Илустрирани списанија — „Одбери ме и купи ме!“
ЕНЕ ги, разнобојни и блескави, се натпреваруваат кое повеќе ќе Ви го привлече вниманието. Не сте ни помислувале да застанете за да ги погледнете, ама сега Ве привлекуваат нивните бои. Илустрираните списанија наредени во киоскот како да велат: „Одбери ме и купи ме!“ И додека општо земено можеби е вистина дека една книга не може да се процени според нејзините корици, мора да се признае дека сликите на насловните страници на илустрираните списанија имаат посебен ефект врз идните купувачи. Во многу земји, овие списанија го преплавуваат пазарот и постои голема конкуренција за продажба.
Списанијата можат да се поделат на две главни категории: стручни списанија и списанија за пошироката публика. Во вториве навидум се обработуваат речиси секакви теми, но сепак, целта на издавачите е насочена кон одредени групи на читатели. Списанијата се разликуваат од весниците по обликот и содржината, не се толку големи и се печатат на поквалитетна хартија, па затоа обично имаат блескава површина, која е толку привлечна за купувачот. Во својата содржина списанијата обично не се грижат толку за минливите настани и вести како што се грижат весниците. За нив работат најразлични пишувачи и во нив се обработуваат најразлични информации и мислења. Исто така, во нив има различни стилови на пишување, тргнувајќи од извештаи во кои се изнесуваат факти, па сѐ до теми од поприватна или поемоционална природа.
Додека стоите гледајќи го излогот на киоскот, без сомнение неколку работи ќе Ве водат во изборот или ќе Ви помогнат дури и да одлучите дали да купите некое списание или не. Се разбира, големо влијание ќе има тоа дали сте маж или жена, што Ве интересира Вас лично и, над сѐ, можеби цената на списанието. Да, илустрираните списанија можат да бидат многу скапи, можеби три или четири пати поскапи од некој весник. Сепак, денешниот весник брзо ќе биде заменет со утрешниот, додека списанието нема да застари толку брзо. Списанието што ќе го изберете може да се чита опуштено и можеби ќе го чувате со недели или со месеци, а можеби и ќе му го дадете на некој друг. Понекогаш библиотеките сакаат да имаат постари броеви од списанија, а некои списанија еден ден ќе имаат и колекционерска вредност.
Дали вредат?
Сѐ разбира, лична работа е тоа дали мислите дека илустрираните списанија вредат за цената што ја имаат. Главната причина за нивната релативно висока цена е тоа што е прилично скапо да се произведат. Издавачот мора темелно да го испита пазарот пред да лансира ново списание на веќе преплавениот пазар. Во денешно време има здружени компании што објавуваат и печатат 30 или повеќе различни списанија и користат своја печатница. Па сепак, имаат големи издатоци бидејќи за секоја публикација е потребен посебен персонал.
Ако ја погледнете втората страница од некое списание за поширока публика, ќе се изненадите кога ќе видите колку уредници и менаџери се потребни. Секој од нив се грижи за различно обележје што е вклучено во содржината, и секој си има свој персонал. Попрочуените списанија обично имаат свои сопствени новинари и фотографи, иако многу од нив работат независно преку некоја агенција, што значи дека мораат да бидат ангажирани редовно или хонорарно.
Целиот материјал што го поднесуваат новинарите потоа го проверуваат коректорите. Голем дел од тој материјал е повторно напишан или барем во извесна мера изменет од страна на уредникот. Сликите сочинуваат голем дел од илустрираните списанија, па затоа се потребни и графички дизајнери. Составувачите ја започнуваат работата на општиот изглед, одлучувајќи што ќе содржи секоја страница. Текстот и илустрациите мораат да се презентираат на таков начин што ќе го привлечат читателот и постепено ќе го водат низ страниците. Повеќето издавачки куќи користат прирачник во кој се изнесени термините и стиловите што треба да се користат во нивните публикации. Конечната одговорност лежи врз главниот уредник. Тој ќе мора да донесува одлуки на лице место за да не задоцни публикацијата. Ќе биде подготвен еден прелиминарен примерок за да го разгледа поискусниот персонал пред да се отпечати списанието.
Во трошоците се вклучени печатењето и дистрибуирањето, како и платите на вработените. Бидејќи нема да се продадат сите отпечатени примероци, продавачите обично земаат списанија на големо со можност да ги вратат непродадените броеви. Во право сте ако мислите дека продажната цена не ги покрива трошоците за производство. Всушност, едно просечно списание за пошироката публика не би можело да опстане на пазарот ако голем дел од неговата содржина не се посвети на реклами. Едно недамнешно меѓународно илустрирано списание од 200 страници имало преку 80 страници полни со реклами. Оние што рекламираат сфаќаат дека на квалитетната блескава хартија и со четирибојното печатење нивните производи најдобро ќе дојдат до израз.
Во Австралија се проценува дека секој поединец, во просек, ќе потроши 1,2 минути на ден читајќи некое списание. Во споредба со тоа, се проценува дека 1,1 минута на ден се троши на кино или 0,7 минути на слушање касети со музика. Без сомнение, тоа е една причина зошто списанијата се исплатливо средство за рекламирање.
Зошто се привлечни
Иако не можеме да го разгледаме секое списание што се издава, можеме накратко да ги разгледаме списанијата за жени. Во поново време на удар беше нивната содржина бидејќи некои луѓе сметаат дека тие се сосема во ред, додека други мислат дека тие списанија ги искористуваат жените. Тие сигурно создаваат возбуда и гламур, што придонесува за нивна продажба. Меѓутоа, во последниве неколку години списанијата за жени претрпеле промена. Во некои од списанијата во кои порано имало само теми за домот сега има повеќе статии за славни личности. Популарни станаа и статии за здравјето. Порано жените многу ги сакале кусите раскази и продажбата се зголемувала со статиите што излегувале во продолженија. Но, сега само во мал број илустрирани списанија излегуваат куси раскази и продолженија.
Зошто денес луѓето купуваат илустрирани списанија? Она што се појавува на насловната страница како да извикува „Одбери ме и купи ме!“ Ако на насловната страница е прикажана жена, таа мора да биде славна или убава. Манекенката на насловната страница исто така мора да биде млада и со вита става, а фотографиите се разубавуваат со помош на дигитално ретуширање. А што е со текстот на насловната страница? Се разбира, тој мора да се разликува во зависност од возраста и животниот стил на публиката за која се наменети списанијата. Насловната страница на некои списанија ја истакнува модата; други нудат наградни добивки. Насловната страница честопати покажува што има внатре во списанието.
Можат ли овие списанија да влијаат врз нас?
Издавачите на списанијата тврдат дека знаат што сакаат жените. Исто така, точно е дека вршат обемно истражување на пазарот за да откријат што сакаат жените општо земено. Но, на место е да се постави прашањето: ‚Дали тие задоволуваат некоја потреба што навистина постои или, пак, самите тие создале некоја потреба за да ја задоволат?‘ Да разгледаме на кои начини многу илустрирани списанија за жени го обликуваат размислувањето на луѓето. Како прво, постојано се известува за животот и мислењата на славните личности. Можеби луѓето сакаат да го читаат токму тоа, но можно ли е зад тоа да се кријат некои опасности? Во своето истражување About Face, Џонатан Кол, клинички неврофизиолог на Универзитетот Саут Хемптон во Англија, предупредува дека, кога знаете нечиј лик без да ја познавате неговата личност или без да го чуете неговиот глас, може да се создаде вештачка блискост. На ова додадете го и обемот на информации што се пишуваат за славните личности, што можеби ја објаснува современата појава на длабока жалост на јавноста поради смртта на луѓе што не ги познавале, но чии фотографии често ги гледале во илустрираните списанија. Се разбира, тоа чувство на блискост можат да го зголемат и извештаите на телевизија и во весниците.
Друга работа што се разгледува во моментов е потенцијалот на списанијата да влијаат врз ставовите на жените кон она што се смета за прифатлив изглед на телото. Иако во различни земји мерилата се разликуваат, општата порака што доаѓа од тековните списанија за жени во развиените земји е дека е актуелно жените да бидат слаби. Имаше остри критики од некои просветни работници, родители, па дури и од самите манекенки, кои велат дека сликите што постојано се прикажуваат во илустрираните списанија за жени мора да носат барем дел од вината за порастот на нарушувањата во исхраната и тоа што жените постојано држат диети — особено младите жени.
За да ја провери валидноста на таквите тврдења, едно австралијанско издание на едно меѓународно списание спроведе анкета меѓу своите читатели и замоли група стручњаци да дадат свој коментар за добиените резултати. Учествувале преку 2.000 жени, а 82 проценти од нив биле на возраст од 16 до 29 години. Била консултирана табела на препорачана телесна тежина — односно, тежина што одговара на височината, возраста итн. Околу 60 проценти од жените мислеле дека имаат прекумерна тежина, иако само 22.6 проценти биле потешки од препорачаното. Иако 59 проценти од оние што имале помала од препорачаната тежина мислеле дека се во границите на нормалната тежина, 58 проценти од оние што биле со нормална тежина мислеле дека имаат преголема тежина. Само 12 проценти биле задоволни со својата тежина. Некои ја критикувале табелата што ја дал Одделот за здравство на австралијанскиот комонвелт, тврдејќи дека во неа се дадени прешироки граници на тежина за секоја височина. Освен тоа, 67 проценти признале дека постојано им завидуваат на другите жени на нивното тело, а секоја 8-ма признала дека во моментот има или некогаш имала компулзивно нарушување во исхраната.
Фиона Пели, нутриционистка од таа група, рекла: „Очигледно е дека тежината станува еден од главните приоритети во животот на жените“. А д-р Џенис Расел, директор на една клиника за нарушувања во исхраната во Сиднеј, коментирала: „Уште поштетно е тоа што [во анкетата] преовладуваат чувствата како што се вината и зависта. Не е здраво цело време да се доживуваат такви чувства“.
Меѓутоа, најзначајно откритие беше тоа што, иако некои од анкетираните признале дека ги имитираат филмските ѕвезди, 72 проценти рекле дека најмногу им влијаеле манекенките што се појавуваат во списанијата. Една млада жена, која побарала помош во клиника за исхрана, рекла дека се гордее со своите 55 килограми, но признала: „Сѐ уште чувствувам притисок од медиумите, списанијата и славните личности“. До слични резултати дошле и други анкети што биле спроведени во други места.
Две сосема поинакви списанија
Едно од најдобрите и најинформативни списанија што постојат е она што го држите в рака, Разбудете се! Не сте го купиле од киоск — можеби Ви го понудил некој минувач или некој Ви го донел дома. Ова списание се нуди бесплатно, а го издаваат, го печатат и го дистрибуираат доброволци низ целиот свет. Дописниците на Разбудете се! испраќаат статии од целиот свет. И тие се доброволци, како и сите уметници и преведувачи. Списанието Разбудете се! првпат се појавило во 1946 на англиски јазик. Пред него се издавале Утеха и Златен век, кое почнало да се објавува во 1919 година. Овие списанија отсекогаш се издавале без никакви платени реклами. Разбудете се! во моментов се печати на 87 јазици, многу од нив двапати месечно, и има тираж од преку 22 милиони примероци во целиот свет.
Стражарска кула, која е придружно списание на Разбудете се!, има уште поимпресивна историја и сега се печати на 148 јазици. Стражарска кула сега се печати со преку 25 милиони примероци од секој број и се издава од 1879. Овие две списанија многу придонеле за да се информираат луѓето во врска со важни работи во нивниот живот, и тие се интересни за мажи, жени и млади луѓе во целиот свет.
Сите треба да размислуваме за тоа дека не сме родени со знаење. Мудроста и знаењето се стекнуваат додека растеме и се развиваме, и честопати нашите гледишта се формираат и нашиот животен стил се развива како резултат на она што го читаме. Затоа е толку важно да избираме корисен и изградувачки материјал за читање.
[Слика на страница 25]
Списанијата можат да влијаат врз ставовите во врска со изгледот на телото
[Слика на страница 26]
Иако не се како другите илустрирани списанија, Стражарска кула има тираж од преку 25 милиони примероци на 148 јазици, а Разбудете се! има тираж од преку 22 милиони примероци на 87 јазици