Драги објавители на Царството!
„Бог правеше да расте“ (1. Кор. 3:6). Колку е возбудливо што гледаме пораст на полето во Македонија! Во текот на 2003 службена година, имавме многу причини да се радуваме и да бидеме уверени во постојаниот Јеховин благослов на нашето дело во овој дел од светот.
Беше за пофалба вкупниот број помошни, општи и специјални пионери што служеа во текот на април — повеќе од 230! Исто така, во просек водевме околу 600 библиски студии секој месец. И кој може да го заборави новиот највисок број присутни на Меморијалот оваа година! На Господовата вечера беа присутни три илјади дваесет и двајца — речиси трипати повеќе од бројот на објавители. Ова покажува одличен потенцијал за поголем пораст во иднина.
Нашиот извештај не би бил комплетен ако не го спомнеме довршувањето и свеченото отворање на нашите нови бетелски објекти во текот на мај. Ова навистина беше долгоочекуван настан и среќни сме што имаме вистински центар од каде што го организираме делото на Царството во оваа земја.
На почетокот на 2004 службена година, ви се придружуваме во молитвата до Јехова да продолжи да ‚прави да расте‘.
Вашите браќа,
Јеховини сведоци, Македонија