Мудрост потребна за живот во еден сложен свет
„[Бог] му дава мудрост, сознавање, радост на оној што Му е по волјата“ (ПРОПОВЕДНИК 2:26).
НЕ Е мал предизвик да се донесуваат мудри, етички здрави одлуки во свет на сѐ посложена медицина и технологија. Да го разгледаме неодамнешниот развој на настаните што предизвика полемика. Денес жените можат да прекинат несакана бременост со тоа што едноставно ќе земат „утринска пилула“. Научниците ја пробиле генетичката бариера, што им овозможило да прават генетички инженеринг на растенија и животни. Лабораториите „се грабаат“ по човечки ембриони за да дојдат до скапоцените матични клетки, за кои многу луѓе се надеваат дека ќе предизвикаат медицинска револуција.
Ваквите обиди да се манипулира со природата предизвикуваат нервоза и страв кај многу луѓе, а да не зборуваме за моралната или етичката збунетост. Овие последици нѐ потсетуваат на библиските зборови: „Патот на човекот не е во неговата власт . . . човекот, кој што оди не може да ги управува своите чекори“ (Еремија 10:23). Да, исто како што на децата им е потребно водство од родителите, на сите луѓе им е потребна помош од нашиот небесен Татко за да чекорат мудро (Пословици 1:33).
Мудрост од послушноста на Бог
Ние го слушаме Бог на тој начин што ја читаме и применуваме неговата пишана Реч. Точно, Библијата не дискутира конкретно за сите сложени медицински и научни прашања со кои се соочуваме денес. Сепак, нејзините начела, кои остануваат засекогаш, можат да ни помогнат да дојдеме до исправни заклучоци (1. Петрово 1:15).
На пример, да размислиме за дебатата во врска со човечките ембрионални матични клетки. Како што видовме, тие се добиваат по цена на жив ембрион. Во поглед на етичкиот конфликт до кој води ова, Френсис Колинс, директор на Државниот институт за истражување на човечкиот геном во Соединетите Држави, рекол: „Тоа е класичен пример на судар меѓу два многу важни принципа. Едниот е светоста на човечкиот живот, а другиот е нашата силна обврска како човечки суштества да го олесниме страдањето и да ги излекуваме страшните болести . . . Многу луѓе мислат, и тоа оправдано, дека ваквото истражување си зема преголема слобода со концептот за светоста на човечкиот живот, на тој начин што се манипулира со клетки добиени од човечки ембрион“.
Библијата ни помага во ова сложено прашање откривајќи ни го Божјето гледиште за неродените деца. Ако некој човек повредел бремена жена во древниот Израел и како последица од тоа умреле или таа или нејзиното неродено дете, во Божји очи тој човек бил одговорен за убиство. Тој морал да плати „живот за живот“a (Излез 21:22, 23). Оттука можеме да заклучиме дека за Творецот е свет секој човечки живот, вклучувајќи го и животот на нероденото дете. Всушност, Бог почнува да се интересира за нас додека сме сѐ уште во утробата, како што ни открива псалмистот: „Твоите очи го видоа мојот зародишок, веќе сѐ беше запишано во твојата книга“ (Псалм 139:16).
И покрај големиот напредок во техниката што го постигнал човекот, Библијата ни помага да имаме урамнотежен, реалистичен став кон луѓето и нивните достигнувања. Таа вели: „Не надевајте се на кнезовите, ниту во човечки син, од кого нема спасение! Ако излезе духот од него, тој се враќа во својата земја, и во тој ден пропаѓаат сите негови мисли“ (Псалм 146:3, 4). За некои оваа изјава можеби има призвук на песимизам. Но, дали навистина е така? Зарем тоа не е само отворено изнесен факт? Да, навистина, затоа што ни најспособниот човек не може да ги спречи кај себе стареењето, болеста и, на крајот, смртта — а камоли да го спречи тоа кај другите.
Меѓутоа, Творецот ги нема нашите ограничувања. Освен тоа, тој има моќ да ‚спаси‘ и има желба да го стори тоа. Исус рекол: „Бог толку многу го љубеше светот што го даде својот единороден Син за секој кој практикува вера во него, да не биде уништен, туку да има вечен живот“ (Јован 3:16). За да ни даде основа да ‚практикуваме вера‘, додека бил на земјата Исус ги излекувал сите болни и хендикепирани лица што доаѓале кај него. Па тој дури и воскреснувал мртви! (Лука 7:21, 22).
Исусовите постапки даваат претслика на Божјата голема програма на лекување, која ќе започне кога неговото Царство ќе ја преземе целосната власт над земјата. Токму тоа го бараат луѓето кога ја кажуваат молитвата Оченаш, како што обично се нарекува таа. Всушност, само преку Божјето Царство — Божјата небесна влада во рацете на Исус Христос — Божјата волја ќе се извршува овде на земјата (Даниел 2:44; Матеј 6:9, 10).
Дали овие библиски ветувања Ви влеваат надеж? И, дали сакате да сторите сѐ што можете за да му угодите на Бог денес на тој начин што ќе го стекнете неговото гледиште за многуте тешки прашања со кои се соочуваме? Ако да, Ве охрабруваме да ја слушате и да обрнете внимание на Божјата реч. Таа навистина е мудрост што е потребна за живот — да, за вечен живот (Јован 17:3; 2. Тимотеј 3:16).
[Фуснота]
a Некои аргументирале дека овој закон се однесува само на насилство извршено врз мајката. Меѓутоа, оригиналниот хебрејски текст покажува нешто друго. Ценетите библиски изучувачи К. Ф. Кајл и Ф. Делич велат дека поради начинот на изразување во хебрејскиот текст „изгледа е невозможно овие зборови да се однесуваат само на повреди нанесени на жената“. (Видете го англиското издание на Стражарска кула од 1 август 1977, страница 478.)
[Слики на страница 10]
Библијата дава водство денес и сигурна надеж за совршено здравје во иднина