Увид во внатрешноста на телото — без операција
БЛАГОДАРЕНИЕ на напредокот на полето на информатиката, математиката и науката, за некои болести лекарите можат да постават дијагноза без оперативен зафат. Освен рендгенските снимки, кои се во употреба повеќе од 100 години, им стојат на располагање и други техники, како што се компјутеризираната аксијална томографија (CT), томографија со емисија на позитрони (PET), магнетна резонанција (MRI) и ултрасонографија, односно ултразвук.a Како функционираат овие техники, колку се опасни по здравјето и каква е користа од нив?
Рендгенско снимање
Како функционира? Рендгенските зраци имаат пократка бранова должина отколку видливата светлина и можат да продрат низ телесните ткива. Кога се прави рендгенски преглед на извесен дел од телото, густите ткива, како што се коските, ги апсорбираат зраците, и на снимката (радиографот) можат да се видат како светли места. Меките ткива се оцртуваат со нијанси на сива боја. Рендгенските зраци обично се користат за да се дијагностицираат проблеми и болести поврзани со забите, коските, дојките и градниот кош. За да го зголеми контрастот меѓу некое меко ткиво и сличните ткива во близина, лекарот му става на пациентот инјекција со контрастно средство директно во крвотокот. Денес, ваквите снимки сѐ почесто се прават дигитално и се анализираат на компјутерски екран.
Можни опасности: Има мали шанси да се оштетат некои клетки и ткива, но опасноста обично е многу мала во споредба со користа.b Жените што се сомневаат дека се бремени треба да му го кажат тоа на лекарот пред да се изложат на рендгенски зраци. Контрастните средства, како што е јодот, може да предизвикаат алергиски реакции. Затоа, ако си алергичен на јод или на морска храна, која содржи јод, информирај го лекарот или техничарот.
Корист: Рендгенското снимање трае кратко, обично е безболно, релативно е евтино и прилично е едноставно. Затоа е од голема корист при мамографија и итно дијагностицирање. Во телото не остануваат радиоактивни елементи откако ќе се направи снимката и обично нема несакани дејства.c
Компјутеризирана томографија
Како функционира? Компјутеризираната томографија (CT) е процес при кој се врши посложено и поинтензивно рендгенско зрачење при кое се користат посебни сензори. Површината на која лежи пациентот се движи низ еден тунел во апаратот. Снимките се добиваат со помош на многубројни тенки зраци и детектори кои ротираат 360 степени околу телото на пациентот. Овој процес би можел да се спореди со сечење леб на многу тенки парчиња и фотографирање на секое парче. По компјутерската обработка на овие „парчиња“, лекарите добиваат детален увид во внатрешноста на телото на пациентот. Најновите апарати го скенираат телото во спирала, со што процесот се забрзува. Бидејќи снимката добиена преку компјутерска томографија е многу детална, оваа метода обично се користи при преглед на градниот кош, абдоменот и скелетот, како и при дијагностицирање на различни видови рак и на други заболувања.
Можни опасности: При компјутеризираната томографија се применува посилно рендгенско зрачење, што со себе носи мал, но значаен ризик за добивање рак. Тоа треба да се земе предвид кога се размислува за ваков преглед. Некои пациенти имаат алергиска реакција на контрастните средства (кои честопати содржат јод), а кај други може да дојде до оштетување на бубрезите. Доилките можеби нема да смеат да го дојат своето дете најмалку 24 часа откако ќе добијат контрастно средство.
Корист: Компјутеризираната томографија е безболна, неинвазивна техника со која се добиваат прецизни податоци што преку компјутерска обработка можат да се претворат во тродимензионални снимки. Снимањето е прилично едноставно, трае релативно кратко време и може да спаси живот бидејќи им овозможува на лекарите да откријат внатрешни повреди. Ваквите апарати не влијаат врз вградените медицински помагала.
Томографија со емисија на позитрони
Како функционира? За да се изврши томографија со емисија на позитрони (PET), во телото на пациентот најпрво се вбризгува природно соединение, кое го има и во телото (најчесто глукозата), врзано со некоја радиоактивна состојка. Сликата што се добива е резултат од емисијата на позитроните — позитивно наелектризираните честици — од радиоактивните супстанции во ткивата. Ваквата техника се заснова на фактот дека канцерогените клетки користат повеќе глукоза отколку нормалните, што значи дека апсорбираат поголем дел од радиоактивната состојка. Затоа, во болното ткиво доаѓа до поголемо зрачење, кое на крајната снимка се гледа во поинаква боја или нијанса на сиво.
За разлика од компјутеризираната томографија и магнетната резонанција, кои ја откриваат формата и структурата на органите и ткивата, PET покажува како тие функционираат, што овозможува промените да се откријат во поран стадиум. Оваа техника може да се користи во комбинација со компјутеризираната томографија бидејќи, со преклопување на овие снимки, се гледаат повеќе детали. Меѓутоа, PET може да даде погрешни резултати ако пациентот јадел извесно време пред да оди на снимање или ако има премногу или премалку шеќер во крвта, можеби поради дијабетес. Освен тоа, бидејќи радиоактивноста на состојката трае прилично кратко време, многу е важно снимањето да се изврши во одредениот период.
Можни опасности: Зрачењето е слабо бидејќи радиоактивната состојка се користи во многу мали количини, а и самата радиоактивност трае кратко време. Сепак, тоа може да претставува опасност за еден фетус во развој. Од таа причина, жените кои се сомневаат дека се бремени треба за тоа да ги информираат лекарот и персоналот што го врши снимањето. Жените што се способни да раѓаат можеби ќе треба да дадат примерок од крвта или од урината за да им се направи тест за бременост. Ако PET се врши во комбинација со компјутеризирана томографија, треба да се земат предвид можните опасности поврзани и со оваа техника.
Корист: Бидејќи преку PET може да се види не само формата на органите и ткивата туку и дали добро функционираат, со оваа техника може да се откријат проблеми уште пред да се утврди промена на структурата на ткивото со помош на компјутеризирана томографија и магнетна резонанција.
Магнетна резонанција
Како функционира? При магнетната резонанција (MRI) се користи силно магнетно поле во комбинација со радиобранови (наместо рендгенски зраци) и компјутер. Се добиваат многу прецизни снимки од речиси секој дел од внатрешноста на телото. Резултатите им помагаат на лекарите да ги прегледаат детално деловите од телото и да постават дијагноза на начин што е невозможен кај другите техники. На пример, магнетната резонанција е една од малкуте методи што овозможуваат да се гледа низ коските, поради што е одличен начин да се изврши преглед на мозокот и на други меки ткива.
Во текот на снимањето, пациентот треба да мирува. Некои луѓе доживуваат клаустрофобија бидејќи снимањето се врши додека пациентот минува низ еден прилично мал тунел во апаратот. Меѓутоа, неодамна беа направени отворени апарати за магнетна резонанција наменети за плашливи или крупни пациенти. Се разбира, во просторијата за снимање не е дозволено да се внесуваат никакви метални предмети како пенкала, часовници, накит, шноли, метални патенти, како и кредитни картички и други предмети осетливи на магнет.
Можни опасности: Ако се користи контрастно средство, постои мала опасност од алергиска реакција. Сепак, овие средства не се толку опасни како супстанциите врз база на јод кои обично се користат при рендгенско снимање и компјутеризирана томографија. Други опасности поврзани со магнетната резонанција засега се непознати. Меѓутоа, поради ефектот на силното магнетно поле, на пациентите со вградени медицински помагала или сраснати метални делчиња како последица од повреда можеби нема да им се дозволи да одат на магнетна резонанција. Затоа, ако ти ја препорачуваат оваа дијагностичка техника, а имаш ваков проблем, информирај ги за тоа лекарот и техничарот.
Корист: При магнетна резонанција не се применува зрачење кое може да биде опасно по здравјето. Оваа техника е од голема помош при откривање на аномалии на ткивото, особено ако се наоѓа во или зад некоја коска.
Ултразвук
Како функционира? Ултразвук, или ултрасонографија, се изведува со помош на еден вид сонар што користи звучни бранови што не може да ги чуе човечкото уво. Кога брановите ќе наидат на ткиво со поинаква густина — на пример, некој орган — настанува ехо. Компјутерот го анализира ехото и ги открива дводимензионалните или тродимензионалните карактеристики на органот како што се длабочината, големината и формата. Нискофреквентните бранови овозможуваат да се видат повнатрешните делови од телото, а со помош на ултрависока фреквенција може да се анализираат органите на површината на телото, како што е окото, или некои слоеви од кожата, што може да помогне при дијагностицирање на рак на кожата.
Најчесто, медицинското лице што го врши прегледот користи сонда. Откако ќе ја премачка кожата со проѕирен гел, поминува со сондата преку местото што го прегледува, и на компјутерскиот екран веднаш може да се види слика. Кога е неопходно, со мала сонда може да се направи преглед преку некој природен телесен отвор за да се снимат подетално некои внатрешни делови од телото.
Со помош на т.н. Доплерова ултрасонографија може да се следат и движења, поради што оваа техника се користи за испитување на крвотокот. Ова помага да се откријат промени во органите и тумори, кај кои има необично голема концентрација на крвни садови.
Ултрасонографијата им помага на лекарите да дијагностицираат најразлични заболувања и да ги утврдат главните причинители за симптомите — од аномалии на срцевиот залисток до грутки на дојката, како и здравствената состојба на неродено дете. Но бидејќи ултразвучните бранови не можат да продрат низ гас, оваа технологија има и свои ограничувања кога се применува на одредени делови од абдоменот. Освен тоа, снимката честопати не е толку прецизна како кај радиографијата и кај други техники.
Можни опасности: Иако ултразвукот обично се смета за безбеден кога се користи на исправен начин, тој претставува облик на енергија и може да ги оштети ткивата, како кај возрасни така и кај неродени деца. Според тоа, ултразвучното снимање во текот на бременоста не е апсолутно безопасно.
Корист: Потребната технологија е нашироко достапна и релативно евтина. Освен тоа, снимката може да се гледа во моментот.
Идни дијагностички техники
Главна цел на истражувањата кои се вршат моментално е да се подобри технологијата што веќе постои. На пример, истражувачите работат на апарати за магнетна резонанција со многу послабо магнетно поле од сегашните, со што значително се намалува трошокот. Во тек е усовршувањето на една нова техника позната како молекуларно визуализирање, која е осмислена да може да ги открива промените во телото на молекуларно ниво, со што болеста ќе може многу рано да се открие и да се лекува.
Овие дијагностички техники ја намалија потребата од многу болни, ризични, па дури и непотребни оперативни прегледи. А кога преку снимање рано ќе се открие и ќе се излечи некоја болест, исходот може да биде уште подобар. Меѓутоа, опремата е скапа — некои апарати чинат повеќе од милион долари.
Се разбира, многу е подобро болеста да се спречи отколку да се открива и да се лечи. Затоа, труди се да го одржуваш здравјето преку здрава исхрана, редовно вежбање, доволно одмор и позитивно гледиште. Во Изреки 17:22 стои: „Веселото срце дејствува добро како лек“.
[Фусноти]
a Томографијата е техника при која се прават тродимензионални снимки на внатрешноста на телото. Зборот доаѓа од грчките зборови томо, што значи „резен“ или „слој“, и графин, што значи „пишува“.
b Види ја рамката „Колкаво е зрачењето?“
c Оваа статија дава само општ преглед на неколку техники за снимање на внатрешноста на телото, како и на можните опасности и користа од нив. Подетални информации ќе најдете во стручна литература или ако се обратите на радиолог.
[Рамка на страница 13]
КОЛКАВО Е ЗРАЧЕЊЕТО?
Секојдневно сме изложени на некаква радијација, сеедно дали се работи за космичкото зрачење или од природни радиоактивни супстанции како што е гасот радон. Следнава споредба може да ти помогне да процениш колкава опасност претставуваат одредени медицински прегледи. Проценките се изразени во милисиверти (mSv).
Петчасовен лет со комерцијален авион: 0,03 mSv
Десет дена природна радијација: 0,1 mSv
Едно снимање на стоматолошки рендген: 0,04-0,15 mSv
Едно рендгенско снимање на градниот кош: 0,1 mSv
Еден мамограм: 0,7 mSv
Една компјутеризирана томографија на градниот кош: 8,0 mSv
Ако ти треба преглед, немој да се колебаш да го прашаш лекарот или радиологот да ти каже конкретно на колкаво зрачење ќе бидеш изложен или за нешто друго што те загрижува.
[Слика на страница 11]
Рендген
[Слика на страница 12]
CT
[Извор на слика]
© Philips
[Слика на страница 12]
PET
[Извор на слика]
Со љубезна дозвола на Alzheimer’s Disease Education and Referral Center, служба при the National Institute on Aging
[Слика на страница 13]
MRI
[Слика на страница 14]
Ултразвук