Зошто редовно да им носиме списанија на луѓето?
1. Зошто сме поттикнати редовно да им носиме списанија на луѓето?
1 Многу луѓе не прифаќаат библиска студија, но сакаат да ги читаат нашите списанија. Затоа, Јеховината организација долго време ги поттикнува објавителите редовно да им ги носат списанијата на тие луѓе. Честопати, кога редовно ги читаат нашите списанија, на луѓето им се раѓа желба да дознаат нешто повеќе за Божјата Реч (1. Пет. 2:2). Можеби некоја мисла ќе ги допре до срце и ќе посакаат да ја проучуваат Библијата.
2. Како можеш да го одржуваш интересот на луѓето на кои редовно им носиш списанија?
2 ,Залевај‘ го семето на вистината: Наместо само набрзина да му ги оставиш списанијата на станарот, обиди се да започнеш разговор за подобро да го запознаеш. Така ќе откриеш повеќе за неговите околности, интереси и верувања и ќе знаеш што и кога да кажеш (Изр. 16:23). Подготвувај се за секоја посета. Ако е можно, накратко истакни некоја мисла и соодветен стих од списанијата. На тој начин ќе го залеваш семето на вистината што било посеано во неговото срце (1. Кор. 3:6). Секогаш запишувај кога си го посетил, што си му оставил, за што сте разговарале и кои стихови сте ги прочитале.
3. Колку често треба да ги посетуваш оние на кои редовно им носиш списанија?
3 Колку често да ги посетуваш? Треба да ги посетуваш еднаш во месецот за да им ги однесеш најновите списанија. Но, можеш да ги посетуваш и почесто во зависност од твоите околности и нивниот интерес. На пример, две-три седмици откако си му оставил списанија на некое лице, би можел повторно да го посетиш и да кажеш: „Поминав само да Ви покажам една интересна мисла од списанијата што Ви ги оставив“. Ова може да го поттикне да ја прочита статијата. Ако веќе ја прочитал, би можел да го прашаш што мисли за статијата и накратко да поразговарате за неа. Или, пак, ако човекот сака да ги чита нашите публикации, може да навратиш и да му го оставиш трактатот, брошурата или книгата што е на понуда за тој месец.
4. Што можеш да правиш за да видиш дали оние на кои редовно им носиш списанија сакаат да ја проучуваат Библијата?
4 Немој да чекаш станарот сам да побара библиска студија. Ти направи го првиот чекор. Дури и ако во минатото одбил да проучува, одвреме-навреме можеш да му ја покажеш рубриката „Одговор на библиски прашања“ што излегува во Стражарска кула, и да видиш дали сака заедно да ја разгледате. Можеби така ќе започнеш библиска студија на врата. Но, дури и ако не успееш да почнеш студија, можеш да продолжиш да му ги носиш списанијата за да го одржуваш интересот.