Покажи искрен интерес — така што ќе бидеш приспособлив
1 Апостол Павле ни дал убав пример со тоа што секогаш ја приспособувал презентацијата на добрата вест според потеклото и менталитетот на оние што го слушале (1. Кор. 9:19-23). Треба да се трудиме да го правиме истото. Ако малку промислиме, честопати можеме да ја приспособиме презентацијата што е предложена во Наша служба за Царството, според потребите на луѓето од нашето подрачје. Додека се приближуваме кон некоја врата, можеби ќе забележиме нешто што ни кажува за што е заинтересиран станарот, и тоа можеме да го спомнеме во презентацијата. Меѓутоа, и на друг начин можеме да бидеме приспособливи во нашата служба.
2 Гради врз она што ќе го кажат другите: Кога ја презентираме добрата вест, честопати поставуваме прашање и ги замолуваме станарите да ни одговорат. Како гледаш на одговорот? Дали си склон само рутински да ги пофалиш и потоа да си продолжиш со презентацијата што си ја подготвил? Или, пак, тоа што го кажуваш покажува дека го земаш во обѕир мислењето на станарите? Ако покажеш искрен интерес за тоа што ќе го кажат другите, би можел да користиш дополнителни тактични прашања за да откриеш што навистина размислуваат (Посл. 20:5). Така ќе можеш да се сосредоточиш на оние аспекти од пораката за Царството кои најмногу ги интересираат луѓето на кои им сведочиш.
3 Затоа е потребно да бидеме спремни да зборуваме и за други теми, а не само за оние што во почетокот сме ги планирале за разговор. Ако започнеме со некој проблем за кој се зборувало на вестите, а станарот сака да ни каже за некој локален проблем или за нешто што лично го загрижува, тогаш нашиот искрен интерес да му помогнеме ќе не поттикне да ја сосредоточиме библиската дискусија на тоа што е најважно за него (Фил. 2:4).
4 Приспособување на нашиот пристап: Кога станарот ќе постави прашање, можеби ќе биде корисно разговорот да го продолжиме во друга прилика, откако ќе бидеме во можност да разгледаме дополнителни информации за таа тема. Исто така можеме да му понудиме публикации кои имаат дополнителни информации за тоа. На овој начин ќе покажеме дека сме искрено заинтересирани да им помогнеме на другите да го запознаат Јехова (2. Кор. 2:17).