Ние го уриваме она што е цврсто утврдено
1 Сатана со векови ги заслепува срцата и умовите на многу луѓе служејќи се со лажни учења и измама. Тој ги раширил верувањата во тројство, во бесмртност на душата и во пекол. Сее сомнежи во постоењето на Творец и во точноста на Библијата. Расизмот и национализмот се уште две работи со кои Сатана ги заслепува луѓето (2. Кор. 4:4). Како би можеле да ги урнеме ваквите цврсто утврдени верувања? (2. Кор. 10:4, 5).
2 Покажи обѕир кон чувствата на другите: Луѓето честопати се многу приврзани кон своите верски убедувања. Некои се држат за погрешни учења уште од детството. За да им помогнеме, кога разговараме со нив треба да покажеме дека го почитуваме нивното гледиште (1. Пет. 3:15).
3 Нашата почит кон нив може да ја покажеме со тоа што ќе им дозволиме да објаснат во што веруваат и зошто (Јак. 1:19). Можеби цврсто веруваат дека душата е бесмртна бидејќи им умрел некој близок и копнеат повторно да го видат. Или, пак, слават празници затоа што тогаш можат да поминат повеќе време со семејството. Ако слушаме кога ни зборуваат, ќе можеме да ги разбереме нивните чувства и ќе знаеме како подобро да им помогнеме (Изр. 16:23).
4 Биди како Исус: Исус ни дал прекрасен пример кога одговорил на прашањата што му ги поставил еден човек кој добро го познавал Мојсеевиот закон. Исус не му дал директни одговори, бидејќи човекот можеби немало да ги прифати затоа што веќе имал цврсти лични убедувања. Наместо тоа, Исус се осврнал на Светото писмо, го прашал човекот за мислење и употребил една споредба за да му помогне да дојде до исправниот заклучок (Лука 10:25-37).
5 Секое цврсто утврдено верување во некое лажно учење може да се урне со вистината од Божјата реч (Евр. 4:12). Со тоа што стрпливо ќе ги поучуваме другите, може да им допреме до срце и да ги поттикнеме да ја отфрлат лагата и да ја прифатат вистината која може да ги ослободи (Јован 8:32).