Вешто користи ја книгата Што учи Библијата
Колку повеќе интересентот дознава што навистина учи Библијата и почнува да живее во склад со тоа, толку повеќе духовно ќе расте и ќе донесува плод (Пс. 1:1-3). Можеме да му помогнеме на интересентот да напредува ако вешто користиме некои корисни обележја на книгата Што учи Библијата.
Уводни прашања: На почетокот од секое поглавје има прашања што се одговорени понатаму во текстот. Би можел да ги поставиш овие прашања како реторички за да поттикнеш интерес за темата. Или, би можел да го замолиш интересентот кратко да коментира за секое прашање. Ако каже нешто погрешно, нема потреба да го исправаш. На темел на неговите коментари ќе видиш на кои работи треба да обрнеш внимание и кои работи да ги истакнеш (Изр. 16:23; 18:13).
Додаток: Ако интересентот го разбира и се согласува со материјалот од поглавјето, би можел едноставно да го поттикнеш самиот да го разгледа додатокот за тоа поглавје. Следниот пат кога ќе проучувате, би можел да одвоиш неколку минути за да видиш дали го разбрал. Но, во друга ситуација можеби повеќе ќе му користи ако заедно го разгледате материјалот од додатокот така што ќе ги читате пасусите и ќе му поставуваш прашања што однапред си ги подготвил.
Рамка за повторување: Во рамката за повторување на крајот од секое поглавје има изјави кои се, всушност, одговор на уводните прашања. Со помош на овие рамки можеш да провериш дали интересентот ги разбира и дали може да ги објасни главните мисли. Прочитајте ја наглас секоја изјава и сите наведени стихови. Потоа замоли го интересентот со помош на тие стихови да објасни зошто таа изјава е точна (Дела 17:2, 3).