. Во врска со некои идеи за тоа кои прашања би можел да ги употребиш, види ги пасусите 15 и 16 во додатокот на Наша служба за Царството од март 1997, со наслов: „Собери храброст за да правиш повторни посети“.
8 Радосното прифаќање на предизвикот да правиме повторни посети и да водиме библиски студии е дел од тоа да бидеме Божји „соработници“ (1. Кор. 3:9). Додека напорно работиме за да го негуваме интересот кој го наоѓаме и потоа се потпираме на Јехова за да направи да израсте, ќе доживееме вистинско задоволство кое не може да го донесе ниедна друга работа.