Драги објавители на Царството!
Во текот на 2005 службена година имаше многу ревносни активности во различни аспекти од делото на Царството во Македонија. Имавме голем пораст во бројот на специјалните пионери и се радуваме дека сега имаме 19 браќа и сестри заедно со скоро 70 општи пионери кои многу се трудат во делото на проповедање и поучување. Стотици други имаа привилегија да служат како помошни пионери еден или повеќе месеци.
Јехова го благословува тој добар дух на својот народ и ние гледаме постојан пораст во бројот на нови објавители и крстени лица. За прв пат Меморијалот се одржа и на албански јазик и среќни сме што гледаме дека се обрнува сѐ поголемо внимание на ова големо подрачје од нашето население.
Исто така, охрабрувачки е тоа што повеќе браќа беа спремни и ги исполнија условите да преземат поголеми одговорности, па беа наименувани како слуги помошници и старешини. Се молиме Јехова да ги благослови во нивната служба и тоа да поттикне уште многу други да се стават на располагање да добијат поголеми одговорности.
Спремноста на Божјите слуги е очигледна и во еден друг аспект од делото на Царството: изградба на Сали на Царството од локалните собранија, поддржани од група доброволци и слуги за градба. Беше трогателно да се види ентузијазмот на браќата во Крива Паланка во врска со нивниот проект, кој беше завршен на крајот од 2005 службена година. Има уште многу други проекти и овие нови места за обожавање на Јехова сигурно ќе придонесат за поголем пораст во овие подрачја.
Трите големи собири што ги имавме минатата службена година ја нагласија важноста од нашите христијански состаноци. И колку многу Јехова ги цени нашите напори да присуствуваме на овие настани, и покрај економските тешкотии или противењето со кое многумина се соочуваат! Тој сигурно ќе ги благослови нашите напори да присуствуваме и на претстојните собири за оваа службена година, и сега е времето да планираме и да заштедиме пари за патувањето до конгресните места.
За пофалба се сите жртви и сите ревносни активности што ги направивте за унапредување на интересите на Царството! Јехова нека ги благослови нашите обединети напори „да служиме за фалба на неговата слава“ (Ефеш. 1:12).
Вашите браќа
Бетел, Македонија