Дали твоето собрание има големо подрачје?
1 Од градовите во Јудеја до селата на Галилеја, Исус давал интензивно сведоштво низ големото подрачје на древниот Израел (Марко 1:38, 39; Лука 23:5). И ние мораме да достигнеме колку што можеме повеќе луѓе со добрата вест (Марко 13:10). Меѓутоа, тоа може да претставува предизвик. Зошто?
2 Многу собранија имаат подрачје што е претежно селско и опфаќа стотици квадратни километри. Што можеме да направиме за да им помогнеме на луѓето што живеат на такви големи подрачја да ја дознаат вистината за Јехова, за Исус и за Царството?
3 Внимателно планирај: Надгледникот за служба и слугата за подрачја треба да ги координираат собраниските напори за да се постигне најголем успех. Можат да се испланираат специјални саботи кога повеќето ќе можат да посветат цел ден во службата. Кога работиш на оддалечени подрачја, планирај денови кога ќе поминеш подолго време во служба на теренот ако е можно, носејќи со себе ручек за да каснеш напладне. Можеш да се состанеш за служба порано од обично за да има време да отпатуваш до подрачјето или може да се одржи состанокот за служба на теренот во близина на подрачјето што ќе се обработува. Групите во автомобилите нека бидат мали за да има работа за сите. Направи подготовка да работиш на селските подрачја во време кога временските и патните услови се поволни.
4 Погрижи се да понесеш соодветно количество литература. Ако подрачјето е ретко обработувано, можеби ќе биде соодветно да оставиш трактат или некое постаро списание на местата каде што нема никој дома. Ако на твојот јазик го има трактатот Би сакал ли да знаеш повеќе за Библијата?, понуди му го на секого што ќе го сретнеш и остави по еден трактат на местата каде што нема никој дома.
5 Целосно соработувај: Обработувањето на големо подрачје бара соработка од сите во собранието. Кога е потребно да се патува далеку, оние што патуваат заедно можат да ги поделат патните трошоци. Треба да покажеш добро просудување кога ќе најдеш станари што се спремни да разговараат. Секогаш биди свесен за потребата да ги достигнеш сите на подрачјето и биди обѕирен кон оние што чекаат во автомобилот. Ако сакаш подолго да разговараш со некое заинтересирано лице, можат ли да се направат подготовки да не се задржуваат другите од групата?
6 Направи конкретни подготовки да го следиш секој интерес. Освен адресата, обиди се да го добиеш и телефонскиот број на заинтересираното лице за да контактираш со него и да дадеш натамошно сведоштво по телефон. Ако селските улици немаат име или куќите немаат број, внимателно нацртај си мапа или напиши описно како да се најде заинтересираното лице на повторната посета.
7 Колкава само предност имаме да работиме според Исусовите упатства: „Во кој град или село ќе влезете, побарајте кој во него е достоен, и останете таму додека не си заминете“! (Матеј 10:11). Сигурно дека Јехова ќе ги благослови твоите напори додека спремно се даваш себеси во ова најнаградувачко дело!