Продолжи да ги разгласуваш Јеховините чудесни дела
1. Кои се некои од Јеховините чудесни дела што ти особено ги цениш?
1 Никој не може да се спореди со нашиот величествен Бог, Јехова! Давид напишал: „О Господи, Боже мој, Ти твориш многу чудеса и замисли чудни — Ти нема рамен!“ (Псал. 40:5). Меѓу Јеховините чудесни дела се создавањето на универзумот, Месијанското Царство, делата на љубезна оддаденост кон неговиот народ и светската проповедничка кампања (Псал. 17:7, 8; 139:14; Дан. 2:44; Мат. 24:14). Љубовта кон Јехова и ценењето за сѐ што направил нѐ поттикнуваат да им кажуваме на другите за него (Псал. 145:5—7). Во текот на март, април и мај ќе имаме прилика да го правиме тоа попотполно.
2. Како лично извлекуваме корист од служењето како помошен пионер?
2 Како помошен пионер: Можеш ли да го организираш својот распоред така што ќе можеш да поминеш 50 часови во службата во текот на еден или повеќе од овие месеци на посебна активност? Секако дека ќе се исплатат сите преиначувања што ќе ги направиш во твојата рутина (Ефеш. 5:16). Мнозина увиделе дека служењето како помошен пионер им помага да го подобрат квалитетот на својата служба. Стануваат поопуштени на врата и повеќе ја користат Библијата. Тоа што поминуваат повеќе време во службата им овозможува полесно да го следат секој интерес на којшто ќе наидат, а некои што порано не воделе библиска студија започнале студија додека биле помошни пионери. Бидејќи служењето како помошен пионер вклучува да се трошиме за другите, тоа е радосна активност (Дела 20:35).
3. Како некои биле во состојба да бидат помошни пионери и покрај тешките околности?
3 Немој брзо да заклучиш дека твоите околности не ти дозволуваат да бидеш помошен пионер. Еден старешина кој минатата година бил помошен пионер има две деца и работи полно работно време. Како успеал овој зафатен брат? Бидејќи преку седмицата работи, испланирал да поминува по цел ден во службата преку викендите, и во саботите почнувал со улично сведочење во 7.00 часот. Неколкумина во собранието што биле во слични околности исто така служеле како помошни пионери и се поддржувале и се храбреле еден со друг. Во друго собрание, една 99-годишна сестра одлучила во мај да биде помошен пионер откако ќерка ѝ ја замолила да ѝ се придружи. Другите во собранието ѝ помагале на оваа постара сестра да оди од врата до врата и на библиски студии така што ѝ ја туркале инвалидската количка. Исто така, оваа сестра сведочела по телефон, сведочела на улица и пишувала писма. Убедена е дека не успеала во тоа со своја сопствена сила туку само со помошта од Јехова (Иса. 40:29—31).
4. Кои фактори можеме да ги земеме предвид кога правиме распоред за помошна пионерска служба?
4 Обиди се да си направиш распоред што најдобро ќе одговара на твоите околности. Од помош можат да ти бидат распоредите што се предложени во ова издание. Дали имаш полно работно време или одиш во училиште? Можеби за тебе најпрактичен ќе биде распоред во кој првенствено се користат викендите. Ако имаш здравствени проблеми и ако силата не ти дозволува да си во служба цел ден, можеби најдобар ќе биде распоред според кој се бара да поминуваш по малку време секој ден. Разговарај со другите за твојата желба да бидеш помошен пионер. Можеби и тие ќе си го постават тоа за цел.
5. Какви цели можат да си постават младите за март, април и мај?
5 Начини на кои можат да учествуваат и младите: Јехова е задоволен кога младите ги разгласуваат неговите чудесни дела (Псал. 71:17; Мат. 21:16). Ако си млад и крстен, можеби ќе можеш да бидеш помошен пионер во текот на некој месец кога имаш училишен распуст. Ако не можеш да служиш како помошен пионер, можеш ли да си поставиш конкретни цели да го зголемиш својот удел и да го подобриш квалитетот на твојата служба во текот на овие месеци? Ако учествуваш во службата со своите родители, а сѐ уште не си некрстен објавител, сега би било одлично време да се обидеш да се квалификуваш. Нема потреба да мислиш дека мораш да бидеш специјалист за одговори на библиски прашања или дека мораш да знаеш колку и возрасните што се крстени. Ги разбираш ли основните библиски учења? Се придржуваш ли за библиските морални мерила? Сакаш ли да бидеш познат како Јеховин сведок? Тогаш, разговарај со твоите родители за тоа. Тие можат да договорат да им пријдат на старешините со тебе за да видат дали ги исполнуваш барањата. (Види ја книгата Наша служба, страници 98, 99.)
6. Како можеме да им помогнеме на библиските студенти да станат објавители на добрата вест?
6 Да им се помогне на другите да проповедаат: Напредните библиски студенти можат да се квалификуваат да ни се придружат како објавители во текот на претстојните месеци на посебна активност. Ако имаш библиски студент што добро напредува, побарај помош од твојот надгледник на студија на книга или од надгледникот за служба. Еден од нив може да дојде со тебе на студијата за да го оцени напредокот на студентот. Ако студентот се квалификува и има желба да биде објавител, претседавачкиот надгледник може да организира двајца старешини да се видат со тебе и со студентот. (Види ја Стражарска кула од 1 април 1989, 29. страница.) Кога студентот ќе биде одобрен, веднаш почни да го обучуваш во службата.
7. Како може да им се помогне на нередовните и на неактивните објавители?
7 Надгледниците на студија на книга треба да им обрнат особено внимание на сите во нивната група што се неактивни или нередовни. Лично покани ги да одат со тебе во служба. Ако се неактивни веќе долго време, добро е најпрво двајца старешини да поразговараат со нив за да видат дали се квалификуваат. (Види ја „Рубрика прашања“ во Наша служба за Царството од ноември 2000.) Ревноста на собранието во текот на овие месеци на посебна активност може и нив да ги поттикне службата повторно да стане редовна одлика на нивниот живот.
8, 9. Што можат да направат старешините за да влеат жар за посебна активност?
8 Сега подготви се за зголемена активност: Старешини, сега почнете да го охрабрувате собранието на помошна пионерска служба. Можете многу да постигнете со своите позитивни коментари и со добриот пример (1. Петр. 5:3). Кој бил највисокиот број помошни пионери што го имало собранието досега? Може ли оваа година да се надмине тој број? Надгледниците на студија на книга и нивните помошници треба да бараат начини да ги охрабрат сите во групата да ја зголемат својата активност. Надгледниците за служба можат да испланираат дополнителни состаноци за служба на теренот. Известете го собранието однапред за она што е организирано. Погрижете се да бидат доделени способни објавители да предводат и состаноците за служба да почнуваат и да завршуваат навреме. (Види ја „Рубрика прашања“ во Наша служба за Царството од септември 2001.) Надгледникот за служба треба исто така да се погрижи да има доволно терени, списанија и литература.
9 Минатата година старешините во едно собрание почнале со жар и доволно однапред да охрабруваат на помошна пионерска служба, а и неколкумина од нив дале молби. Организирале дополнителни состаноци за служба — еден во 5.30 за улично сведочење, еден во 15.00 за оние што тогаш завршуваат со училиштето и уште еден во 18.00 за оние што тогаш завршуваат со работа. Освен тоа, во сабота биле организирани три состаноци за служба на теренот. Собранието реагирало, и во април 66-мина се пријавиле како помошни пионери.
10. Како можат семејствата да се подготват за да ја зголемат својата активност?
10 Зошто не одредите време во текот на вашата следна семејна студија да си поставите реални цели за претстојните месеци? Со добра соработка и планирање, некои или сите во семејството би можеле да бидат помошни пионери. Ако тоа не е возможно, постави цел да ја зголемите вашата активност така што ќе ги продолжите вообичаените периоди за служба или така што ќе одите во служба и во дополнителни прилики. Направете го тоа предмет на молитва како семејство. Можете да бидете уверени дека Јехова ќе ги благослови вашите напори (1. Јов. 3:22).
11. а) Кои чудесни работи ги постигнала жртвата на Христос? б) Во кое време и на кое место локално ќе се одбележи Меморијалот?
11 Божјето најчудесно дело: Најголемиот израз на љубов на Јехова е тоа што го дал својот Син како откуп за нас (1. Јов. 4:9, 10). Откупната жртва дава законски темел за човештвото да се искупи од грев и од смрт (Рим. 3:23, 24). Пролеаната крв на Исус го направила полноважен новиот сојуз и овозможила несовршени луѓе да бидат посвоени од Бог како синови со изглед да владеат во небесното Царство (Ерем. 31:31—34; Мар. 14:24). Најважно од сѐ, Исусовиот живот на совршена послушност го посветил Јеховиното име (Втор. 32:4; Посл. 27:11). Во недела, на 4 април, по зајдисонце, низ целиот свет ќе биде одбележан Меморијалот на Христовата смрт.
12. Како тоа што ќе присуствуваат на одбележувањето на Господовата вечера ќе им користи на заинтересираните?
12 Одбележувањето на Господовата вечера ги велича чудесните дела на Јехова. Предавањето го зголемува нашето ценење за она што Јехова го направил со тоа што ја дал откупнината. Присутните што се заинтересирани ќе можат да забележат и други чудесни дела на Бог. Ќе можат да го видат единството и срдечната љубов што Јехова го учи својот народ да ги покажува (Ефеш. 4:16, 22—24; Јак. 3:17, 18). Присуството на овој важен настан може навистина да влијае врз нечие размислување, па затоа сакаме да присуствуваат колку што е можно повеќе луѓе (2. Кор. 5:14, 15).
13, 14. Кого треба да поканиме на Меморијалот, и како?
13 Покани и други да присуствуваат: Почни да се подготвуваш уште сега така што ќе си направиш список со оние што сакаш да ги поканиш. Во твојот список треба да бидат вклучени членовите на семејството што не се верници, соседи, познаници од работа или од училиште, поранешни и сегашни библиски студенти и сите оние што ги посетуваш. Надгледниците на студија на книга на својот список треба да ги вклучат и сите неактивни објавители.
14 Користи ги печатените покани за Меморијалот и отчукај ги или читливо напиши ги времето и местото на Меморијалот. Или можеби ќе сакаш да ја употребиш поканата што се наоѓа на последната страница на Стражарска кула од 15 март 2004 и на Разбудете се! од 8 март 2004. Како што се приближува 4 април, потсети ги оние од твојот список или лично или по телефон.
15. Како можеме да покажеме гостољубивост вечерта кога е Меморијалот?
15 На Меморијалот: Потруди се да пристигнеш рано вечерта кога е Меморијалот. Покажи гостољубивост така што срдечно ќе се поздравиш со новите (Рим. 12:13). Имаш посебна одговорност кон гостите што ти си ги поканил. Потруди се да се чувствуваат добредојдени и запознај ги со други во собранието. Можеби ќе им помогнеш да најдат место за седење близу до тебе. А ако некои од нив немаат Библија или песнарка, организирај да гледаат со тебе или со некој друг. По одбележувањето биди на располагање да им одговориш на сите прашања што можеби ќе ги имаат. Ако некои се тука првпат, прашај ги дали би сакале да научат нешто повеќе за Божјата реч и намера. Понуди им да водиш домашна библиска студија со нив.
16. Што може да се направи за да им се помогне духовно да напредуваат на оние што дошле на Меморијалот?
16 Продолжи да им помагаш на оние што дошле: Во седмиците по Меморијалот, можеби на оние што дошле ќе им треба натамошна помош. Тука се вклучени оние што некогаш редовно доаѓале на состаноците, но кои сега ретко се дружат со собранието. Старешините ќе бидат спремни да се погрижат таквите да не бидат превидени и ќе сакаат да одредат зошто престанале да напредуваат духовно. Нагласи им колку се итни времињата (1. Петр. 4:7). Помогни им да увидат колку е корисно ако се следи библискиот совет редовно да се собираме со Божјиот народ (Евр. 10:24, 25).
17. Зошто треба да продолжиме да ги разгласуваме Јеховините чудесни дела?
17 Јеховините дела се премногу чудесни за да ги разбереме потполно дури и ако живееме вечно (Јов 42:2, 3; Проп. 3:11). Затоа, никогаш нема да ни недостигаат работи за кои ќе го фалиме. Оваа сезона на Меморијалот можеме да ја покажеме нашата благодарност за Јеховините чудесни дела со тоа што ќе вложиме посебни напори да ја зголемиме нашата служба.
[Табела на страница 5]
Можеш ли да бидеш помошен пионер користејќи еден од овие распореди?
март пон.* вто.* сре.* чет. пе. саб. нед. месец вкупно
секој ден 1 1 1 1 1 5 2 51
два дена 5 0 5 0 0 0 0 50
само викенди 0 0 0 0 0 8 5 52
викенди и два
работни дена 0 0 2 0 2 6 2 50
април пон. вто. сре. чет.* пе.* саб. нед. месец вкупно
секој ден 1 1 1 1 1 5 2 50
два дена 0 0 0 5 5 0 0 50
само викенди 0 0 0 0 0 8 5 52
викенди и два
работни дена 0 0 2 0 2 6 2 50
мај пон.* вто.* сре.* чет. пе. саб. нед. месец вкупно
секој ден 1 1 1 1 1 4 2 51
два дена 5 0 0 0 0 5 0 50
само викенди 0 0 0 0 0 7 3 50
викенди и два
работни дена 0 0 2 0 2 5 2 51
* Пет во месецот