За да расте, семето мора да се залева
1. Што мора да се залева за да расте?
1 Семето посадено в градина мора да се залева за да расте. Истото важи и за семето на вистината што го садиме во срцата на луѓето од нашето подрачје (1. Кор. 3:6). Ако сакаме тоа симболично семе да пушти корен, да порасне и да даде род, мораме да правиме повторни посети и да го залеваме користејќи ја Божјата Реч.
2. Како можеме да си направиме терен за повторна посета?
2 Постави прашање: Кога си подготвуваш увод со кој би сакал да започнеш разговор, би можел да си подготвиш и интересно прашање што би го оставил за следната средба. Постави го на крајот од разговорот и договори конкретен термин кога би можел да навратиш пак. Мнозина избираат нешто од книгата Што учи Библијата, со кое можат да покажат како изгледа библиска студија.
3. Кои информации би можел да си ги запишеш кога на ново место ќе најдеш некој заинтересиран?
3 Прави белешки: Веднаш по првиот разговор, запиши си за што сте зборувале. Напиши ги името и адресата на станарот. Добро е да си запишеш и на кој датум и во кое време сте зборувале, за што сте зборувале и, ако си му оставил литература, запиши што си оставил. Дали кажал од која религија е? Има ли семејство? Дали спомнал што го интересира и што го загрижува? Таквите информации ќе ти помогнат да избереш теми за следните посети. Запиши си и кога точно сте се договориле да дојдеш пак и кое прашање треба да го одговориш.
4. Зошто треба истрајно да ги бараме оние што покажале интерес?
4 Истрај: Сатана нема да престане да се обидува да ‚ја одземе речта‘ посеана во нечие срце (Мар. 4:14, 15). Затоа, не се откажувај ако не е лесно да го најдеш заинтересираното лице дома. Би можел ли да му испратиш писмо или да му оставиш писменце на вратата? Една сестра, општ пионер, почнала студија на врата со една жена, но не можела повторно да ја најде дома, па затоа ѝ пратила писмо. Кога конечно ја нашла дома, жената ѝ кажала дека многу ја допрело тоа што сестрата се интересирала за неа. Додека го залеваме семето на вистината, ќе ја почувствуваме радоста кога ќе видиме како тоа почнува да ’рти, да созрева и ‚да донесува плод триесет, шеесет и стопати повеќе од посеаното‘ (Мар. 4:20).