Зачувај
Предложени презентации за служба на теренот
Како да се користи овој додаток
Повеќето од следниве презентации се појавија во минатите изданија на Наша служба за Царството. Пробај колку што сакаш во твојата активност на сведочење и види какви ќе бидат резултатите. Чувај го овој додаток и разгледувај го кога се подготвуваш за служба.
Можеш да го побудиш интересот на станарот за Божјата реч ако брзо преминеш на главното. Постави некое конкретно прашање, потоа прочитај го краткиот библиски одговор. Можеш да се обидеш со овие предлози:
„Кога размислувате за иднината, дали сте исполнети со надеж или со сомневања? [Дозволи одговор.] Библијата ги претскажала вознемирувачките настани што ги гледаме денес, како и нивниот исход“ (2. Тим. 3:1, 2, 5; Посл. 2:21, 22).
„Денес многумина се загрижени за здравствената нега. Сте знаеле ли дека Бог ветува дека трајно ќе ги реши сите здравствени проблеми?“ (Иса. 33:24; Откр. 21:3, 4).
„Дали сте знаеле дека Библијата претскажува дека конечно ќе постои само една влада што ќе управува со целиот свет?“ (Дан. 2:44; Мат. 6:9, 10).
„Што мислите, какви би биле условите кога Исус Христос би владеел со Земјата?“ (Псал. 72:7, 8).
„Многу луѓе се дискриминирани поради полот, религијата или расата. Што мислите, како гледа Бог на таквите предрасуди?“ (Дела 10:34, 35).
„Знаеме дека Исус Христос правел многу чуда во негово време. Кога би можеле да го замолите да направи уште едно чудо, кое би било тоа?“ (Псал. 72:12—14, 16).
„На повеќето луѓе им е смачено да слушаат за проблеми. Тие сакаат да слушаат за решенија. Но, каде можеме да најдеме вистински решенија на нашите проблеми?“ (2. Тим. 3:16, 17).
„Можете ли да го препознаете Царството за кое молите во Господовата молитва (или Оченаш)?“ (Откр. 11:15).
Како да се започне разговор
Долниот список прашања, составен од теми од книгата Расправљање, го покажува бројот на страницата во книгата каде што се наоѓа секој одговор:
Постојат ли добри причини да веруваме во Бог? (53)
Дали Бог навистина се грижи за тоа што им се случува на луѓето? (54)
Дали Бог е вистинска личност? (55)
Што може да помогне да се подобри бракот? (64)
Која е смислата на човечкиот живот? (123)
Зошто постои толку многу зло? (133)
Дали Исус Христос навистина е Бог? (145)
Зошто е важно да се знае и да се користи Божјето лично име? (163)
Што ќе постигне Божјето царство? (177)
Дали сите добри луѓе одат на небо? (234)
Мора ли човекот да појде на небо за да има навистина среќна иднина? (235)
Зошто Бог допушта страдања? (282)
Дали сите религии му се прифатливи на Бог? (326)
Како може да се знае која религија е исправна? (332)
Колку моќна личност е Сатана во денешниов свет? (349)
Кој владее со овој свет — Бог или Сатана? (352)
Зошто старееме и умираме? (360)
Во каква состојба се мртвите? (361)
Предлози за презентирање на брошурата Бара
„Несомнено ќе се согласите дека многу луѓе веруваат во Бог. Сите што веруваат во него се согласуваат дека Бог бара нешто од нас. Она во што луѓето не можат да се сложат е: ‚Што бара Бог од нас?‘“ Потоа презентирај ја брошурата Бара, сврти на 1. лекција и дискутирај за неа.
„Бидејќи денес во семејниот живот има толку многу проблеми, дали некогаш сте се прашале која е тајната за постигнување на семејна среќа?“ Откако ќе добиеш одговор, објасни дека во Библијата, Бог ја открива вистинската тајна на семејната среќа. Прочитај Исаија 48:17. Потоа сврти на 8. лекција од брошурата Бара и укажи на некои од наведените библиски стихови што даваат веродостојно водство за секој член на семејството. Прочитај го списокот со прашања во почетокот на лекцијата. Прашај дали лицето ќе сака да ги прочита одговорите.
„Оваа брошура содржи еден комплетен курс за проучување што ги обработува основните библиски науки. На секоја страница ќе најдете одговори на прашања што со векови ги измачуваат луѓето. На пример, ‚Каква е Божјата намера со Земјата?‘“ Сврти на 5. лекција и прочитај ги прашањата во почетокот на лекцијата. Прашај го станарот кое прашање најмногу го интересира и потоа прочитај ги соодветните пасуси, барајќи ги соодветните библиски стихови. Објасни дека на ваков лесен начин можат да се најдат задоволувачки одговори и на другите прашања. Предложи да навратиш повторно за да дискутирате за некое друго прашање.
„Што мислите, која е причината за насилството во училиштата? Дали тоа е резултат на недостиг на воспитување од страна на родителите? Или, пак, е нешто друго, како што е влијанието на Ѓаволот?“ Дозволи одговор. Ако лицето рече дека е поради влијанието на Ѓаволот, прочитај Откровение 12:9, 12. Нагласи ја улогата на Ѓаволот во ширењето немир во светот. Потоа отвори ја брошурата Бара на 4. лекција и прашај дали лицето некогаш се прашало од каде потекнува Ѓаволот. Потоа прочитај ги и дискутирај за првите два пасуса. Ако лицето се одлучи за „недостиг на воспитување од страна на родителите“ како причина за насилството во училиштата, прочитај 2. Тимотеј 3:1—3 и истакни ги особините што очигледно придонесуваат за овој проблем. Потоа отвори ја брошурата Бара на 8. лекција, прочитај го 5. пасус и продолжи со дискусијата.
„Дали мислите дека е разумно да очекуваме Творецот да ни го даде спознанието што ни е потребно за да изградиме успешен семеен живот?“ Откако ќе добиеш одговор, покажи ја брошурата Бара. Сврти на 8. лекција и објасни дека таа содржи начела од Библијата за секој член на семејството. Понуди да прикажеш како да се користи брошурата со Библијата за да се извлече најголема корист.
„Со оглед на сите предизвици со кои се соочуваме во современиот живот, дали мислите дека молитвата може да ни биде од вистинска помош? [Дозволи одговор.] Многумина велат дека молитвата им дава внатрешна сила. [Прочитај Филипјаните 4:6, 7.] Меѓутоа, некој може да мисли дека неговите молитви остануваат неодговорени. [Отвори ја брошурата Бара на 7. лекција.] Оваа брошура објаснува како молитвата може да биде од огромна корист за нас.“
„Разговараме со нашите соседи за тоа зошто има толку различни религии во светот. Сепак, постои само една Библија. Што мислите, зошто постои оваа збрка од религии? [Дозволи одговор. Отвори ја брошурата Бара на 13. лекција и прочитај ги прашањата во почетокот.] Ќе добиете задоволувачки одговори на овие прашања ако ја прочитате оваа лекција.“
Откако ќе оставиш списанија Стражарска кула и Разбудете се!, прашај го лицето дали може да му прочиташ еден кус пасус. Ако ти дозволи, отвори ја брошурата Бара на 5. лекција. Истакни ги прашањата наведени во почетокот на лекцијата и замоли го да го сослуша одговорот на првото прашање додека го читаш првиот пасус. Откако ќе го прочиташ пасусот, постави го прашањето и дозволи одговор. Понуди ја брошурата и, ако ја прифати, договори се повторно да дојдеш за да одговорите на следните две прашања што се наведени.
Предлози за презентација на книгата Спознание
Со Библија в рака, почни со зборовите: „Денес им пренесуваме еден библиски стих на сите од Вашата улица. Тој гласи . . .“ Прочитај Јован 17:3, а потоа прашај: „Дали забележавте што е ветено ако имаме исправно спознание? [Дозволи одговор.] Каде може да се најде такво спознание?“ Откако ќе добиеш одговор, покажи ја книгата Спознание и речи: „Оваа книга зборува за спознанието што води до вечен живот. Тоа го прави давајќи одговор на прашањата што луѓето најчесто ги поставуваат во врска со Библијата“. Покажи ја содржината и прашај го станарот дали некогаш размислувал за некоја од тие теми.
„Сте се прашале ли некогаш дали Бог навистина се грижи за неправдата и страдањето што ги гледаме околу нас, па можеби дури и ги доживуваме? [Дозволи одговор.] Библијата нѐ уверува дека Бог нѐ сака и дека ќе ни помогне во времиња на неволја“. Прочитај делови од Псалм 72:12—17. Отвори ја книгата Спознание на 8. поглавје и истакни дека таа дава утешителен одговор на едно прашање што си го поставиле милиони луѓе, ‚Зошто Бог допушта страдање?‘ Ако е возможно, дискутирај за некои библиски мисли обработени во пасуси 3 до 5 или направи го тоа на повторната посета.
„Повеќето од нас доживеале загуба на некој свој сакан. Сте се прашале ли некогаш дали ќе ги видиме повторно? [Дозволи одговор.] Исус докажал дека нашите сакани можат да бидат спасени од смртта. [Прочитај Јован 11:11, 25, 44.] Иако ова се случило пред многу векови, тоа покажува што ветил Бог дека ќе стори за нас“. Отвори ја книгата Спознание на сликата на 85. страница и прочитај го натписот. Потоа покажи ја сликата на 86. страница и коментирај ја. Постави темел за следната посета со прашањето: „Дали би сакале да дознаете зошто луѓето стареат и умираат?“ Повторно наврати за да дискутирате за 6. поглавје.
„Дали некогаш сте размислувале зошто луѓето копнеат по подолг живот?“ Откако ќе добиеш одговор, отвори ја книгата Спознание на 6. поглавје и прочитај го 3. пасус. Разговарај за наведените стихови. Осврнувајќи се на двете прашања на крајот од пасусот, прашај го дали би сакал да ги дознае одговорите. Ако одговори позитивно, дискутирај за следните неколку пасуси.
„Ги прашуваме луѓето дали веруваат во ова . . .“ Прочитај Битие 1:1, а потоа прашај: „Дали се согласувате со ова?“ Ако се согласува, речи: „И јас. Меѓутоа, дали мислите дека, ако Бог создал сѐ, тој е одговорен и за злото?“ Откако ќе го сослушаш неговиот одговор, прочитај Проповедник 7:29. Отвори ја книгата Спознание на 8. поглавје и прочитај го 2. пасус. Ако станарот не се согласува со она што го пишува во Битие 1:1, поттикни го да ги испита доказите дека постои Творец. (Види ја книгата Расправљање, страници 381—383.)
„Со оглед на тоа што денешните морални вредности толку брзо се менуваат, ќе се согласите ли дека ни е потребно сигурно водство во животот? [Дозволи одговор.] Иако Библијата е најстарата книга, таа дава практичен совет за современиот живот и за среќен семеен живот.“ Потоа сврти на 2. поглавје од книгата Спознание и прочитај го 10. пасус и првата реченица од 11. пасус, вклучувајќи го и 2. Тимотеј 3:16, 17.
„Дали би сакале да дознаете што носи иднината за нас и за Земјата? [Дозволи одговор.] Библијата ја резимира иднината со еден збор — Рај! Таму Бог ја поставил првата човечка двојка кога ја создал. Забележете го овој опис на тоа како сигурно изгледал рајот.“ Отвори ја книгата Спознание на 8. страница и прочитај го 9. пасус, поднасловот „Живот во Рај“. Потоа дискутирај за мисли од 10. пасус и прочитај го наведениот стих, Исаија 55:10, 11. Понуди се да ја продолжите дискусијата за тоа каков ќе биде животот во обновениот Рај, разработувајќи ги пасуси 11 до 16.
Кога правиш повторни посети кај оние на кои си им оставил списанија Стражарска кула и Разбудете се!, би можел да речеш вака:
„Минатиот пат кога бев кај Вас, ми беше мило што Ви оставив примерок од списанието Стражарска кула. Можеби забележавте дека целосниот наслов на ова списание е Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство. Денес би сакал да Ви објаснам што е ова Царство и што би можело да значи за Вас и за Вашето семејство.“ Потоа отвори ја брошурата Бара на 6. лекција и прочитај и дискутирај онолку колку што има време станарот.
„Неодамна бев кај Вас и Ви ги оставив списанијата Стражарска кула и Разбудете се! Овие списанија изградуваат почит кон Библијата и нејзиното морално водство. Бидејќи сметам дека е неопходно секој да ја разбере Божјата реч, повторно дојдов за да Ви покажам нешто што ќе Ви помогне во тоа.“ Покажи ја брошурата Бара или книгата Спознание и понуди библиска студија.
Кога нудиш некоја постара книга од 192 страници, би можел да се обидеш со оваа презентација:
„Многу се нагласува потребата од квалитетно образование. Што мислите, какво образование треба да се стекне за да се обезбеди најголема среќа и успех во животот? [Дозволи одговор. Потоа прочитај Пословици 9:10, 11.] Оваа книга [кажи го насловот на книгата што ја нудиш] се темели на Библијата. Таа укажува на единствениот извор на спознание што може да води до вечен живот.“ Покажи некој конкретен пример во книгата и охрабри го лицето да ја прочита.
Директен пристап
За да започнеш библиска студија, обиди се да употребиш еден од овие директни пристапи:
„Дали сте знаеле дека само за неколку минути можете да најдете одговор на едно важно библиско прашање? На пример . . .“ Потоа постави прашање што се појавува во почетокот на некоја од лекциите во брошурата Бара и што мислиш дека ќе го привлече лицето.
„Дојдов да Ви ја покажам нашата програма за бесплатно проучување на Библијата. Можам да ви покажам за околу пет минути. Имате пет минути?“ Ако одговорот е потврден, употреби ја 1. лекција од брошурата Бара за да прикажеш студија, читајќи само еден или два избрани стиха. Потоа прашај: „Кога ќе имате 15-тина минути за да можеме да ја обработиме следната лекција?“
„Многу луѓе имаат Библија, но не сфаќаат дека таа ги содржи одговорите на важни прашања што си ги поставуваме сите ние во врска со нашата иднина. Со помош на ова помагало за проучување [брошурата Бара или книгата Спознание] и за отприлика еден час седмично, можете да стекнете основно разбирање на Библијата само за неколку месеци. Би ми било мило да Ви покажам како тече програмата.“
„Ве посетувам за да Ви понудам бесплатен домашен библиски курс. Ако може, би сакал само за неколку минути да Ви покажам како луѓето во околу 200 земји дискутираат за Библијата дома како семејство. Можеме да употребиме која и да е од овие теми како темел за дискусија. [Покажи ја содржината од книгата Спознание.] Која посебно Ве интересира?“ Почекај да избере. Сврти кај поглавјето што ќе го избере и започни студија со првиот пасус.
„Давам бесплатни библиски часови и во мојот распоред имам слободни термини за нови студенти. Го користиме ова помагало за библиска студија. [Покажи ја книгата Спознание.] Курсот трае само неколку месеци и дава одговори на прашања како што се: ‚Зошто Бог допушта страдања? Зошто старееме и умираме? Што се случува со нашите сакани што умреле? И како можеме да му се приближиме на Бог?‘ Може ли да Ви покажам како се одвива една лекција?“
Ако си нашол некоја делотворна презентација што дава резултати во негувањето интерес, по секоја цена продолжи да ја користиш! Едноставно прилагоди ја на понудата на литература за тековниот месец.