Искористи ја секоја можност да проповедаш
1 Христијанското собрание се состои од луѓе што живеат во најразлични околности. Сепак, без оглед на околностите, обединети сме во нашата одлучност да го фалиме Јехова (Пс. 79:13). Ако поради лошо здравје или други тешки околности не можеме многу да учествуваме во објавувањето на добрата вест, како да користиме други можности да проповедаме?
2 Во секојдневните активности: Исус секогаш ги користел секојдневните контакти со луѓето за да им сведочи. Зборувал со Матеј кога поминувал покрај даночната канцеларија, со Закхеј кога патувал и со Самарјанката кога се одморал (Мат. 9:9; Лука 19:1-5; Јован 4:6-10). Додека ги вршиме секојдневните активности, и ние можеме да искористиме еден обичен разговор за да дадеме сведоштво. Ако секогаш имаме при рака Библија, трактати или брошури, ќе бидеме спремни да зборуваме за нашата надеж (1. Петр. 3:15).
3 Дали твоето учество во службата од куќа до куќа е ограничено затоа што не можеш многу да се движиш? Искористи ги приликите да им сведочиш на медицинските лица што те посетуваат и на другите со кои контактираш (Дела 28:30, 31). Ако околностите ти се такви што мораш често да бидеш дома, дали си се обидел да сведочиш по телефон или преку писмо? Една сестра редовно им пишува писма на своите роднини што не се Сведоци. Таа им пренесува охрабрувачки мисли од Библијата или искуства што ги имала додека сведочела.
4 На работа или на училиште: Нашата желба да го фалиме Јехова ќе нѐ мотивира да ги користиме можностите да го посадиме семето на вистината кога сме на работа или на училиште. Еден осумгодишен објавител им кажал на соучениците во одделението што прочитал во Разбудете се! за Месечината. Откако дознала од каде ги добил информациите, неговата учителка почнала редовно да чита Стражарска кула и Разбудете се! Ако на работното место ја чуваме книгата Што учи Библијата таму каде што другите можат да ја видат, можеби ќе почнат да прашуваат и така ќе имаме прилика да посведочиме.
5 Си размислувал ли на кои сѐ начини би можел да проповедаш додека ги вршиш секојдневните активности? Да настојуваме секој ден „да му принесуваме на Бог жртва на фалба“ со тоа што ќе ги искористиме нашите околности најдобро што можеме (Евр. 13:15).