Угледај се на Големиот Учител кога ја користиш книгата Што учи Библијата
1. Како поучувал Исус?
1 Големиот Учител, Исус, секогаш ги објаснувал работите едноставно и јасно. За да ги поттикне слушателите да размислуваат, понекогаш прво ги прашувал за нивното гледиште (Мат. 17:24-27). Вниманието го насочувал на Божјата реч (Мат. 26:31; Мар. 7:6). Внимавал да не ги преплави своите ученици со премногу информации, бидејќи знаел дека тие и понатаму ќе учат (Јован 16:12). Исто така Исус бил заинтересиран дали неговите ученици го разбираат и дали веруваат во она за што ги поучувал (Мат. 13:51). Книгата Што учи Библијата е наменета да ни помогне да поучуваме на сличен начин.
2. На кои начини можеме да ги користиме уводните прашања во секое поглавје?
2 Уводни прашања: Кога ќе почнеш некое поглавје, добро е да го насочиш вниманието кон уводните прашања под насловот. За да го поттикнеш интересот на ученикот, постави му ги прашањата реторички. Или би можел да го замолиш накратко да коментира за прашањата. Нема потреба детално да зборуваш за неговите коментари, ниту да ја исправаш секоја погрешна изјава. Едноставно би можел да му се заблагодариш за неговото мислење и да започнеш со разгледување на материјалот. Неговите коментари за уводните прашања ќе ти помогнат да знаеш дали треба да обрнеш поголемо внимание на некој дел од лекцијата.
3. Како да поучуваме едноставно?
3 Стихови: Проучувањето треба да се насочи кон Библијата (Евр. 4:12). Меѓутоа, не е потребно да се прочита секој наведен стих. Нагласи ги оние стихови што ги поткрепуваат нашите верувања. Стиховите што даваат додатни информации не мора да се читаат. Книгата Што учи Библијата ја изнесува вистината на едноставен начин. И ние треба да поучуваме едноставно. Насочи го вниманието на главните мисли, и немој да зборуваш премногу за деталите или непотребно да дискутираш за информации што се надвор од предвидениот материјал.
4. Што одредува дали да одвоиме време во текот на проучувањето за да дискутираме за информации од Додатокот?
4 Додаток: Во Додатокот има 14 теми што го надополнуваат главниот текст. Не е задолжително да се дискутира за овие теми во текот на проучувањето. Можеби ќе одлучиш да го поттикнеш ученикот самиот да прочита некои теми од Додатокот, особено ако ги разбира и ги прифаќа информациите од главниот текст. На пример, ако ученикот веќе верува дека Исус е Месијата, тогаш не е задолжително да дискутирате за темата од Додатокот „Исус Христос — ветениот Месија“, кога ќе го проучувате 4. поглавје, „Кој е Исус Христос?“. А во други прилики, можеби ќе биде корисно да одвоиш време во текот на проучувањето да поразговарате за материјалот од Додатокот или за дел од него.
5. Ако одлучиме да ги разгледаме информациите од Додатокот, како би можеле да го направиме тоа?
5 Ако одлучиш да дискутирате за Додатокот, можеш однапред да подготвиш прашања за да ги обработите пасусите со ученикот на ист начин како што го разгледувате главниот текст. Или, во зависност од потребите на ученикот, би можел да одлучиш во текот на проучувањето да одвоиш неколку минути за да ги разгледате тие информации заедно. Ова ќе ти овозможи да провериш дали тој го разбира материјалот што самиот го чита.
6. Како може на крајот од проучувањето на поглавјето да се користи рамката за повторување?
6 Рамка за повторување: Рамката на крајот од секое поглавје содржи изјави кои обично се одговор на уводните прашања. Можеш да ги употребиш овие изјави за да ги повторите главните мисли од поглавјето. Некои објавители увиделе дека е добро со ученикот да ја прочитаат секоја изјава, а можеби и придружните стихови. Потоа го замолуваат ученикот накратко да објасни како стихот ја потврдува изјавата. Ова му овозможува на учителот да дознае дали ученикот јасно ги разбира главните мисли од поглавјето, дали разбира како тие се поткрепени од Библијата и, дали тој се согласува со тоа. Исто така, тоа го оспособува ученикот да ја користи Библијата за да им ја објасни вистината на другите.
7. Како да ја користиме книгата Што учи Библијата за да ја исполниме нашата задача?
7 Најделотворен начин да ја исполниме нашата задача да ги поучуваме луѓето и да правиме ученици е да ги примениме Исусовите методи на поучување (Мат. 28:19, 20). Книгата Што учи Библијата може да ни помогне во тоа. Добро користи ја за да ги поучиш другите за вистината на јасен, едноставен и интересен начин.