Дел 4: Водење напредни библиски студии
Научи ги учениците да се подготвуваат
1 Ученикот кој претходно го чита градивото, ги подвлекува одговорите и размислува како да одговори со свои зборови, обично брзо напредува во духовен поглед. Затоа, штом е воспоставена редовна студија, подгответе една лекција заедно за да му покажеш на ученикот како се прави тоа. Со повеќето ученици ќе биде корисно заедно да подготвите по едно цело поглавје или лекција.
2 Подвлекување и забелешки: Објасни му како да ги најде директните одговори на отпечатените прашања. Покажи му на ученикот како ти си ги подвлекол клучните зборови или фрази во твојот примерок од публикацијата што се проучува. Додека го разгледувате материјалот, можеби ќе сака да го следи твојот пример, подвлекувајќи го во својот примерок само тоа што е неопходно за да се сети на одговорот (Лука 6:40). Потоа замоли го да одговори со свои зборови. На тој начин ќе имаш увид во тоа колку добро го разбира материјалот.
3 Важен дел од подготовката на ученикот за студијата е внимателно да ги испитува стиховите што не се цитирани (Дела 17:11). Помогни му да согледа дека секој наведен стих поддржува некоја мисла во пасусот. Покажи му како да си прави кратки белешки на маргините од својата публикација за проучување. Нагласи му го фактот дека темелот за она што го учи е Библијата. Поттикни го често да ги користи наведените стихови во коментарите што ги дава при проучувањето.
4 Краток преглед и повторување: Пред да почне темелно да го подготвува материјалот за проучување, на ученикот ќе му биде од помош ако направи еден преглед на темата. Покажи му дека тоа може да го направи со кратко разгледување на насловот, поднасловите и илустрациите во поглавјето. Објасни му дека пред да заврши со подготовката, би било мудро да одвои малку време за да ги повтори главните мисли што се изнесени во лекцијата, можеби користејќи ја рамката со прашања за повторување, доколку ја има. Таквото повторување ќе му помогне да ги запомни информациите.
5 Тоа што ќе го поучуваш ученикот добро да се подготвува за проучувањето ќе му помогне да дава смисловни коментари на собраниските состаноци. Ова исто така ќе му помогне да развие навики при проучувањето, кои ќе му користат долго откако ти ќе престанеш да ја проучуваш Библијата со него.