„Љубете го Јехова, сите вие што сте му лојални“
Смртта на Исус ќе биде комеморирана на 4 април
1 Пред многу години, кога Украина беше под комунистичко владеење, властите внимателно ги набљудувале браќата — особено кога се приближил денот на Господовата вечера — бидејќи се надевале дека ќе откријат каде се состануваат. Тоа отсекогаш било проблем зашто властите знаеле отприлика на кој датум ќе биде комеморацијата. Што можеле браќата да направат? Подрумот на една сестра бил поплавен. Бидејќи властите не би очекувале некој да се собере таму, браќата направиле подиум над водата која достигала до колената. Иако морале да седат на подиумот свиткани под нискиот таван, никој не ги вознемирил додека собранието радосно го одбележувало Меморијалот.
2 Решеноста на нашите украински браќа да ја послушаат заповедта да ја комеморираат смртта на Исус била прекрасен доказ за нивната љубов кон Бог (Лука 22:19; 1. Јов. 5:3). Секогаш кога се соочуваме со пречки во животот, да црпиме охрабрување од ваквите примери и да бидеме решени да присуствуваме на одбележувањето на Господовата вечера на 4 април. На тој начин покажуваме дека ги делиме чувствата на псалмистот кој пеел: „Љубете го Јехова, сите вие што сте му лојални“ (Псал. 31:23, NW).
3 Помогни им на другите да растат во љубовта кон Бог: Љубовта кон Бог, исто така, нѐ поттикнува да ги поканиме другите да ја одбележат комеморацијата заедно со нас. Додатокот од Наша служба за Царството од февруари нѐ охрабри сите да си направиме список со оние што планираме да ги поканиме на Меморијалот. Дали марливо се држиш за тоа да ги поканиш сите што се на твојот список? Одвој си време за да им го објасниш значењето на тој настан. Тоа што љубезно ќе ги потсетиш за денот и времето на Меморијалот и тоа што, доколку е потребно, ќе им понудиш да ги придружуваш може да ги охрабри да дојдат.
4 На Меморијалот, вложи посебен напор да се поздравиш со оние што ја прифатиле нашата покана и потруди се да се чувствуваат добредојдени. Како можеш да им помогнеш да растат во нивната љубов кон Јехова? Биди на располагање да им одговориш на прашањата. Биди спремен да понудиш библиска студија, доколку е соодветно. Покани ги да дојдат на нашите седмични собраниски состаноци. Особено ќе треба старешините да обрнат внимание на неактивните Сведоци кои дошле. Можат да договорат да ги посетат и да ги охрабрат повторно да продолжат со нивната активност, можеби надоврзувајќи се на мислите што ќе бидат изнесени во говорот за Меморијалот (Рим. 5:6—8).
5 Да ја продлабочуваме нашата љубов кон Јехова: Тоа што сериозно ќе размислуваме за дарот на откупнината може да ја продлабочи нашата љубов кон Јехова и кон неговиот Син (2. Кор. 5:14, 15). Една сестра што долги години присуствува на Меморијалот рекла: „Одвај чекаме да дојде Меморијалот. Секоја година ни станува сѐ поважен. Се сеќавам како пред 20 години, стоејќи во капелата и гледајќи во мојот мил татко, повеќе од кога и да било порано почувствував длабоко ценење за откупнината. Предходно, за мене тоа беше само нешто што го знаев. Да, ги знаев сите стихови и знаев како да ги објаснам! Но, дури откако ја почувствував студената реалност на смртта моето срце потполно потскокна од радост поради она што ќе биде направено за нас преку таа скапоцена откупнина“ (Јован 5:28, 29).
6 Додека денот за овогодишниот Меморијал се приближува, одвој си време за да го подготвиш своето срце за тој настан (2. Лет. 19:3). Размислувај за специјалниот распоред за читање на Библијата во текот на Меморијалот, кој е наведен во Секојдневно испитување на Писмото — 2004 и во Календарот за 2004. Некои сакаат на својата семејна студија да ги повторат поглавјата 112—116 од книгата Најголемиот човек. Други, пак, истражуваат дополнително, користејќи други алатки за проучување што ги обезбедува класата на верниот и разборит роб (Мат. 24:45—47). Сите ние можеме да го направиме дарот на откупнината предмет на искрена молитва (Псал. 50:14, 23). Да, во текот на сезоната на Меморијалот можеме постојано да размислуваме за Јеховината љубов кон нас и да бараме начини да ја покажеме нашата љубов кон него (Мар. 12:30; 1. Јов. 4:10).