Подготви се за Спомен-свеченоста со радосно срце
1. Што можеме да правиме во периодот околу Спомен-свеченоста?
1 Спомен-свеченоста што ќе се одржи во вторник, на 26 март, ќе биде одлична прилика да се радуваме на спасението што Бог ни го овозможил (Иса. 61:10). Тоа што со радост ќе го очекуваме овој настан ќе ни помогне добро да се подготвиме за него. Како?
2. Што нѐ поттикнува да се подготвиме за одбележувањето на Спомен-свеченоста?
2 Да се подготвиме за прославата: Спомен-свеченоста е едноставна прослава, но со длабоко значење. Затоа, мора однапред добро да се испланира за да не се испуштат важни детали (Изр. 21:5). Мора да се одлучи во колку часот ќе се одржи и мора да се најде соодветна локација. Треба да се набават и потребните симболи. Местото каде што ќе се одржи оваа свеченост мора да биде чисто и навреме подготвено. Братот што ќе го одржи говорот треба добро да се подготви, а редарите и оние што ќе ги подаваат симболите мора да бидат добро организирани. Поголем дел од овие работи сигурно се веќе средени. Она што нѐ поттикнува добро да се подготвиме за оваа свечена прилика е благодарноста за спасението што го овозможува откупнината (1. Пет. 1:8, 9).
3. Како можеме да си го подготвиме срцето за Господаровата вечера?
3 Да се подготви срцето: Многу е важно да си го подготвиме и срцето за потполно да го сфатиме значењето на Спомен-свеченоста (Езра 7:10). За таа цел, треба да одвоиме време да ја читаме Библијата според посебниот распоред за Спомен-свеченоста и потоа да размислуваме за последните денови од животот на Исус на Земјата. Тоа што ќе размислуваме за самопожртвуваноста на Исус ќе нѐ мотивира да го следиме неговиот пример (Гал. 2:20).
4. Од сето она што го овозможува откупнината, што те радува најмногу?
4 Христовата смрт докажува дека Јехова има право да владее. Таа нѐ ослободува од гревот и смртта (1. Јов. 2:2). Ни овозможува да имаме добар однос со Бог и да добиеме вечен живот (Кол. 1:21, 22). Ни помага и да бидеме уште порешени да живееме во склад со заветот што му го дадовме на Јехова и да останеме верни следбеници на Христос (Мат. 16:24). Ќе чувствуваш сѐ поголема радост додека се подготвуваш за Спомен-свеченоста и додека присуствуваш на тој настан.