На што ќе го посветиш твојот живот?
1 Понекогаш ги прашуваме децата: „Што сакаш да бидеш кога ќе пораснеш?“ Кога ти беше мал, дали одговараше дека сакаш да бидеш фудбалер, пилот или покраински надгледник? Или кога беше мало девојче, дали одговараше дека сакаш да бидеш пејачка, лекарка или мисионерка? Сега кога порасна, мораш да си го поставиш следново прашање: „На што да го посветам мојот живот?“ Дали си спремен да одлучиш?
2 За да ти помогне да ја донесеш најдобрата можна одлука, Јеховината организација го подготви DVD-то Младите прашуваат — на што да го посветам мојот живот? Те молиме гледај го и сериозно размисли за целата негова содржина, вклучувајќи ги драмата, интервјуата и додатокот.
3 Драма: Додека ја гледаш драмата, размисли за следниве прашања: 1) Каква сличност има меѓу Тимотеј, за кого се зборува во Христијанските грчки списи, и Андре? (Дела 16:1; 1. Тим. 4:8; 2. Тим. 1:5). 2) Кој му вршел притисок на Андре да стане успешен атлетичар, и како? 3) Кој влијаел позитивно врз Тимотеј, а кој врз Андре и на кои начини? (2. Тим. 1:1-4; 3:14, 15). 4) Како влијаеле врз Андре советите што се запишани во Матеј 6:24 и Филипјаните 3:8, и како тие влијаат врз тебе?
4 Избрани сцени: Откако ќе ја гледаш целата драма, повторно погледни ги следните сцени и потоа одговори на прашањата: „Павле и Тимотеј“: Кој бил последниот совет што Павле му го дал на Тимотеј? (2. Тим. 4:5). „Дај сѐ од себе за Јехова“: Какви духовни цели имаш? „Став за Јехова“: Од што зависи вистинската среќа? „Советот од бабата“: Што има лошо во тоа да сакаме да станеме ѕвезда во светот на Сатана? (Мат. 4:9). „Не жалам за ништо“: Што е тоа што го сфатил Андре, а кое може и нас да ни помогне да имаме исполнет живот? (Изр. 10:22).
5 Интервјуа: Додека го гледаш секој од следните делови, запрашај се како би можел да дадеш сѐ од себе за Јехова. 1) „Живот посветен на безвредни работи или на Бог?“ (1. Јов. 2:17); 2) „Научи да уживаш во службата“ (Пс. 27:14); и 3) „Можеш да бидеш пионер“ (Мат. 6:33).
6 Навраќање на минатото: Можеш ли да одговориш на следниве прашања: 1) Какви кариери имале братот и сестрата, и зошто? 2) Колку успешни биле во тоа? 3) Што било пресвртница во нивните животи? (2. Кор. 5:15). 4) Со какви теократски кариери ги замениле претходните, и зошто мислеле дека не можат да ги имаат двете истовремено? 5) Дали жалат за нешто затоа што си ја смениле целта во животот? 6) Која од нивните изјави особено те поттикна да размислиш за тоа на што да го посветиш твојот живот?
7 Дополнителни интервјуа: Што научи од овие интервјуа за тоа што можеш да направиш за попотполно да се посветиш на Јеховината служба? 1) „Важноста на личното проучување“, 2) „Различни видови на сведочење“, 3) „Бетелска служба“, 4) „Гилеад — школа за мисионери“ и 5) „Школа за организациско оспособување“. Разгледај го „Индексот на објавен материјал поврзан со темата“ и прочитај ги оние статии што најмногу те интересираат.
8 Па, дали си одлучил на што ќе го посветиш твојот живот? Павле го поттикнал Тимотеј: „Размислувај за тоа, сиот посвети се на тоа, за твојот напредок да им биде видлив на сите“ (1. Тим. 4:15). Те поттикнуваме и ти да размислиш за она што го виде и слушна на ова DVD. Моли го Јехова да ти помогне да направиш мудар избор, кој ќе ти донесе вистинска радост и среќен живот уште сега, а ќе ти овозможи и прекрасна иднина.