Како да ги поучуваме оние што не знаат да читаат добро
1. На каков предизвик може да наидеме во службата?
1 Во службата понекогаш наидуваме на луѓе кои не знаат да читаат добро. Тоа може да биде вистински предизвик. Како да ги поучуваме за вистината?
2. Како и зошто треба да покажеме почит кон оние што не читаат добро?
2 Покажи почит: На Јехова му е важно какво срце има некој човек а не какво образование стекнал (1. Сам. 16:7; Изр. 21:2). Затоа, ние не ги потценуваме оние што не читаат добро. Тие луѓе ќе бидат поспремни да ја прифатат нашата помош ако покажеме почит кон нив и ако сме стрпливи (1. Пет. 3:15). Еден начин да го правиме тоа е да не бараме тие да го читаат материјалот што го проучуваме. Кога некој потемелно ја запознава скапоцената библиска вистина, можеби кај него ќе расте и желбата да научи подобро да чита, за да може и тој да ужива додека ‚внимателно ја чита Божјата реч дење и ноќе‘ (Пс. 1:2, 3).
3. Како би можеле да проучуваме со оние што не читаат добро?
3 Како да проучуваме со нив: Сликите се многу корисни за да ги поучуваме луѓето и да им помогнеме да го запомнат наученото. Би можел да го прашаш интересентот што гледа на некоја слика во публикацијата што ја користите. Потоа, поставувај конкретни прашања за да му помогнеш да разбере што учиме од сликата. Прочитај стихови што се поврзани со некои работи на сликата. Освен тоа, со помош на сликите може да ја повторите лекцијата. Не обработувајте премногу материјал. Истакни ја темата и главните мисли од лекцијата и не внесувај мисли што не се опфатени во материјалот што го разгледувате. Прочитај ги стиховите директно од Библијата, и поставувај прашања за да провериш дали интересентот го разбира она што сте го читале. Сето ова може да го поттикне да научи подобро да чита за и самиот да истражува и други библиски вистини.
4. Како би можеле да им помогнеме на интересентите да научат подобро да читаат?
4 Што ќе им помогне да научат подобро да читаат: Луѓето што не читаат добро или, пак, немале прилика да научат течно да читаат, можат многу добро да ги разберат и да ги помнат информациите. Би можел да ги поттикнеш тие лица да ги слушаат аудиоснимките од наши публикации. За да научат подобро да читаат, од помош ќе им биде ако го следат читачот, па дури и ако тивко ги повторуваат зборовите што ги слушаат. Може да им помогне и брошурата Научи да читаш и пишуваш. Исто така, на некои места старешините би можеле да организираат класови за читање во собранието. Овие практични предлози ќе ни овозможат да им помогнеме на оние што не читаат добро да ги разберат „светите списи“, кои можат да ги направат мудри за спасение (2. Тим. 3:15).