Што е твојот приоритет?
1 Многу религиозни организации ставаат нагласок на правењето добротворни дела, како што е обезбедувањето објекти за световно образование или за медицински потреби. Меѓутоа, иако не забораваат ‚да им прават добро и да делат со другите‘, Јеховините сведоци ставаат приоритет на тоа духовно да им помогнат на луѓето (Евр. 13:16).
2 Образецот од првиот век: Исус направил многу добри дела за време на својата земна служба, но негово главно дело било да даде сведоштво за вистината (Лука 4:43; Јован 18:37; Дела 10:38). Тој им заповедал на своите следбеници да ‚одат и да прават ученици од луѓето од сите нации . . . учејќи ги‘ (Мат. 28:19, 20). И укажал дека оние што ќе практикуваат вера во него ќе го вршат во многу поголеми размери делото што тој го започнал (Јован 14:12). Исус му дал приоритет на делото на проповедање зашто тоа им помага на луѓето да го научат патот на спасение (Јован 17:3).
3 Апостол Павле ја сметал својата проповедничка активност за „нужност“, барање што не можел да го игнорира (1. Кор. 9:16, 17). За да ја изврши својата служба, бил спремен да направи секаква жртва, да истрае под секаков испит или да поднесе, ако треба, секакви тешкотии (Дела 20:22—24). Апостол Петар и неговите соработници покажале ист таков дух. Дури и покрај тоа што биле затворани и тепани, тие ‚продолжиле без престан да поучуваат и да ја објавуваат добрата вест за Христос, Исус‘ (Дела 5:40—42).
4 Како е со нас? Му даваме ли приоритет на делото на објавување на добрата вест за царството и на правењето ученици? Како Исус, се грижиме ли вистински за оние што се „одрани и расеани како овци без пастир“? (Мат. 9:36). Сегашниве светски настани и библиските пророштва јасно потврдуваат дека на овој злобен систем му истекува времето! Тоа што јасно ќе ја задржиме на ум важноста на делото на проповедање ќе нѐ поттикне да продолжиме ревносно да проповедаме.
5 Преиспитај ги своите можности: Бидејќи личните околности честопати се менуваат, добро е одвреме навреме да разгледаме дали можеме да направиме преиначувања за да имаме поцелосен удел во делото на проповедање. Една сестра била општ пионер во текот на 50-те, 60-те и 70-те години, но мислела дека треба да прекине поради лошото здравје. Меѓутоа, со текот на времето здравјето ѝ се подобрило. Неодамна, повторно ги преиспитала своите околности и одлучила дека пак може да биде пионер. Колку само била среќна што на 90-годишна возраст присуствувала на Школата за пионерска служба! Како е со тебе? Дали си пред пензија или наскоро ќе дипломираш? Може ли промената во твоите околности да ти дозволи да бидеш пионер?
6 Кога забележал дека Марта ‚била зафатена со грижата околу многу должности‘, Исус љубезно ѝ укажал дека ќе пожнее поголеми благослови ако ги држи работите едноставни (Лука 10:40—42). Можеш ли да го поедноставиш својот начин на живот? Дали навистина е неопходно и сопругот и сопругата да имаат световна работа? Ако се направат преиначувања, може ли твоето семејство да живее само со еден приход? Мнозина извлекле духовна корист со тоа што направиле преиначувања за да можат да имаат поголем удел во службата.
7 Нека секој од нас го следи образецот што го поставиле Исус и апостолите! Можеме да бидеме сигурни во Јеховиниот благослов врз нашите искрени напори да имаме целосен удел во важното дело на проповедање на добрата вест за Царството (Лука 9:57—62).