„Собери го народот“
1. Во што се слични обласните и меѓународните конгреси со значајниот собир на Израелците кој се одржал кратко откако излегле од Египет?
1 Кратко откако Израелците излегле од Египет, Јехова му рекол на Мојсеј да го ‚собере народот‘ на планината Синај за да ги слушаат неговите зборови, за да се бојат од него и да ги поучат своите синови за неговите заповеди (5. Мој. 4:10-13). Овој незаборавен настан сигурно многу им ја зајакнал верата! Во следниве неколку месеци, Божјите слуги ќе се соберат на обласни и меѓународни конгреси за да бидат поучени од Јехова. Што мора да направиме за да извлечеме целосна корист од нив?
2. Што мора да правиме за да бидеме подготвени за нашиот конгрес?
2 Бидете подготвени: Јехова им заповедал на Израелците да бидат подготвени за овој историски собир на планината Синај (2. Мој. 19:10, 11). Слично е и денес. Сите што присуствуваат на конгресите, а не само оние што имаат учество во програмата, треба добро да се подготват. На пример, мнозина треба да земат слободни денови од работа. Можеби и ти си во слична ситуација како Неемија. Тој сакал да ја остави својата работа како пехарник на цар Артаксеркс за да оди во Ерусалим и да помогне да се обнови градскиот ѕид. Но, бил свесен дека царот можеби нема да го пушти. Затоа, му се помолил на Јехова, а потоа со добро избрани зборови храбро го изнел своето барање. Царот не само што му дозволил да оди туку и го поддржал градежниот проект! (Неем. 2:1-9). Дали и ти веќе побара слободни денови? Освен тоа, дали веќе знаеш како ќе патуваш и каде ќе бидеш сместен? Ако имаш потреба од помош во овој поглед, можеш слободно да им се обратиш на старешините. Планирај да доаѓаш порано секој ден, и биди подготвен да ‚обрнеш посебно внимание на она што ќе го чуеш‘ (Евр. 2:1).
3. Како можеме да го подготвиме нашето срце за програмата на конгресот?
3 Многу е важно да го подготвиме и нашето срце за да може да слушаме и да учиме (Езра 7:10). Програмата за обласниот конгрес однапред ќе биде ставена на нашата интернет-страница jw.org, и во неа ќе бидат наведени насловите на сите говори заедно со еден до два главни стиха за секој говор. Ова е извонреден материјал за Семејната вечер кој можеме да го разгледуваме во седмиците пред конгресот. Некои објавители си ја отпечатуваат програмата, и за време на конгресот на неа си запишуваат кратки белешки.
4. Каква можност имаат родителите да ги поучат своите деца на конгресот?
4 ,Поучете ги своите синови‘: Една причина зошто Израелците се собрале кај планината Синај била да можат родителите ‚да ги поучат своите синови‘ (5. Мој. 4:10). И на денешните конгреси родителите имаат одлична можност да го сторат тоа. Децата треба да седат до нив за време на програмата за да можат родителите да им помогнат внимателно да слушаат. Секој ден по програмата, како и на Семејната вечер што ќе ја одржуваат во следните седмици, би можеле заедно да разговараат за она што го чуле на конгресот.
5. Каква корист ќе извлечеме ако присуствуваме на претстојниот конгрес?
5 Значајниот собир на планината Синај им помогнал на Израелците да покажат ценење за посебната чест што ја имале како Божји народ (5. Мој. 4:7, 8). Претстојниот конгрес има слична цел. Три дена ќе бидеме надвор од пустината на суровиот свет на Сатана и ќе престојуваме во нашиот духовен рај каде што ќе бидеме духовно освежени и ќе уживаме во изградувачко дружење (Иса. 35:7-9). Бидејќи Јеховиниот ден е сѐ поблизу, да не ја пропуштиме оваа можност да бидеме заедно со нашите браќа и сестри, и заемно да се охрабриме (Евр. 10:24, 25).