,Во потполност проповедај ја речта Божја‘
1 Кога искрено цениш нешто убаво што си го добил, зарем не го покажуваш тоа ценење со својот став и со своите постапки? Се разбира дека да! Во врска со добротата и срдечната љубезност што ги покажува Јехова кон човештвото, забележи како реагирал апостол Павле. Тој извикнал: „Фала му на Бога за неговиот неопислив бесплатен дар“! Што вклучува тој „бесплатен дар“? Целата ‚Божја ненадминлива незаслужена љубезност‘ што е покажана кон нас, чиј најголем израз бил дарот на неговиот сопствен Син како откуп за нашите гревови (2. Кор. 9:14, 15; Јован 3:16).
2 Дали Павле ја изразил својата благодарност само со зборови? Во никој случај! Тој го покажал своето длабоко ценење на многу начини. Бил многу загрижен за духовното добро на своите сохристијани и сакал да направи сѐ што може за да им помогне да извлечат потполна корист од Божјата срдечна љубезност. Во врска со нив, Павле рекол: „Имајќи нежна наклоност кон вас, ни беше многу угодно да ви ја дадеме не само Божјата добра вест туку и нашите души, бидејќи ни станавте мили“ (1. Сол. 2:8). Освен што им помагал на оние што веќе биле дел од собранието да го осигураат своето спасение, Павле неуморно ја проповедал добрата вест, патувајќи илјадници километри по копно и по море за да ги најде оние што биле ‚исправно наклонети кон вечниот живот‘ (Дела 13:48). Длабокото ценење на Павле за сѐ што Јехова направил за него го поттикнало ‚во потполност да ја проповеда речта Божја‘ (Кол. 1:25).
3 Зарем нашето ценење за сѐ што Јехова направил за нас не нѐ поттикнува духовно да им помагаме на оние на кои им треба помош во нашето собрание? (Гал. 6:10). И зарем не сме поттикнати да имаме колку што е можно поцелосно учество во проповедањето на добрата вест за Царството на нашето подрачје? (Мат. 24:14).
4 Прилика да покажеме ценење: Секоја година Меморијалот на Христовата смрт ни дава посебна прилика да покажеме ценење за она што го направиле за нас Јехова и Исус. Тоа не е само уште еден состанок или обично сеќавање на некој настан. Исус рекол: „Правете го ова за мој спомен“ (Лука 22:19). Меморијалот на Христовата смрт е прилика да се потсетиме на тоа каква личност е Исус. Тоа е прилика да признаеме дека тој е жив и активен денес, со слава и царство што му биле дадени поради тоа што живеел верно на земјата и се дал како жртва. Оваа прослава е исто така и прилика да ја покажеме нашата подложност на Христовото поглаварство додека тој ги води работите и активностите на христијанското собрание (Кол. 1:17—20). Целиот Божји народ треба со почит да биде присутен на Меморијалот на Христовата смрт. Оваа година тој ќе се одржи на 28 март 2002, четврток, по зајдисонце.
5 Заради трудољубивите напори што ги вложивме пред да се одржи Меморијалот минатата година, во Македонија имавме највисок број од 2.972 присутни. Колку лица ќе бидат присутни оваа година? Многу ќе зависи од тоа дали ние „напорно работиме и се напрегаме“, помагајќи им на колку што е можно повеќе лица да присуствуваат (1. Тим. 4:10).
6 Освен присуството на Господовата вечера, можеби ќе можеме да ја зголемиме и нашата активност во службата на теренот. Несомнено десетици илјади браќа и сестри во целиот свет ќе бидат помошни пионери во текот на еден или повеќе месеци. Можеш ли да ги уредиш работите да уживаш во предноста да бидеш помошен пионер оваа година? Тоа ќе биде добар начин да покажеш искрено ценење за Божјата љубезна подготовка — жртвата на Христос. Можеш да бидеш уверен во Јеховиниот благослов, како што покажуваат следниве искуства.
7 Една сестра што има световно вработување со полно работно време пишала за своето искуство во помошната пионерска служба минатиот март: „Наша служба за Царството од февруари 2001 ги охрабри сите оние чии околности им го дозволуваат тоа да бидат помошни пионери во текот на сезоната на Меморијалот. Март имаше пет саботи и тоа одговараше на мојот распоред. Затоа одлучив да предадам молба“. Кога започнал месецот, таа си поставила цел да се обиде да започне домашна библиска студија. Дали успеала? Да, успеала додека сведочела 52 часа тој месец! Нејзиниот заклучок? „Добиваме прекрасни благослови кога вложуваме додатни напори.“
8 Какви се користите за семејството кога сите заедно се во пионерска служба? За едно четиричлено семејство што го сторило тоа минатиот април, тоа бил месец што секогаш ќе се памети. Мајката рекла: „Колку само позитивно гледиште имавме за секој ден, бидејќи бевме обединети во службата! Дискусиите за нашите секојдневни активности во службата го направија многу пријатно времето кога ќе се соберевме на вечера“. Синот рекол: „Уживав да одам во служба на теренот со татко ми во текот на седмицата, кога обично одеше на световна работа“. Таткото додал: „Како семеен поглавар, чувствував задоволство од сознанието дека соработуваме во најважната активност во нашево време“. Можат ли сите во семејството да служат како пионери? Зошто не одржите една семејна дискусија за да видите дали е можно сите во семејството да бидат помошни пионери во сезоната на Меморијалот?
9 Можеме ли да го направиме март наш најдобар месец досега? На почетокот на 2000, Наша служба за Царството го постави прашањето: „Можеме ли да го направиме април 2000 наш најдобар месец досега?“ Каков беше одѕивот? Беа постигнати неколку нови највисоки броеви. Имаше највисок број од 186 помошни пионери во еден месец. Освен тоа, имавме нови највисоки броеви во поглед на часови, врачени списанија и повторни посети. Се сеќаваш ли на воодушевувањето што се создаде во вашето собрание со зголемената духовна активност во текот на тој посебен месец? Можеме ли да ги достигнеме, па дури и да ги надминеме тие успеси и оваа година? Со здружени напори, март 2002 може да стане „наш најдобар месец досега“. Зошто март?
10 Има две причини зошто март треба да биде посебен месец на активност. Прво, Меморијалот ќе се одржи кон крајот на март, а тоа ќе ни даде добра прилика рано во месецот да поканиме колку што е можно повеќе лица да присуствуваат. Второ, оваа година март има цели пет викенди и затоа ќе биде полесно да бидат помошни пионери оние што имаат световно вработување или одат на училиште. Зошто сега не седнеш да направиш добар распоред, користејќи го календарот што е даден во додатоков? Можеби е полесно да бидеш помошен пионер отколку што мислиш. На пример, планирајќи 8 часа служба на теренот во секој од петте викенди, ќе треба да испланираш само уште 10 часа до крајот на месецот за да ги постигнеш бараните 50 часови.
11 Што можат да сторат старешините за да им помогнат на сите во собранието ‚во потполност да ја проповедаат речта Божја‘? Создај воодушевеност преку програмата на состанокот и преку личните разговори. Водителите на Собраниските студии на книга и нивните помошници можат да преземат иницијатива да разговараат со секого што е доделен во нивната група и да му понудат лична помош. Неколку љубезни зборови на охрабрување или некои практични предлози можат да бидат токму она што е потребно (Посл. 25:11). Мнозина ќе видат дека со некои ситни измени во својот распоред ќе можат да уживаат во предноста да служат како помошни пионери. Во многу собранија, повеќето, ако не и сите старешини, слуги помошници и нивните сопруги даваат добар пример со тоа што се помошни пионери во сезоната на Меморијалот. Ова охрабрило многу објавители да им се придружат. Поради физичките ограничувања или поради други околности, некои објавители можеби не се во состојба да бидат пионери, но можат да бидат охрабрени да го покажат своето ценење правејќи колку што можат во службата заедно со сите други во собранието.
12 Успехот зависи од внимателното планирање од страна на старешините. Во текот на седмицата треба да се испланираат Состаноци за служба на теренот во соодветни термини. Ако е можно, надгледникот за служба однапред ќе наименува квалификувани браќа да ги водат сите состаноци за служба. Ќе биде потребна добра подготовка за тие состаноци да не траат подолго од 10 до 15 минути, вклучувајќи го и организирањето групи, доделувањето подрачја и молитвата. (Види ја Рубриката прашања во Наша служба за Царството од септември 2001.) Распоредот за активноста во текот на месецот треба да биде јасно изнесен пред собранието и поставен на огласната табла.
13 Треба да има на располагање соодветни подрачја. Надгледникот за служба треба да се состане со братот што води сметка за подрачјата и да направи подготовки да се обработат терените што не се често обработувани. Посебно треба да се обрне внимание на местата каде што немало никој дома, на сведочењето на улица и од продавница до продавница и на вечерното сведочење. Каде што е соодветно, на некои објавители може да им се помогне во сведочењето по телефон.
14 Помогни им повторно да служат: Дали на подрачјето на твоето собрание има некои што повеќе не се активни во проповедањето на добрата вест? Таквите сѐ уште се дел од собранието и потребна им е помош (Псал. 119:176). Бидејќи крајот на овој стар свет е толку близу и новиот свет е непосредно пред нас, имаме добра причина да вложуваме напори да им помогнеме на оние што станале неактивни (Рим. 13:11, 12). Во изминативе пет години, повеќе од 26.500 лица секоја година се одѕивале на помошта и повторно станувале активни. Што можеме да направиме за да им помогнеме уште на многу луѓе да ја разгорат љубовта и увереноста што ги имале во почетокот? (Евр. 3:12—14).
15 Старешинското тело ќе сака да дискутира за тоа како може да им се помогне на оние што станале неактивни во текот на изминативе неколку години (Мат. 18:12—14). Секретарот треба да ги прегледа картичките Извештај на собраниски објавител и да ги забележи сите оние што станале неактивни. Треба да се вложи посебен напор да се помогне преку подготовката за правење пастирски посети. Некој старешина можеби ќе сака да појде кај извесен објавител затоа што веќе се знае со него и се дружеле, или, пак, може да замоли и други објавители да помогнат. Можеби проучувале со оној што сега е неактивен и радосно ќе ја прифатат приликата да бидат од особена помош кога му е потребно. Се надеваме дека многумина од оние што станале неактивни ќе бидат поттикнати да почнат повторно да ја проповедаат Божјата реч. Ако се квалификуваат, нема подобра прилика да почнат отколку во сезоната на Меморијалот! (За натамошни детали види ја рубриката прашања во Наша служба за Царството од ноември 2000.)
16 Дали другите се квалификуваат да проповедаат? Јехова и понатаму го благословува својот народ собирајќи ги „пожелните работи од сите нации“ (Агеј 2:7, NW). Секоја година илјадници се квалификуваат за некрстени објавители. Кои се тие? Децата на Јеховините сведоци, како и напредните библиски студенти. Од каде знаеме дали се квалификуваат да бидат објавители на добрата вест?
17 Децата на Јеховините сведоци: Многу деца со години ги придружуваат своите родители од куќа до куќа, иако сѐ уште не служат како некрстени објавители. Март може да биде добра прилика да започнат. Како можеш да знаеш дали твоето дете се квалификува? На страница 100 од Организирани да ја извршуваме нашата служба стои дека детето се квалификува тогаш кога „е примерно во своето однесување и способно лично да ја изрази својата вера зборувајќи со другите за добрата вест, како и од срце мотивирано да го прави тоа“. Ако мислиш дека твоето дете се квалификува, разговарај со еден старешина од Службениот одбор на собранието.
18 Квалификувани библиски студенти: Откако некој библиски студент стекнал спознание и доаѓал на состаноците извесно време, можеби ќе сака да стане објавител на Царството. Ако ти водиш студија со таков студент, размисли за овие прашања: Дали напредува во склад со својата возраст и способност? Дали почнал неформално да ја споделува својата вера со другите? Дали ја облекува „новата личност“? (Кол. 3:10). Дали ги исполнува квалификациите за некрстен објавител, изнесени во книгата Наша служба, страници 97—99? Ако е така, треба да контактираш со Службениот одбор на собранието за да се направат подготовки двајца старешини да се состанат со тебе и со студентот. Ако се квалификува, двајца старешини ќе го информираат дека може да почне да учествува во јавната служба.
19 Што е со април и мај? И тие ќе бидат специјални месеци за зголемена активност во службата на теренот. Мнозина од оние што ќе бидат помошни пионери во март, ќе можат повторно да бидат пионери и во април и/или мај. Во текот на април и мај, во служба првенствено ќе ги нудиме списанијата Стражарска кула и Разбудете се! Колкаво само поволно влијание извршиле тие врз животите на оние што ги читаат! Овие списанија одиграле голема улога во постигнувањето на извонредниот пораст во целиот свет. Во текот на април и мај ќе се вложува посебен напор да се нудат овие списанија на колку што е можно повеќе луѓе. Планирај како да имаш потполно учество.
20 Со зголемената проповедничка активност што се планира, треба ли да го зголемиш бројот на списанија што ги добиваш преку собранието? Во текот на службената година ги нудиме Стражарска кула и Разбудете се! секоја сабота, нашиот одреден Ден за списанија. Меѓутоа, бидејќи мнозина ќе учествуваат во помошната пионерска служба и секој од нас ќе ги нуди овие списанија цели два месеца, можеби ќе треба да ја зголемиш нарачката на списанија во собранието. Ако е така, те молиме веднаш информирај го слугата за списанија во твоето собрание. Во исто време, слугата за литература треба да се погрижи да има доволно за сите од трактатот Сакаш ли да знаеш повеќе за Библијата?
21 Многумина изразиле ценење за рубриката „Што да речеш за списанијата“ од Наша служба за Царството. Дали ја искористи оваа подготовка учејќи ги предложените презентации на списанија? Зошто не искористиш дел од твојата семејна библиска студија секоја седмица за да ги вежбаш овие презентации?
22 Добро искористи ја оваа сезона на Меморијалот: Исто како апостол Павле, да му покажеме на Јехова колку го цениме „неговиот неопислив бесплатен дар“ со нашето потполно учество во духовните активности што се планираат за сезоната на Меморијалот. Тие вклучуваат 1) да присуствуваме на најважната прилика оваа година, одбележувањето на Господовата вечера в четврток, 28 март 2002; 2) да им помогнеме на оние што станале неактивни да ја разгорат ‚љубовта што ја имале во почетокот‘ (Откр. 2:4; Рим. 12:11); 3) да им помогнеме на нашите деца и на библиските студенти што се квалификуваат да станат некрстени објавители; и 4) да учествуваме во делото на евангелизирање колку што е можно поцелосно, па дури и да бидеме помошни пионери во март и следните месеци (2. Тим. 4:5).
23 Горливо се молиме сите ние да имаме целосно учество во проповедањето на добрата вест во текот на оваа сезона на Меморијалот, и со тоа да ја покажеме длабочината на нашето ценење за сѐ што направил Јехова за нас.
[Рамка на страница 6]
Личен распоред за служба на теренот за март 2002
Понеделник Вторник Среда Четврток Петок Сабота Недела
1 2 3
Ден со списанија
4 5 6 7 8 9 10
Ден со списанија
11 12 13 14 15 16 17
Ден со списанија
18 19 20 21 22 23 24
Ден со списанија
25 26 27 28 29 30 31
Ден со списанија
МЕМОРИЈАЛ
ПО ЗАЈДИСОНЦЕ
Можеш ли да испланираш вкупно 50 часа за да бидеш помошен пионер во март?