Што ќе му речеш на некој будист?
1 Во некои земји, повеќе од половина од оние што се крштаваат, имаат будистичка позадина. Што ги привлекува таквите кон вистината? Како можеш да му ја презентираш добрата вест на еден будист?
2 Покажи искрен интерес: Многумина поранешни будисти рекле дека не било длабокото расудување тоа што ги привлекло кон вистината. Наместо тоа, тие биле трогнати од вистинскиот личен интерес што им бил покажан. Една Азијка која живее во Соединетите Држави била толку импресионирана од пријателскиот став на сестрата која дошла кај неа, што се согласила да проучува. Не знаела добро да зборува англиски, но сестрата била стрплива. Кога жената била уморна или не можела да проучува, сестрата едноставно ќе дошла во пријателска посета и ќе се договорела за следниот пат. На крајот, таа жена, нејзините два сина и нејзината остарена мајка се крстиле. Се вратила во својата родна земја и им помогнала на многу други да ја дознаат вистината. Едниот од нејзините синови сега служи во канцеларијата на подружницата. Какви благослови произлегле од одразувањето на Јеховината ‚љубезност и љубов за човекот‘! (Тит 3:4, NW).
3 Будистичката мисла: Будистите обично се толерантни за други идеи, но не сметаат дека е потребно да се придржуваат за некоја конкретна догма. Затоа, нивните поединечни верувања се разликуваат. Општа тема на една гранка на будистичкото учење е тоа дека животот е полн со страдања, но преку просветлување, може да се прекине постојаниот циклус на повторно раѓање во незадоволувачки животи. Се вели дека за да се биде ослободен од овој циклус, мора да се постигне нирвана, состојба која не може да се опише затоа што не е место или настан туку, напротив, празнина во која болката и злото не постојат. (Види ја брошурата Што ни се случува кога ќе умреме?, страници 9, 10.) Што ни кажува тоа? Дека би постигнале спротивен ефект ако ги вовлечеме луѓето во дебати за будистичката филозофија. Наместо тоа, дискутирајте за вообичаените проблеми кои ги засегаат сите.
4 Нагласи ги заедничките интереси: Бидејќи будистите обично го изедначуваат животот на Земјата со страдање, концептот за вечен живот на Земјата може да им биде апсурден. Сепак, сите ние имаме желба да се радуваме на среќен семеен живот, да го видиме страдањето отстрането и да ја дознаеме смислата на животот. Забележи како можат да се нагласат овие заеднички потреби.
5 Би можел да се обидеш со овој увод:
◼ „Денес живееме во свет каде што страдаат многу невини луѓе. Што мислите, што е потребно за да дојде крај на страдањето и бедата на сите? [Дозволи одговор.] Има едно древно ветување кое многу ме теши. [Прочитај Откровение 21:4.] Се разбира, тоа време сѐ уште не дошло, но кога ќе дојде, би сакале да го доживееме, нели?“ Потоа, понуди некоја публикација која објаснува како ќе заврши страдањето.
6 На некое постаро лице би можел да му речеш:
◼ „Можеби и Вие сте загрижен исто како и јас за моменталната поплава од деградирани идеи и влијанието кое го имаат врз нашите деца. Зошто има толкав пораст на неморал меѓу младите луѓе? [Дозволи одговор.] Дали сте знаеле дека тоа било проречено во една книга која почнала да се пишува долго време пред основањето на муслиманската, христијанската и хинду религијата? [Прочитај 2. Тимотеј 3:1—3.] Забележете дека овие услови опстојуваат и покрај зголеменото спознание. [Прочитај го стих 7б.] Оваа публикација ми помогна да ја разберам вистината која повеќето луѓе никогаш не ја дознаваат. Би сакале ли да ја прочитате?“ Понуди соодветна книга или брошура.
7 Будистите воопшто ја почитуваат Библијата како свети списи. Затоа, читај директно од неа (Евр. 4:12). Ако лицето се чувствува непријатно поради влијанието на западната култура, спомни му дека сите писатели на Библијата биле Азијци.
8 Кои публикации се најделотворни? Објавен посебно за будистите, трактатот Will Suffering Ever End? (Дали некогаш страдањето ќе престане?) е отпечатен на кинески, јапонски, синхалски и таи. Освен тоа, многу објавители успешно ја користеле следнава литература: книгите Младите прашуваат — делотворни одговори, Тајната на семејната среќа и Čovječanstvo u potrazi za Bogom; брошурите „Гледај! Сѐ ново создавам“ и „Која е смислата на животот — како може да се пронајде? и, ако сѐ уште ја има на располагање, Вест за Царството бр. 35, Дали некогаш сите луѓе ќе се сакаат? Повеќето будисти кои сега ја учат вистината, прво ја проучуваат брошурата Бара а потоа книгата Спознание.
9 Иако се вели дека во Атина пристигнале будистички мисионери речиси 400 години пред Павле да проповеда таму, не е сигурно дали некогаш сретнал некој врз кој влијаело будистичкото учење. Меѓутоа, знаеме што мислел Павле за сведочењето на луѓе од сите видови. Тој ‚станал роб на сите‘ за да ‚спаси некого‘ (1. Кор. 9:19—23). Можеме да го правиме истото, покажувајќи личен интерес за луѓето и нагласувајќи ја заедничката надеж што ја имаме додека му сведочиме на секого што ќе го сретнеме.