Дали го применуваш она што го научи на Обласниот конгрес „Учители на Божјата реч“?
1 Секој што присуствуваше на овогодишниот обласен конгрес можеше да види дека припадниците на Јеховиниот народ се решени да го исполнат својот налог да бидат учители на Божјата реч (Мат. 28:19, 20). Кога се врати дома, кои конкретни поуки беше одлучен да ги примениш во својот живот и во службата на теренот?
2 Инспирираното Писмо е корисно за поучување: Темата за првиот ден го нагласи стихот од 2. Тимотеј 3:16. Клучното предавање покажа дека, за да бидеме „Целосно опремени како учители на Божјата реч“, мораме да имаме високо ценење за Божјата реч, да ја почитуваме над секое човечко мислење или традиција и верно да ја користиме. Исто така, секојдневно мора да се молиме светиот дух да ни помогне во службата и да се трудиме да го негуваме најважниот плод — љубовта. И мора да дозволиме Јеховината земна организација да нѐ обучува како министри во текот на сите собраниски состаноци.
3 Циклусот во петок, „Да се поучуваме себеси додека ги поучуваме другите“, објасни дека мора да бидеме примерни во 1) држењето на Божјите закони во сите аспекти на христијанскиот морал, 2) одржувањето навики на трудољубиво проучување и 3) искоренување на ставовите и состојбите на срцето и умот што може да ги искористи Ѓаволот. Како следно, научивме практични начини како да го заштитиме своето семејство од светската зараза наречена порнографија. Родителите беа поттикнати да дадат пример со тоа што ќе избегнуваат дури и да фрлат само брз поглед на некоја сцена со секс и ќе ги надгледуваат своите деца кога користат Интернет и гледаат телевизија. Кои мисли од програмата од петокот веќе почна да ги применуваш?
4 Последниот говор тој ден ја зголеми нашата одлучност да ја цениме Јеховината светлина, да останеме близу до Божјата верна помазана класа и да придонесеме за мирот на Јеховиниот народ. Дали го прочита новото издание, Пророштвото на Исаија — светлина за целото човештво I?
5 Соодветно оспособени да поучуваме други: Темата за вториот ден беше земена од 2. Тимотеј 2:2. Додека го слушаше циклусот во саботата претпладне, дали ги запиша предлозите како 1) да ги бараме достојните, 2) да го негуваме нивниот интерес и 3) да ги учиме да држат сѐ што заповедал Христос? Дали го применуваш она што го научи — да им покажеш на станарите барем една мисла од Писмото и да положиш темел за идна посета?
6 Попладневната програма истакна колку е важно да го имитираме Големиот Учител, Исус. Во кои погледи се трудиш да бидеш што посличен на него? Од она што го научи во вториот циклус тој ден, што мислиш, како можеш ‚Да извлечеш поцелосна корист од теократското образование‘? Кои предлози ги примени за да ја зголемиш должината на твојата концентрација за време на личната студија и собраниските состаноци?
7 Без сомнение, претстојната подготовка Извлечи корист од образованието во Теократската школа за служба ќе ни помогне да ги подобриме нашите способности како говорници и учители на Божјата реч. Ќе се обрне поголемо внимание на говорните особини што ги карактеризирале верните слуги на Бог во библиски времиња. Секоја лекција во новиот учебник има рамки што концизно покажуваат што треба да правиме, зошто тоа е важно и како да го правиме тоа. Вклучени се и практични вежби. Сестрите ќе имаат 29 рамки од кои можат да изберат кога ќе ја изнесуваат својата задача. Со текот на времето ќе бидат направени најавените промени во начинот на кој ќе се одвива школата. Дали имаш добра рутина на проучување и подготвување за да извлечеш целосна корист од Теократската школа за служба секоја седмица?
8 Бидете учители со оглед на времето: Евреите 5:12 умствено нѐ подготви за неделата. Утринскиот циклус, „Пророштвото на Малахија нѐ подготвува за Јеховиниот ден“, нѐ поттикна да му го дадеме на Бог најдоброто од себе и да ги мразиме сите облици на измама за да го преживееме големиот ден на Јехова што влева страв. Драмата „Почитувај го Јеховиниот авторитет“ силно покажа дека гордоста, амбицијата, љубомората и лојалноста ставена на погрешно место на древниот Кореј и неговите придружници воделе до дела на отворена побуна против самиот Јехова. Предавањето што следеше по неа се сосредоточи на денешната потреба да се подложиме на божествениот авторитет во семејството и во собранието. Јавното предавање „Кој ги поучува сите нации за вистината?“ даде доказ дека Јеховините сведоци го прават тоа за разлика од христијанскиот свет, кој само изјавува дека ја поучува библиската вистина.
9 Јасно, Јехова нѐ обучува да бидеме подобри учители на неговата Реч. Да го примениме она што го научивме, ‚обрнувајќи постојано внимание на себе и на своето поучување за да се спасиме и себеси и оние кои нѐ слушаат‘ (1. Тим. 4:16).