ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА Watchtower
ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА
Watchtower
македонски
ѐ
  • Ѐ
  • ѐ
  • Ѝ
  • ѝ
  • БИБЛИЈА
  • ПУБЛИКАЦИИ
  • СОСТАНОЦИ
  • g95 8/7 стр. 25-27
  • Абортус — дали е тоа решение?

За овој материјал нема видео.

Се појави проблем. Видеото не може да се отвори.

  • Абортус — дали е тоа решение?
  • Разбудете се! 1995
  • Поднаслови
  • Сличен материјал
  • Зошто некои абортираат
  • Емоционални лузни
  • Добивање поддршка
  • Абортусот не е најидеалното решение
    Разбудете се! 2009
  • Што пишува во Библијата за абортусот?
    Одговор на библиски прашања
  • Абортус
    Разбудете се! 2017
Разбудете се! 1995
g95 8/7 стр. 25-27

Младите прашуваат . . .

Абортус — дали е тоа решение?

„Кога испитувањата покажаа дека сум бремена“, се сеќава Џуди, „моето момче веднаш сакаше да абортирам. Дури ми даде и пари за тоа.“ Тогаш Џуди имала 17 години.a

КОГА 15-годишната Марта открила дека е бремена, разговарала со една советничка на клиниката за абортуси. „Таа ми објасни сѐ“, вели Марта. „Ми кажа дека можам да абортирам или, ако сакам, ќе ми помогне да најдам агенција за посвојување на деца или дом за мајки.“

Само во Соединетите Американски Држави секоја година забременуваат преку еден милион девојки. Тука спаѓаат и извесен број девојки кои, и покрај христијанското школување, не биле послушни на Божјата заповед да ‚се воздржуваат од блудство‘, односно од предбрачни сексуални односи (1. Солунјаните 4:3). Таквото неморално однесување доведува до многу непотребни страдања. Но, повеќето од овие млади луѓе се каат за своето однесување и сакаат да го средат својот живот. Меѓутоа, соочени со застрашувачкиот изглед да родат вонбрачно бебе, некои се прашуваат дали абортусот би можел да биде лесно решение за нивните проблеми. На крајот на краиштата, во Соединетите Држави скоро половина милион бремени девојки, секоја година, се одлучуваат на абортус. Дали тоа би можело навистина да биде најдоброто решение за несаканата бременост?

Зошто некои абортираат

Се разбира, одредени силни, па дури и конфликтни емоции можат да извршат влијание. Една млада жена најверојатно ќе има некакви мајчински чувства кон детето кое расте во неа, но може да чувствува и оправдан страв и загриженост.

Осумнаесетгодишната Вики, на пример, ‚сакала да оди на факултет, можеби дури и да магистрира‘. Си размислувала дека ако добие бебе, тоа ќе ги расипе нејзините планови (списание ’Teen, март 1992). Марта дошла до истиот заклучок: „Ако си мајка, седиш дома со бебето и нема повеќе училиште. Не бев спремна за тоа“. Според една студија, 87 отсто од тинејџерките кои абортираат се плашат дека ако добијат дете, драматично ќе се промени нивниот живот на начин кој не се спремни да го прифатат.

Стравот од финансиските тешкотии и грижата дека нема да бидат способни да ги исполнат одговорностите на самохран родител се исто така вообичаени причини зошто многу девојки се одлучуваат за абортус. Вики се изразила вака: „Потекнувам од семејство на разведени родители, и мајка ми сама порасна три деца. Ја гледав како се мачеше . . . Можев да се видам и себеси како самохран родител исто како мајка ми“.

Притисокот од другите, особено од момчето, може исто така да присили некого да ја прекине бременоста. Момчето на Џуди ѝ поставило услов: „Ако не абортираш, не сакам никогаш повеќе да те видам“. За Ненси, притисокот да абортира доаѓал од мајка ѝ и од другите роднини.

Популарното гледиште дека абортусот всушност не е убивање на дете, исто така врши силно влијание. Вики вели: „Не си дозволував да размислувам дека е бебе. . . . Прочитав дека во петтата седмица од бременоста, фетусот е помал од ноктот на малиот прст. Нема да верувате колку цврсто се држев за таа помисла. Си велев дека ако е големо само колку ноктот од малиот прст, тогаш всушност не е бебе. Се обидував да не си го замислувам како нешто реално за да можам да го абортирам“.

Некои исто така тврдат дека, барем во индустриски развиените земји, абортусот е безбеден — наводно, побезбеден е отколку една бремена адолесцентка да роди дете. Значи, ако се разгледаат сите фактори, абортусот може да изгледа пожелен. Сепак, фактите покажуваат дека голем број од оние кои се одлучиле на абортус, подоцна се каеле поради тоа. Една жена вели: „Абортирав кога имав 20 години. Сега имам 34 години и тешко ми е да се соочам со она што го сторив. Јас го сакав бебето, но моето момче не. Сѐ уште доживувам емоционална траума; болката останува до крајот на животот“.

Емоционални лузни

Наместо да биде некакво лесно решение, абортусот може да ги влоши проблемите. Ако ништо повеќе, му противречи на нашето внатрешно чувство за исправно и погрешно — совеста што Бог ја всадил во човештвото (Римјаните 2:15). Освен тоа, абортусот изискува една млада жена да ги потисне нежните чувства кон малечкиот живот што се развива во неа. (Спореди 1. Јованово 3:17.) Колку е тоа обесхрабрувачки!

Марта вели: „Дури откако поминаа неколку седмици [по абортусот], почнав да чувствувам вина и донекаде ми беше срам поради она што го сторив“. Состојбата станала уште потешка кога дошол февруари — месецот кога требало да се роди бебето. Елиаса се сеќава: „Имав абортус пред петнаесет години. После тоа страдав од сериозна депресија и неколку пати морав да се лекувам на клиника. Дури сакав да се самоубијам“.

Точно, сите млади жени не реагираат на ваков начин. Многу од нив искрено веруваат дека фетусот не е човечки живот. Но, што вели за тоа Творецот — „изворот на животот“? (Псалм 35:9) Библијата јасно покажува дека нероденото дете кое се развива во утробата, за Јехова Бог е повеќе отколку само фетусно ткиво. Тој го инспирирал царот Давид да напише: „Твоите очи го видоа зародишот мој и во Книгата Твоја сѐ е запишано за мене“ (Псалм 138:16). Значи, Творецот гледа на ембрионот како на посебна личност, како на жив човек. Од таа причина, тој изјавил дека секој кој ќе повреди неродено дете, ќе биде повикан на одговорност (2. Мојсеева 21:22, 23). Да, што се однесува до Бог, убивањето на неродено дете е исто како одземање на човечки живот. Затоа, една девојка која сака да му угоди на Бог, не може да гледа на абортусот како на прифатлива алтернатива — без оглед на притисокот што се врши врз неа.b

Добивање поддршка

Џуди, која беше спомената во почетокот, одлучила да не го абортира своето бебе. Таа вели: „Мојата постара сестра дозна за тоа, и веднаш од самиот почеток ме поддржуваше, особено емоционално. Таа дури ми рече дека ќе ме поддржува и откако ќе се роди бебето. Токму тие зборови ми беа потребни за да го направам она за кое длабоко во срцето сметав дека е исправно. Постапив според своите замисли и го родив бебето“. Тоа било пред девет години. Гледајќи го својот осумгодишен син, Џуди вели: „Абортусот ќе беше најголемата грешка во мојот живот“.

Една млада жена по име Натиса, раскажува нешто слично: „Пред пет години седев во една клиника за абортуси и чекав ред. Наместо да отидам кај лекарот, размислив уште еднаш и излегов од клиниката. Сега имам прекрасно четиригодишно синче, уште едно бебе е на пат и омажена сум за татко кој е полн со љубов“.

Секоја девојка која се соочува со бременост надвор од брачната заедница, не треба да донесе брзоплета одлука. Колку и да изгледа сѐ црно, сепак не е крај на светот. Но, на таквите секако им е потребна поддршка и зрело водство. За почеток, добро е тие да им го дадат срцето на своите родители, особено ако се христијани (Изреки 23:26). Се разбира, родителите несомнено во почетокот ќе бидат повредени и лути. Сепак, на крајот веројатно ќе бидат поттикнати да помогнат. Можат, на пример, да се грижат пред раѓањето. Исто така можат да помогнат да се искористи која било програма од владата која е достапна за оние кои ги исполнуваат условите за тоа. Што е најважно, тие можат да го охрабрат грешникот да добие духовна помош од собраниските старешини (Јаков 5:14, 15).

Некои невенчани мајки одлучиле да ги дадат своите бебиња на посвојување, мислејќи дека не би можеле да му овозможат на бебето најдобри услови. Иако посвојувањето секако е подобро отколку да му се одземе животот на детето, Бог го смета родителот за одговорен да „се грижи за своите“ (1. Тимотеј 5:8). Една самохрана родителка можеби не може да му го даде најдоброто на своето бебе во материјален поглед, но таа може да му даде нешто што е далеку поважно — љубов (Изреки 15:17). Затоа, најчесто е далеку подобро една невенчана мајка сама да си го одгледа своето дете.

А како е со задачата на одгледување дете — и драстичните промени во животот што, без сомнение, ќе мора да се направат? Сето тоа може да изгледа претешко. Сепак, Библијата дава практичен совет кој може да им помогне на луѓето да излезат на крај со овие предизвици. Покајничките невенчани мајки исто така можат да извлечат корист од духовната помош што цврсто се темели на Божјата реч. Да, со љубезна поддршка и исправно водство, тие можат да направат најдобро што можат во таа ситуација.c Абортусот едноставно не е решение!

[Фусноти]

a Некои имиња се изменети.

b Секоја жена која во минатото згрешила и абортирала нероден живот не мора да заклучи дека сѐ е изгубено. Таквите можат да бидат уверени дека Јехова ги поддржува покајничките грешници и ‚простува во голема мера‘ (Исаија 55:7, НС). Иако емоционалните лузни можат да останат, псалмистот нѐ уверува: „Колку е далеку исток од запад, толку ги оддалечил Он од нас нашите беззаконија“ (Псалм 102:12).

c Види Стражарска кула од 15 септември 1980 (англ.): „Борбата на самохраните родители во денешниов свет“. Види исто така „Младите прашуваат . . . Како можат невенчаните мајки да направат најдобро што можат во својата ситуација?“ во изданието на Разбудете се! од 8 октомври 1994 (англ.).

[Слика на страница 26]

Момчињата честопати се обидуваат да извршат притисок врз девојките да абортираат

    Публикации на македонски јазик (1991 — 2025)
    Одјави се
    Најави се
    • македонски
    • Сподели
    • Подесување
    • Copyright © 2025 Watch Tower Bible and Tract Society of Pennsylvania
    • Услови за користење
    • Полиса за приватност
    • Поставки за приватност
    • JW.ORG
    • Најави се
    Сподели