Користи ги тековните настани за да подбудиш интерес
1 Дали би сакал постојано да имаш добри идеи кои ќе ја освежуваат твојата служба и ќе го поттикнуваат интересот на луѓето за библиската порака? Тогаш, за да започнуваш разговори користи го она што се случува на светската сцена и во околината. Би можел да се осврнуваш на локалните и државните настани или на теми од меѓународните вести. Овие работи секогаш се менуваат (1. Кор. 7:31). Разгледај ги следниве примери.
2 Економските проблеми и животните трошоци се причина за вистинска загриженост на луѓето. Затоа, би можел да речеш:
◼ „Дали слушнавте кога на вестите рекоа дека повторно ќе се покачат цените на [спомни го производот]?“ Или, пак, би можел да коментираш нешто во врска со невработеноста ако во некое големо претпријатие се отпуштени многу работници. Во зависност од тоа во кој правец сакаш да продолжиш со дискусијата, можеш да продолжиш со прашањето „Дали некогаш сте се прашале зошто е толку тешко да се спечали за живот?“ или „Дали мислите дека секогаш ќе биде тешко да се врзе крај со крај?“
3 Извештаите за насилство, како што се трагедиите во семејствата или меѓу учениците во училиштата, даваат основа за една поинаква дискусија. Би можел да прашаш:
◼ „Дали прочитавте во весниците дека [кажи некоја трагедија во околината]?“ Потоа прашај: „Што мислите, која е причината за толку многу насилство во светот?“ или: „Дали мислите дека некогаш ќе дојде време кога ќе се чувствуваме сигурни?“
4 Вестите за опустошувачки поплави, земјотреси или граѓански немири во различни делови од светот исто така нудат материјал кој подбудува интерес. На пример, би можел да прашаш:
◼ „Дали Бог е одговорен за [спомни некоја природна катастрофа]?“ Или, пак, би можел да укажеш на неодамнешните граѓански немири и да речеш: „Ако секој сака мир, зошто е толку тешко да се постигне?“
5 Будно набљудувај ги тековните настани кои можеш да ги користиш во твојот увод. Корисни предлози се наоѓаат под „Тековни настани“, на 14. страница од книгата Расправљање. Меѓутоа, избегнувај да заземаш страни во политички или општествени прашања. Наместо тоа, насочи го вниманието врз Писмото и врз Божјето Царство како единствено трајно решение за проблемите на човештвото.