Посета која може да биде благослов
1 Закхеј со радост го примил Исус како гостин во својот дом. А каков само благослов се покажала таа посета! (Лука 19:2—9).
2 Денес, како Глава на собранието, Исус Христос ги насочува старешините ‚да го пасат Божјето стадо‘ (1. Петр. 5:2, 3; Јован 21:15—17). Освен тоа што поучуваат на состаноците и предводат во службата на теренот, надгледниците во собранието обезбедуваат лична помош полна со љубов за поединечни членови на собранието. Затоа, одвреме навреме можеш да очекуваш да ти се укаже лично внимание од старешините, сеедно дали во твојот дом, во Салата на Царството, додека сте заедно во службата на теренот или во други прилики. Треба ли да се плашиш од посетите на старешините? Воопшто не. Тоа што доаѓаат кај тебе не значи дека нешто си потфрлил. Тогаш, која е целта на една пастирска посета?
3 Павле рекол дека сака да ги посети браќата ‚за да види како живеат‘ (Дела 15:36). Да, како пастири полни со љубов, старешините се многу заинтересирани за тоа како си ти. Сакаат да понудат духовна помош која може да ти помогне и да те изгради. Таквата лична грижа е она што Јехова, нашиот Пастир полн со љубов, посакува да го има секој од нас (Езек. 34:11).
4 Радосно дочекувај ги посетите од старешините: Целта на Павле кога ги посетувал своите браќа била ‚да им предаде некој духовен дар за нивно зацврстување, и за да се утешат заедно‘ (Рим. 1:11, 12). На сите нас ни е потребно духовно охрабрување во овие тешки последни денови и потребна ни е помош за да бидеме и понатаму цврсти во верата. Од твојата позитивна реакција на пастирската посета несомнено ќе произлезе една добра размена на охрабрување.
5 Цени ги многуте користи кои можат да се извлечат од пастирското дело на старешините. Ако има некоја работа или прашање за кое си загрижен, запомни дека старешините се во собранието за да помогнат. Не се двоуми да дискутираш со нив за сите работи кои можеби влијаат врз твоето духовно добро. Цени ја оваа Јеховина подготовка полна со љубов и радувај се на благословите кои може да ги донесе една таква посета.