Покажи искрен интерес — со тоа што ќе се подготвуваш
1 Добрата подготовка за служба ни помага да покажеме искрен интерес за другите. Како? Кога сме добро подготвени, помалку сме преокупирани со презентацијата, па така можеме да му обрнеме поголемо внимание на станарот. Освен тоа, имаме помалку трема и можеме да зборуваме од срце. Тогаш, како да подготвиме една делотворна презентација?
2 Презентацијата треба да биде соодветна: Избери една од предложените презентации во Нашата служба за Царството од јануари 2006, која одговара за вашето подрачје. Потоа размисли како можеш да ја кажеш со свои зборови. Приспособи ја на твоето подрачје. На пример, ако често се случува да разговараш со луѓе од одредена религија или одредено етничко потекло, размисли што би им било интересно. Ако ја приспособиш презентацијата за да одговара на лицата со кои зборуваш, тогаш покажуваш искрен интерес за нив (1. Кор. 9:22).
3 Откако ќе почнеш да ја користиш презентацијата, продолжи да ја подобруваш. Бидејќи уводните зборови се многу важни, забележи како реагираат луѓето на твојот увод. Дали темата ги интересира? Дали прашањата што ги поставуваш ги поттикнуваат да одговорат? Ако не, тогаш прави промени во презентацијата сѐ додека не најдеш пристап што ќе биде делотворен.
4 Како да се потсетиш: На многумина им е тешко да се сетат на презентацијата кога ќе дојдат на нечија врата. Ако и тебе ти се случува тоа, дали си се обидел да ја вежбаш презентацијата така, што некому ќе му ја кажеш на глас? Ова ќе ти ги вреже главните мисли во умот и ќе ти помогне да ги кажеш на едноставен, логичен начин. Исто така, ќе те подготви да се справиш со различните реакции на кои ќе наидеш.
5 Друго нешто што ќе ти помогне да се сетиш е да ја запишеш презентацијата на ливче, а потоа кратко да ја ѕирнеш пред да дојдеш до вратата. Ова кратко потсетување им помага на некои да бидат поопуштени и полесно да разговараат со луѓето. Значи, добрата подготовка може да ни помогне да покажеме искрен интерес за другите и подобро да ја проповедаме добрата вест.