Како да допреме до срцето
1. Какво влијание имале учењата на Исус врз оние што го слушале?
1 Исус Христос знаел да допре до срцето на оние што го слушале. Најмалку во една ситуација, на неговите ученици ‚им горело срцето‘ откако јасно им ги објаснил Писмата (Лука 24:32). Бидејќи Бог сака луѓето да му бидат послушни од срце, како можеме да допреме до чувствата на оние што ги поучуваме за да ги поттикнеме да прават промени во животот? (Рим. 6:17).
2. Колку е важно да бидеме тактични и проникливи за да допреме до нечие срце?
2 Биди тактичен и прониклив: Кај многу луѓе нема да постигнеме ништо ако само им кажеме што е исправно, а што погрешно. Всушност, ако ги нападнеме нивните верувања со еден куп стихови, тоа може само да ги одврати од вистината. За да мотивираме некого, мора прво да сфатиме зошто верува во нешто и зошто постапува на одреден начин. Со тактични и добро промислени прашања ќе можеме да го поттикнеме да се отвори (Изр. 20:5). Дури тогаш ќе можеме да знаеме кои мисли од Божјата Реч ќе можат да допрат до неговото срце. Затоа, мора да бидеме стрпливи и да покажеме дека се грижиме за него (Изр. 25:15). Да имаме на ум дека секој различно напредува во духовен поглед. Да оставиме време Јеховиниот свет дух да влијае врз мислите и постапките на интересентот (Мар. 4:26-29).
3. Како може да му помогнеме на интересентот да развие убави особини?
3 Помогни му да развие убави особини: Библиските стихови што зборуваат за Јеховината добрина и љубов можат да му помогнат на интересентот да развие убави особини. На пример, може да користиме стихови како Псалм 139:1-4 или Лука 12:6, 7 за да му покажеме колку Јехова се грижи за секој од нас. Ако е вистински благодарен за Божјата незаслужена доброта, ќе расте неговата љубов и оддаденост кон Бог (Рим. 5:6-8; 1. Јов. 4:19). Исто така, кога ќе дознае дека на Јехова не му е сеедно како постапуваме, тоа може да го мотивира да постапува на начин со кој ќе му носи фалба и чест (Пс. 78:40, 41; Изр. 23:15).
4. Кога ги поучуваме луѓето, како ќе покажеме дека го почитуваме нивното право на избор?
4 Јехова никого не присилува да ги слуша неговите заповеди. Тој сака самите да се увериме колку се мудри неговите совети (Иса. 48:17, 18). И ние ќе бидеме како Јехова ако поучуваме на начин што ќе им помогне на луѓето самите да се уверат во работите. Кога еден човек ќе сфати дека треба да смени нешто во животот, тоа ќе има долготраен ефект (Рим. 12:2). Исто така, уште повеќе ќе се зближи со Јехова кој „ги испитува срцата“ (Изр. 17:3).