„Мудроста ја оправдуваат нејзините дела“
1. Како некои гледаат на нашето дело?
1 Понекогаш некои станари можеби ќе нѐ одбијат бидејќи погрешно нѐ разбрале или затоа што чуле погрешни информации за Јеховините сведоци. Можеби врз нивното гледиште влијаеле негативните извештаи што беле изнесени во медиумите. Во некои места сме означени како „опасна секта“. Како треба да постапиме кога ќе се соочиме со такви критики?
2. Што ќе ни помогне да не се обесхрабриме кога ќе станеме мета на критики?
2 Задржи позитивен став: Исус и други слуги на Јехова во првиот век честопати биле погрешно разбрани и клеветени (Дела 28:22). Сепак, и покрај таквите критики, тие не се срамеле од својата служба. Исус рекол: „Мудроста ја оправдуваат нејзините дела“ (Мат. 11:18, 19). Тој продолжил ревносно да ја врши волјата на својот Татко, уверен дека оние што искрено сакаат да ја најдат вистината ќе ја увидат вредноста на добрата вест. Ако имаме на ум дека луѓето постапувале лошо дури и со Божјиот Син, нема да се обесхрабриме.
3. Зошто негативните извештаи и противењето не треба да нѐ изненадуваат?
3 Исус рекол дека светот ќе ги мрази неговите следбеници исто како што го мразел и него (Јован 15:18-20). Затоа, не треба да нѐ изненади тоа што и за нас денес се зборува негативно и наидуваме на противење. Всушност, треба да очекуваме уште почесто да се случуваат такви работи бидејќи колку подлабоко навлегуваме во последните денови толку поголем гнев ќе чувствува Сатана (Отк. 12:12). Тоа треба да нѐ радува бидејќи покажува дека на Сатановиот свет му се ближи крајот.
4. Како треба да постапиме ако некој негативно реагира на добрата вест?
4 Возврати со љубезност: Кога некој негативно реагира на добрата вест, треба секогаш да бидеме љубезни и благи (Изр. 15:1; Кол. 4:5, 6). Ако дозволува ситуацијата, можеби на некој искрен станар ќе можеме да му објасниме дека се шират многу погрешни информации за Јеховините сведоци или да го прашаме зошто мисли така за нас. Нашиот благ одговор може да го поттикне да подразмисли за тоа што го чул за нас и следниот пат кога ќе го посети некој Сведок, да го сослуша. Но, ако станарот е многу гневен, најдобро е љубезно да си заминеме. Можеме да бидеме сигурни дека, без оглед на тоа како другите гледаат на нас, Јехова ја цени нашата служба (Иса. 52:7).