„Проповедај ја речта . . . итно“
1 Кога добиваш нешто со ознака „ИТНО“, како гледаш на него? Зборот „итно“ значи „потребно е неодложно внимание“. Со добра причина, апостол Павле ги поучил христијаните ‚да ја проповедаат речта . . . итно‘ (2. Тим. 4:2, NW ). Дали реагираш со тоа што на ова дело му посветуваш неодложно внимание?
2 Можеби Павле бил известен дека некои негови браќа покажувале склоност да ‚безделничат во работата‘ како христијани (Рим. 12:11, NW ). Ова ги ограничило резултатите од нивниот труд, како и радоста што инаку би произлегла од тоа што им помагале на другите.
3 Исусовото гледиште за службата: Колкаво само задоволство наоѓал Исус во извршувањето на својата служба! Тој рекол: „Мојата храна е да ја исполнувам волјата на Оној, Кој Ме пратил“. Исусовиот пример ги мотивирал неговите ученици, кои биле охрабрени кога им рекол дека ‚нивите побелеле за жетва‘ (Јован 4:34, 35). Чувството на итност што го покажувал додека ја извршувал својата служба, било очигледно кога им рекол на учениците ‚да го молат Господарот на жетвата да испрати работници на Својата жетва‘ (Мат. 9:38). Исус сфатил дека неговиот налог бил да проповеда и бил решен ништо да не го спречи во тоа.
4 Како е со нас? Денес е поитно од кога и да е порано да се оди напред во делото на проповедање. Во многу делови од светот, полињата се зрели за жетва. Дури и во земјите каде што ни се чини дека е дадено темелно сведоштво, секоја година се крштаваат илјадници лица. Бидејќи крајот на овој систем на ствари брзо се приближува, ние сме „богато вработени во делото Господово“ (1. Кор. 15:58, NW ). Повеќе отколку во кое и да е друго време, неопходно е силно да се напрегаме за да ја споделиме со другите пораката за Царството.
5 Да бидеме зафатени во достигнувањето на другите со добрата вест, како од куќа до куќа така и секаде каде што можат да се најдат луѓето на подрачјето. Учествувајќи колку што е можно поцелосно во делото на проповедање, јасно покажуваме дека на прво место во животот сме го ставиле Царството (Мат. 6:33). Нашето верно проповедање на речта со чувство на итност ќе ни донесе голема радост.