Имитирај го умствениот став на Исус
1. Каков умствен став покажувал Исус?
1 Иако никогаш не сме го виделе Божјиот Син, преку пишаниот извештај за животот и службата на Исус, вистински сме го засакале (1. Петр. 1:8). Од послушност кон волјата на неговиот Татко, тој ја напуштил својата возвишена небесна положба и дошол на земјата. Како човек, несебично им служел на другите, а потоа го дал и својот живот во корист на човештвото (Мат. 20:28). Божјата реч нѐ поттикнува: „Задржете го во себе ваквиот умствен став како што беше и во Христос Исус“. Како можеме да го имитираме неговиот самопожртвуван дух? (Фил. 2:5—8).
2. Со кој предизвик се соочуваат многу христијани, и што може да ни помогне да го совладаме?
2 Кога се чувствуваме уморно: Иако Исус бил совршен сепак се уморувал. Во една прилика кога бил „изморен од патот“, ѝ дал темелно сведоштво на една Самарјанка (Јован 4:6). Многу христијани денес се соочуваат со сличен предизвик. По некоја напорна седмица може да биде тешко да најдеме сила за да учествуваме во проповедничкото дело. Меѓутоа, ако го правиме тоа редовно, ќе увидиме дека христијанската служба духовно нѐ освежува (Јован 4:32—34).
3. Како можеме да ја имитираме спремноста на Исус да поучува?
3 Во друга прилика, Исус и неговите ученици се упатиле кон едно осамено место за да се одморат малку. Меѓутоа, едно големо мноштво луѓе дознале и побрзале да ги сретнат. Наместо да се изнервира, Исус ‚се сожалил над нив‘ и почнал „да ги учи за многу работи“ (Мар. 6:30—34). За да се започнат и да се водат библиски студии потребен е сличен став. Потребен е постојан напор и искрена љубов кон луѓето. Ако моментално не водиш библиска студија, не се откажувај од обидите да најдеш некоја.
4. Како може помошната пионерска служба да ни помогне да го имитираме умствениот став на Христос?
4 Стави ги духовните интереси на прво место: Помошната пионерска служба може да ни помогне повеќе да се сосредоточиме на духовните активности. Една млада сестра напишала: „Мајката на една моја пријателка нѐ охрабри и двете еден месец да бидеме помошни пионери заедно со неа. Навистина ми е мило што ѝ се придруживме. Уживав во тоа што подобро ги запознавав браќата и сестрите и наскоро тие ми станаа како семејство. Исто така, уживав и во тоа што имав повеќе прилики да им зборувам на другите за Јехова и да ги поучувам за прекрасните вистини за Царството. Поради сето ова се чувствував поблизу до Јехова и до неговата организација“ (Псал. 34:8).
5. Зошто мораме постојано да се напрегаме да го имитираме умствениот став на Исус?
5 Сите ние се соочуваме со битка помеѓу нашето несовршено тело и нашата желба да му угодиме на Јехова (Рим. 7:21—23). Мораме да му се спротивставиме на самопопустливиот дух на светот (Мат. 16:22, 23). Јехова може да ни помогне да успееме во ова со неговиот свет дух (Гал. 5:16, 17). Додека го чекаме избавувањето во Божјиот праведен нов свет, да го имитираме умствениот став на Исус така што интересите на Царството и интересите на другите ќе ги ставаме пред своите (Мат. 6:33; Рим. 15:1—3).