Прашања
◼ Како практично да им помагаме на пионерите?
Во 2009 службена година, во целиот свет скоро 800.000 браќа и сестри служеа како општи и специјални пионери. Овие полновремени слуги го жртвуваат најдобриот дел од своето време, сила и материјални средства за да ја шират добрата вест за Царството (Изр. 3:9). Јехова сигурно многу се радува кога гледа колку се трудат! Како можеме да покажеме дека имаме ист став како Јехова и да им помогнеме со радост и истрајно да ја извршуваат својата служба?
Несомнено, со нашите убави зборови можеме да ги охрабриме да продолжат да служат како пионери (Изр. 25:11). Дали би можеле да направиме промени во нашиот распоред за да одиме во служба со нив? Би можеле да им предложиме да одиме со наш автомобил или да им го платиме превозот. А ако одиме со нивен автомобил, би можеле да им понудиме да ги поделиме трошоците (1. Кор. 13:5; Фил. 2:4). Освен тоа, можеме да им дадеме поддршка на пионерите со тоа што ќе им укажуваме гостопримство и одвреме-навреме ќе ги поканиме на оброк (1. Пет. 4:8, 9).
Библијата ветува дека Јехова ќе се грижи за основните потреби на оние што најнапред го бараат Царството (Пс. 37:25; Мат. 6:33). Еден начин на кој го прави тоа е преку нашето христијанско братство во кое владее љубовта (1. Јов. 3:16-18). Се разбира, пионерите не очекуваат другите да се грижат за нивните финансиски одговорности. И можеби нема веднаш самите да им кажат на другите кога ќе им треба нешто. Но, ако сме проникливи и обрнеме внимание на нивните потреби, можеме да им помогнеме и ,да ја покриеме нивната немаштија‘ на практични начини (2. Кор. 8:14, 15).
Кога Фива, една ревносна сестра од собранието во Кенхреја во првиот век патувала во Рим, Павле ги поттикнал тамошните браќа со следниве зборови: „Примете ја во Господарот како што им прилега на светите и помогнете ѝ во сѐ што ќе ѝ затреба“ (Рим. 16:1, 2). И ние имаме можност со љубов да им помагаме на општите и специјалните пионери во нашето собрание кои без престан ја објавуваат добрата вест (Дела 5:42).