Проповедање на Царството — скапоцена задача
1 Милијарди жители на Земјата секојдневно извлекуваат корист од Јеховините великодушни подготовки за живот (Мат. 5:45). Меѓутоа, само малкумина ја имаат единствената прилика да покажат благодарност кон својот Творец, со тоа што ја проповедаат добрата вест за Божјето Царство (Мат. 24:14). Колку ја цениш оваа скапоцена задача?
2 Проповедањето на Царството му носи слава на Бог и им дава надеж и мир на луѓето кои се вознемирени од денешниве бурни времиња (Евр. 13:15). За оние што ќе се оѕвијат на пораката, тоа може да значи вечен живот (Јован 17:3). Која кариера или професија може да ни понуди такви користи? Апостол Павле покажал дека ја цени службата со начинот на којшто ја извршувал. Тој на неа гледал како на богатство (Дела 20:20, 21, 24; 2. Кор. 4:1, 7).
3 Покажи ценење за скапоцената задача: Еден начин да покажеме дека ја цениме задачата да проповедаме е тоа што ќе обрнеме внимание на квалитетот на нашата служба. Дали си одвојуваме време да подготвиме презентација што ќе допре до срцата на оние кои нѐ слушаат? Можеме ли да ја подобриме нашата вештина во користењето на Библијата и во резонирањето со луѓето? Дали темелно го обработуваме подрачјето што ни е доделено? Знаеме ли како да започнеме и да водиме библиски студии? Како верните христијани, во минатото и денес, и ние сме мотивирани со исправно гледиште кон оваа активност и длабоко ја цениме нашата задача (Мат. 25:14-23).
4 Кога се соочуваме со последиците од длабоката старост, лошото здравје или други тешки околности, утешно е да знаеме дека нашите ревносни напори да учествуваме во службата навистина многу се ценат. Божјата Реч нѐ уверува дека Јехова го цени таквиот труд да му служиме, дури и кога нашата служба можеби не остава голем впечаток во очите на другите (Лука 21:1-4).
5 Проповедањето на Царството е извор на големо задоволство. Една 92-годишна сестра рекла: „Навистина голема чест е да се погледне наназад на преку 80 години предадена служба на Бог — без никакво жалење! Кога би можела повторно да го живеам својот живот, би го правела истото бидејќи навистина ‚Божјата љубов е подобра од животот‘“ (Пс. 63:3). Да ја цениме и ние оваа скапоцена задача од Бог — делото на проповедање на Царството.