‚Сѐ правете поради добрата вест‘
1. Што е спремен секој објавител на Царството да направи за луѓето, и зошто?
1 Апостол Павле чувствувал одговорност да им ја проповеда добрата вест на другите (1. Кор. 9:16, 19, 23). Слично на тоа, бидејќи сме заинтересирани за вечното добро на луѓето, и ние вложуваме посебен труд за да им ја пренесеме добрата вест.
2. Какви промени сме спремни да правиме во врска со проповедањето, и зошто?
2 Проповедај на вистинското место и во вистинското време: Еден добар рибар не ја фрла јадицата или мрежата на место и во време кое нему му одговара, туку тогаш и таму каде што има најмногу шанси дека ќе улови риба. И ние, како „рибари на луѓе“, можеби ќе треба да смениме нешто во својот распоред за да ги најдеме луѓето на нашето подрачје. Така уште повеќе ќе уживаме во честа да собираме „секакви риби“ (Матеј 4:19; 13:47). Можеме ли да проповедаме во раните вечерни часови, откако луѓето ќе се вратат дома од работа или, пак, да сведочиме на улица рано наутро пред да тргнат на работа? Павле имал цел ‚темелно да сведочи за добрата вест‘ и ја користел секоја прилика да го прави тоа(Дела 17:17; 20:20, 24).
3, 4. Како ќе покажеме флексибилност во службата, и зошто е тоа корисно?
3 Биди флексибилен: Рибарите често ги менуваат методите на рибарење во зависност од тоа каков вид риба сакаат да уловат. Како би можеле на интересен начин да им ја пренесеме добрата вест за Царството на луѓето од нашето подрачје? Мора тактично да започнеме разговор за некоја тема што ги интересира повеќето луѓе и потоа внимателно да слушаме што ни кажуваат во врска со тоа (Јак. 1:19). За да ги поттикнеме да разговараат со нас, би можеле да ги прашаме што мислат за некоја тема (Изр. 20:5). Ова ни помага да ја менуваме нашата презентација на добрата вест според потребите на луѓето, за таа да може да влијае врз нив. Павле ‚им бил сѐ на сите‘ (1. Кор. 9:22). Флексибилноста е клучот за да допреме до срцата на луѓето.
4 За нас е навистина голема радост тоа што можеме да им пренесуваме на другите „добра вест за нешто подобро“! (Иса. 52:7). ‚Да правиме сѐ поради добрата вест‘ за да им помогнеме на колку што е можно повеќе луѓе(1. Кор. 9:23).