Радостите од полновремената служба
1 Како млада личност, несомнено си размислувал за својата иднина. Пословици 21:5 (NW) ни кажува дека „плановите на марливиот сигурно придонесуваат за корист“. Ќе биде корисно да размислиш сериозно за своите цели во животот. Кога правиш планови за иднината, размисли за тоа да започнеш со полновремена служба. Зошто?
2 Прашај некои возрасни што биле пионери во младоста какви се нивните впечатоци и несомнено ќе го речат истото: „Тоа беа најубавите години во мојот живот!“ Еден брат што ги искусил радостите на полновремената служба уште од својата младост, подоцна во животот рекол: „Извор на големо задоволство е што, кога ќе се сетам на младоста, можам да речам дека го следев мудриот совет: ‚Спомнувај си за својот Создател во деновите на својата младост‘“ (Проп. 12:1). Потребно е добро планирање сега, и од твоја страна и од страна на твоите родители, за да најдеш начин да ја искусиш оваа радост додека си млад.
3 Родители, охрабрете на полновремена служба: Јехова, како грижлив Татко, точно ви покажува по кој пат да одите (Иса. 30:21). Кога дава такво водство полно со љубов, тој дава добар пример за вас како христијански родители. Наместо да им препуштите на децата да изберат кој пат е најдобар за нив, мудро воспитајте ги на патот по кој треба да одат за да имаат Јеховин благослов. Потоа, кога ќе пораснат, вашето воспитување ќе им помогне ‚да разликуваат исправно и неисправно‘ (Евр. 5:14). Возрасните од искуство знаат дека не можат да имаат доверба во сопственото просудување; тие мора да се потпираат на Јехова за да ги исправи нивните патишта (Посл. 3:5, 6). Оваа потреба е уште поголема за младите, кои немаат големо искуство во животот.
4 Родители, како што вашите деца наближуваат кон тинејџерските години, па дури и уште порано, реалистично разговарајте со нив каква кариера си поставиле за цел. Училишните советници, наставниците и соучениците ќе се обидат да влијаат врз нив за да изберат световни, материјалистички стремежи. Помогнете им на своите деца да изберат стручни насоки што даваат практична обука, што ги опремуваат да се грижат за материјалните потреби без да ги жртвуваат интересите на Царството (1. Тим. 6:6—11). Во многу случаи, средното образование заедно со часови и/или пракса во некој занает може да биде сѐ што е потребно за некој соодветно да се грижи за своите неопходни потреби додека започнува со општа пионерска служба.
5 Охрабри ги младите да го негуваат дарот на самештво. Ако подоцна одлучат да стапат во брак, ќе бидат во подобра положба да ги преземат потешките одговорности што доаѓаат со бракот. (Види 19. пасус во додатокот на Наша служба за Царството од јуни 2001 „Можеш ли да се ставиш на располагање?“) Зборувајќи позитивно за пионерењето, за служењето онаму каде што има поголема потреба, за бетелската служба и за мисионерската активност, всади им на младите уште на рана возраст желба да го користат својот живот на начин што му е угоден на Јехова, што им користи на другите и што им носи радост ним лично.
6 Млади, ставете ја полновремената служба на прво место: Млади, не морате да се прашувате какво е пионерското дело. Можете да се обидете делумно со тоа што ќе бидете помошни пионери секогаш кога ќе можете во текот на училишната година и додека трае распустот. Тогаш ќе сфатите колкаво задоволство донесува пионерската служба! Можеш ли да видиш како ти се расчистува патот за да бидеш помошен пионер од сега до крајот на летото?
7 Ако си млад брат во Божјата организација, сериозно размисли и за тоа да се стремиш да се квалификуваш за слуга помошник (1. Тим. 3:8—10, 12). Освен тоа, одлучи дали, штом ќе ја достигнеш бараната возраст, ќе се пријавиш за бетелска служба или за да ја посетиш Школата за оспособување на слуги. Од твоето искуство во пионерската служба ќе научиш скапоцени лекции, на пример, како да живееш по одреден распоред, како да ја подобриш својата лична организација, како да се сложуваш со другите и како да стекнеш чувство за одговорност. Сето ова ќе те подготви за поголеми предности во службата подоцна.
8 Клучен фактор за успех во полновремената служба е да имаш дух на теократска трудољубивост. Апостол Павле охрабрил на таков став и ги покажал благословите што ќе произлезат: „Што и да правите, работете на тоа со сета душа како за Јехова . . . зашто знаете дека од Јехова ќе ја примите соодветната награда“ (Кол. 3:23, 24). Јехова нека ве благослови со многу радости во полновремената служба!