Покажи искрен интерес — со тоа што ќе бидеш обѕирен и учтив
1 „Јехова е милостив“ (Пс. 145:8). Иако е Севишен Владетел на вселената, тој со несовршените луѓе постапува љубезно, обѕирно и учтиво (Бит. 13:14; 19:18-21, 29). Ако го следиме примерот на нашиот љубезен Бог, ќе можеме подобро да им ја пренесуваме добрата вест на другите (Кол. 4:6). Ова не значи само да зборуваме учтиво и со почит. Вклучено е нешто повеќе.
2 Од врата до врата: Што треба да правиме ако сме дошле кај некој станар во незгодно време или кога тој е премногу зафатен за да зборува со нас? Треба да покажеме дека сме свесни за тоа, така што ќе бидеме кратки со презентацијата или ќе предложиме да дојдеме во друго време. Ќе покажеме љубезност и со тоа што нема да ги тераме луѓето по секоја цена да земат литература ако се изјаснат дека не сакаат. Обѕирноста кон другите ќе нѐ поттикне да покажеме почит и кон нивниот имот, па затоа ќе ја затвораме капијата или вратата, а ќе ги поучиме и нашите деца да го прават истото. Кога ќе оставиме литература кај оние што не се дома, ќе се погрижиме да не ја ставиме на место каде што ќе ја забележат минувачите. Навистина, љубезноста ќе нѐ поттикне да се однесуваме со другите исто онака како што би сакале тие да се однесуваат со нас (Лука 6:31).
3 Служба на улица: Кога сведочиме на улица, можеме да покажеме учтивост со тоа што нема да им пречиме на пешаците и нема да се собираме во група пред продавници. Ќе бидеме потполно свесни за околностите на другите, и ќе се обидеме да зборуваме само со оние што можат да одвојат неколку минути, а не со оние што очигледно брзаат. Понекогаш, ако има врева на улицата, можеби ќе треба да зборуваме погласно за соговорникот да може да нѐ слуша. Сепак тоа треба да го правиме достоинствено, за да не привлекуваме внимание на себе (Мат. 12:19).
4 Сведочење по телефон: Обѕирноста кон другите ќе нѐ поттикне да сведочиме по телефон од места каде што е тивко. Ќе покажеме дека имаме добри манири со тоа што веднаш ќе се претставиме и ќе објасниме зошто се јавуваме. Ако зборуваме директно во слушалката и ако тонот на гласот ни е пријатен, соговорникот може да биде поспремен да слуша и така ќе можеме да водиме изградувачки разговор на темел на Библијата (1. Кор. 14:8, 9). Ако сме љубезни, обѕирни и учтиви во сите овие работи, го следиме примерот на нашиот милостив Бог, Јехова.